Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.
ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (4)
Се случија, значи, некои навистина катастрофално лоши работи за ФЕНИ – нагло паднаа цените од седум илјади долари од тон никел на 2.800 долари, што беше далеку под планираното. Тоа ФЕНИ веднаш го направи нерентабилен, потоа ФЕНИ сѐ уште не беше довршен, втората печка не беше готова, не се направи железница од Кукуречани до ФЕНИ, за рудата немаше транспорт, беше само купена подвижна лента за да се транспортира 20-30 км рудата од два милиони тони годишно. Меѓутоа, се покажа дека таа лента не функционира, РЕК „Битола“ бавно се градеше, а за третиот погон на РЕК „Битола“ се договаравме со Русија како да се доврши изградбата и да потпишеме договор за испорака на опремата. А имаше и внатрешни проблеми во ФЕНИ. Посебен проблем беше што за ФЕНИ требаа минимум 400 милиони киловат-часа струја годишно, а беше довршена работата, но можеше да работи само една од трите предвидени електрани на РЕК.
Централата во Неготино, со моќност од 210 мегавати, колку еден од блоковите на РЕК, беше правена и со дел сојузни средства. Имаше и функција на резервна моќност, кога ќе испадне електроенергетскиот систем каде и да е во Југославија. Како што реков, струја немаше во Македонија цела таа година и следната, па и трета година од нашиот мандат во Владата на РМ. Сепак, мораше да се активира електраната во Неготино, не за ФЕНИ туку за општите потреби во Републикава, бидејќи зимата беше многу остра, а за тоа беа потребни 100 илјади тони мазут. „Макпетрол“ имаше доволно динарска противвредност за да се набават стоте илјади тони мазут, но немаше девизи, а мазутот мораше да се плати во девизи.
Во најлоша ситуација, не гледавме друга можност да се ублажат рестрикциите, освен сепак да работи централата во Неготино. Но, тоа беше можно само ако се потрошат последните државни резерви мазут, на што нѐ обврзуваше југословенскиот сојузен закон, а за тоа мораше од увоз да се купат сто илјади тони мазут. Ставрев, како претседател на Владата, закажа една драматична седница, која траеше до четири часот наутро, на која учествуваа и директорите на „Макпетрол“ и на ЕСМ. На крајот се најде солуција, договоривме „Макпетрол“ да увезе итно 100.000 тони мазут за да ја поминеме таа зима со производство на струја. Директорот на „Макпетрол“, Гаврило Гаврилски, кажа дека фирмата нема девизи, но има динари. Не знае како да набави девизи, бидејќи тие недостигаа на девизниот пазар во Југославија, зашто тогаш имаше многу рестрикции на девизните плаќања кон странство – земјата веќе беше презадолжена на надворешниот пазар. Премиерот Ставрев заклучи дека обезбедувањето девизи е работа на Владата и Владата ќе го реши тој проблем, за тоа да не се грижи Гаврилски. Тој заклучок го прифати Гаврил Гаврилски и испланира да обезбеди од утре да почнат да се носат тие 100.000 тони мазут во Македонија, делумно од Грција и дел од Бугарија. Бидејќи „Макпетрол“ имал нормална соработка со фирмите од кои го набавуваше мазутот и добро искуство со нив, фирмите испорачатели му го дале мазутот на Гаврилски со плаќање по испораката во рок од 120 дена. Кога наближи крајниот рок за плаќање на мазутот, Гаврилски никако не можеше да обезбеди девизи. А времето за плаќање веќе доаѓаше. Тогаш тој побара од Владата, повикувајќи се на седницата, Владата да ги обезбеди девизните средства, но премиерот Ставрев му рекол дека Републичката влада нема такви можности. Кога Гаврилски го побарал записникот од седницата на Владата верувајќи дека дека таму сосем јасно стои оти Владата ги презема обврските за набавка на девизи, видел дека во записникот го нема тоа.
Премиерот Ставрев заклучи дека обезбедувањето девизи е работа на Владата и Владата ќе го реши тој проблем, за тоа да не се грижи Гаврилски. Тој заклучок го прифати Гаврил Гаврилски и испланира да обезбеди од утре да почнат да се носат тие 100.000 тони мазут во Македонија, делумно од Грција и дел од Бугарија
Бев кај Ставрев и му реков тоа не е добро. Владата треба да се ангажира и да види како да се реши тој проблем. Тој ми рече: „Ама нека си го реши ’Макпетрол‘“. Но, се стеснуваше времето и го зедов Гаврилски со мене, па отидовме во Белград. Разговарав како Сојузната влада, со која раководеше Милка Планинц, да најде решение. Планинц рече дека не е добро за државата ако Владата не го реши овој проблем со сојузните девизни резерви. Заврши: „Ќе разговарам со потпретседателот на Владата од Србија Борисав Сребриќ и со Шуковиќ, потпретседател на Сојузната влада од Црна Гора“.
Ние и овој пат немавме потпретседател на Сојузната влада од Македонија. На првата наредна редовна седница на Сојузната влада требаше да се донесе одлука со која ќе се задолжи Народна банка на Југославија да обезбеди од државните девизни резерви и да стави на располагање, преку Стопанска банка, девизни средства за да го плати мазутот „Макпетрол“. Го најдов Борисав Сребриќ, тој ми рече дека веќе му пренела Милка Планинц, и тој се согласи дека начелно, како корисно, ќе го стави на дневен ред на првата следна на Комисијата за економска политика на СИС, со која тој претседава, да предложи донесување одлука од страна на Сојузната влада, со која ќе се обезбедат тие девизи и ќе ѝ се продадат на Македонија. Но, потребно е Народна банка на Југославија да даде согласност, или барем да не се противи за такво решение, за да се обезбедат парите. И отидов и кај Макиќ, кој беше нов гувернер на Народна банка. Му го изложив случајот, а тој ми рече: „Не можеме тоа да го направиме.“ Му реков: „За многу повеќе пари, кога ви беше зорт во Босна и Херцеговина, најдовте начин да се добијат потребните девизи. Не е добро ако Македонија нема ист третман како Босна и Херцеговина, ние сме си и пријатели и да си останеме такви, па реши го ова прашање.“ Ми рече: „Тогаш вака може да се изведе. Предлог нека даде Комисијата на Сребриќ. Вашето барање да се разгледа на Комисијата за економска политика на СИС и оттаму нека дојде предлог до Владата за позитивно решение за да се обезбедат потребните девизи да се дадат на располагање на Македонија. За вакви случаи, по правило, претставникот на Народна банка не треба да биде против.“ Макиќ потоа ми ја објасни целата постапка. И рече: „Ќе испратам еден од вицегувернерите на седницата на Комисијата за економска политика, најдобро е веројатно ако тоа биде Тихомир Јовановски, кој е Македонец, да биде присутен таму и нека даде согласност и да најде решение.“
Тоа траеше три-четири дена. Седев во Белград. Првиот пат се случи небудност и некоректност на Јовановски кога дојде на дневен ред на Седницата ова прашање со која претседаваше Сребриќ, Народната банка на Југославија да ѝ продаде девизи наменски на Стопанска банка за „Макпетрол“, Јовановски го видел службениот став на Народна банка, каде што пишувало да не се прифаќа тоа барање и барањето било одбиено. Утредента пак појдов кај Макиќ и се зафатив одново со целата постапка, па се договоривме како да се премости оваа тешка ситуација во која се најдовме. „Добро“, рече Макиќ, „на вашиот Тихо нели му текнало, ќе му речам на идната седница кога претседателот на Комисијата за економска политика ќе го стави на дневен ред овој предлог и кога ќе дојде време да се расправа по него, тој да излезе, да не е на седницата?“ И така се случи, со разбирање на Милка Планинц, Сребриќ, Шуковиќ и Макиќ да ги обезбедиме потребните 10 милиони долари да дојдат до Стопанска банка и „Макпетрол“ во последен момент да го изврши плаќањето. Инаку, немаше да може да се обезбедуваат нафта и деривати понатаму, ако навреме не беше платено. Од тие добавувачи понатаму „Макпетрол“ не ќе можеше да набавува деривати, ќе ја загубеше довербата и тоа тешко ќе се одразеше на работата на „Макпетрол“, но и на вкупната состојба во Република Македонија.
Гаврил Гаврилски многу тешко го преживеа сето ова и реши малку да го „испоти“ Ставрев. Отишол и му рекол дека не е платено ништо со зборовите: „Не ни помогнаа, го нема тоа во записникот и не знам што ќе правам.“ Тогаш Ставрев ме повика и ми рече: „Ја згрешивме, Столе, зошто така се случи, ако немаше увоз ќе немаше струја и сега што?“ Му објаснив дека со многу напори, пред сѐ на Милка Планинц и потпретседателите на Сојузната влада и гувернерот на Народна банка на Југославија ја завршивме целата работа и мазутот е веќе платен, а Гаврилски сакал да ти обрне внимание оти тие работи се многу важни и тешки за решавање и во иднина да не му се ветува, како Влада, дека ќе се обезбедат девизи кога тоа не може да се направи. Се пошегувал откако ја завршивме работата и мислам дека подоцна некако уредија и во записникот да се преправи и да стои ставот што беше усвоен на таа седница на нашата Влада.
(Утре: Кампања за затворање на ФЕНИ)