Моите средби со Лазар Мојсов

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (9)

Малку потсмирен, патував за Белград во кола за спиење. Појдов во кабинетот на Лазар Мојсов. По пат ми доаѓаше на ум мисла дека има причини зошто токму таа година беше објавен тој мој текст во „Борба“. Знаев дека Иво Ловриќ, главниот уредник, Хрват, е југословенски определен и цврсто приврзан на демократските процеси во земјата. Се прашував само дали Иво Ловриќ сам решил токму тогаш да го објави текстот или постојат и други моќни центри во земјата што го поттикнале или го наговориле да го стори тоа. Очекував во разговорот со Мојсов да го проверам и ова размислување.
Се прашував дали овој повик, да се види со мене, е дел од таква атмосфера. Знаев што ме чека – прашањето на општествениот капитал веќе не беше прашање за дискусија. Тоа е императивно барање на практиката, само не ми беше јасно колку таа објективна околност е сфатена и прифатена од врвот на државата. Ми беше важно дали во разговорот Мојсов ќе почне со отворање на таа државна тема или повикот е поврзан со мојата функција претседател на парламентарната комисија за подготвување на платформата за решавање на општествено-економските и социјалните проблеми на Косово. Со тие размислувања влегов во кабинетот на Лазар Мојсов. Го видов загрижен и некако налутен. Ми падна напамет дека Мојсов е под притисок во врска со Косовската платформа. Прашањето на општествениот капитал во тој момент не го преокупираше. Така излезе работата.
– Столе, каде си? Те снема. Две недели никој не може да те најде – почна Мојсов.
Му објаснив зошто, ете така, исчезнав. Му реков дека од мене на седницата на ЦК СКЈ, посветена на косовското прашање, се бараше да го дополнам текстот на Платформата, кој веќе беше упатен во Собранието на Југославија, да прифатам да се додаде воведување вонредна состојба, а ако треба, и воена управа на Косово. И така дополнетиот документ да го усвојат двата собора на Собранието на СФРЈ. Објаснив дека кога го слушнав тоа од Орландиќ и сосема јасно од Панчевски, решив да си одам во Скопје и дека ја напуштив седницата на ЦК СКЈ.

– Сето време, од почнувањето на преговорите со ЕЗ, во јуни 1978 година, до овој момент, кога станува збор за Платформата, наполно сум убеден дека на Запад се очекува да покажеме знак за демократизација на состојбите во Југославија, да отвориме процес на унапредување на човековите права. Ова барање на седницата на ЦК СКЈ, упатено до мене од Орландиќ и Панчевски, беше целосно против моите размислувања и принципите на кои сум приврзан. Апсолутно не верувам дека воведувањето вонредна состојба, а потоа и воена управа на Косово, ќе ги зголеми изгледите за напредок на демократизацијата не само на Косово туку и во Југославија. Затоа, во едно очајно расположение, не гледав никаква можност за тоа и заминав од седницата на ЦК СКЈ дома во Скопје, не чекајќи да заврши таа седница – му појаснив на Мојсов.
– И сега, – рече Лазар Мојсов, – што мислиш да правиш?
– Знам дека ова што се очекува и се бара од мене нема да го направам. Најверојатно ќе дадам оставка од функцијата претседател на Комисијата што ја подготви Платформата. Ако тоа не е доволно, ќе дадам оставка и од пратеничката функција.
Мојсов ми изгледаше многу изненадено, како воопшто да не очекувал ваква моја реакција.
– Не треба да постапиш така. Со тоа, настрана сѐ друго, многу ќе ја влошиш положбата на Македонците во Федерацијата, а и на СРМ во целина – ми возврати.
По оваа негова изјава, настана молк. Не знаев што да кажам. Кажав сѐ што мислев. Тој веројатно сакаше да повлијае врз мене да го сменам ставот. Слушна што му одговорив и видов како да се замисли.

Го видов загрижен и некако налутен. Ми падна напамет дека Мојсов е под притисок во врска со Косовската платформа. Прашањето на општествениот капитал во тој момент не го преокупираше. Така излезе работата

– Остaвка никако да не даваш! Навистина, многу опасно ќе биде ако дадеш оставка. Ако за тебе е неприфатливо да го внесеш предлогот за воведување вонредна состојба, со можност и за воена управа на Косово во Платформата, тогаш дозволи ми да преземам нешто што ќе ја смири ситуацијата – предложи.
Не знаев на што мисли, но бев сигурен дека го сфати мојот став. Потоа ја зеде слушалката од телефонот. Го побара министерот за надворешни работи на СФРЈ, Будимир Лончар.
– Леко (така го ослови затоа што Лазар и Лончар долго време беа соработници и блиски пријатели), имаш ли празно амбасадорско место?
– Имам.
– Каде?
– Во Рим.
– Тогаш, чувај го!
– Од кога?
– Втората половина на јануари. Чувај го местото.
Со тоа нивниот разговор заврши. Тогаш Лазар Мојсов одново се сврте кон мене.
– Никако да не даваш оставка. Тоа може да биде многу непријатно за нас, Македонците, и за Македонија, но и за тебе.
Потоа посмирено ми рече:
– Ќе одиш во јануари во Рим како амбасадор. Во Ватикан постојат илјадагодишни документи, дури од времето на Кирил и Методиј, на цар Самуил, од целиот среден век. До тие документи во библиотеката во Ватикан уште никој Македонец немал пристап и не ни се познати. Како амбасадор во Италија, ќе имаш можност да истражуваш во Ватиканската библиотека. Ќе се обидеш да изградиш пријателски односи со надлежните, за да можеш да ги проучиш тие периоди.

Нам, на Македонците, еден ден тоа ќе ни биде многу важно. А и мене ќе ми биде полесно во Претседателството на СФРЈ да објаснам зошто треба Андов, како Македонец, да биде амбасадор во Рим, каде што досега немало амбасадор Македонец, дека ние Македонците имаме посебни национални интереси за тоа место. За да се оствари ова, потребно е веднаш да преминеш на работа во Сојузниот секретаријат за надворешни работи. Тогаш министерот за надворешни работи, Лончар, ќе го извести Собранието дека веќе си преземен во Сојузниот секретаријат за надворешни работи. Со тоа, во истиот момент, според Уставот и законите, ти престанува функцијата пратеник и си ослободен од обврските за преработка на платформата што ја подготви комисијата со која раководиш. Таа работа ќе ја заврши некој друг. Ти, што велиш? – ме праша.
– Добро, тоа ме ослободува барем од оваа задача, која никако не сакам да ја извршам. И твоите аргументи во однос на Ватиканската библиотека се во ред, – одговорив.

(Утре: Престојот во Багдад)