Фељтон
Како размислувал Алберт Ајнштајн за општествените прашања

Во својот авторски текст објавен пред околу осумдесет години во „Њујоркер“, Ајнштајн се прашува дали е препорачливо за човек што не е стручњак за економски и општествени прашања да го изнесе своето мислење за социјализмот. И веднаш самиот одговара: „Од повеќе причини, верувам дека е препорачливо!“

Пишува: Блаже Миневски

Во текстот објавен пред околу осумдесет години во „Њујоркер“, под наслов „Зошто сум за социјализам“, научниот гениј Ајнштајн изнесува свои оригинални, исклучително интересни размислувања за општествено-економски прашања. Во текстот, тој води интересна полемика со себе, при што вели дека е лесно да се постават прашања, но тешко е на нив да се даде одговор со доволна сигурност. Во еден од своите заклучоци сепак тврди дека „за човечкиот живот да биде што е можно подобар…, завршната поделба на трудот и високоцентрализираните продуктивни апарати се апсолутно неопходни“…

Во текстот објавен пред околу осумдесет години во „Њујоркер“, под наслов „Зошто сум за социјализам“, научниот гениј Ајнштајн изнесува свои оригинални, исклучително интересни размислувања за општествено-економски прашања. Во текстот, тој води интересна полемика со себе, при што вели дека е лесно да се постават прашања, но тешко е на нив да се даде одговор со доволна сигурност. Во еден од своите заклучоци сепак тврди дека „за човечкиот живот да биде што е можно подобар…, завршната поделба на трудот и високоцентрализираните продуктивни апарати се апсолутно неопходни“…
„Поголемиот број големи држави во историјата настанале со освојување. Освојувачките народи се зацврстиле правно и економски како привилегирана класа во освоените земји. Тие приграбиле монопол на сопственост над земјите и назначиле свештенство од своите редови… Неодамна разговарав со еден интелигентен човек за опасноста од евентуална војна, која, според мое мислење, сериозно би го загрозила опстанокот на човештвото. Напоменав дека единствено некаква меѓународна организација би била во состојба да понуди заштита од една таква опасност. На тоа мојот гостин многу мирно и ладно ми рече: ’Зошто сте вие толку сериозно против исчезнувањето на човечкиот род?’ Сигурен сум дека пред еден век никој толку лесно не би дал изјава од сличен карактер. Тоа е изјава на човек што залудно се трудел да стекне рамнотежа во себе и, повеќе или помалку, изгубил надеж за успех. Тоа е израз на мачна самотија и осаменост, од која денес боледуваат многу луѓе. Што е причина за тоа? Има ли излез?“

Стопанската анархија на сегашното капиталистичко општество

Според Ајнштајн, лесно е да се постават такви прашања, но тешко е да се одговори на нив со доволно сигурност: „Сепак, ќе се обидам да го направам тоа на најдобар начин, иако во голема мера сум свесен на фактите дека нашите чувства и напори често се противречни и нејасни, и тие не можат да бидат изразени со лесни и прости формули. Ако се запрашаме како би можеле да се променат општествената структура и културните навики на луѓето за човечкиот живот да биде што е можно подобар, мораме да бидеме постојано свесни на фактите дека постојат извесни услови што не можат да се променат. На пример, биолошката природа на луѓето од практични причини не е подложна на промени. Понатаму, технолошкиот и демографскиот развој ги создадоа условите во кои живееме денес. Имено, во услови на релативно густо население и со ресурси што се неопходни за продолжување на неговата егзистенција, завршната поделба на трудот и високоцентрализираните продуктивни апарати се апсолутно неопходни. Човештвото денес претставува планетарна заедница на производство и потрошувачка. Притоа, сите човечки суштества, каква и да е нивната положба во општеството, се несвесни заробеници на сопствената себичност, па затоа се чувствуваат несигурно, осамено и лишено од обичниот, прост и несофистициран начин на уживање во животот. Човекот може да најде смисла во животот, краток и опасен каков што е, само ако му се посвети на општеството“, подвлекува Ајнштајн.
Во продолжение пишува дека „стопанската анархија на сегашното капиталистичко општество претставува вистински извор на зло“. „Ние гледаме“, вели тој, „огромна заедница на производители чии членови непрестано се трудат да се лишат меѓусебно од плодовите на нивната колективна работа. Приватниот капитал секогаш тежнее да се сконцентрира во малку раце, делумно поради конкуренција меѓу капиталистите, а делумно поради технолошкиот развој и зголемената поделба на трудот, која одговара на создавање поголеми производствени единици на сметка на малите. Како резултат на ваквиот развој, се јавува олигархија на приватниот капитал, со огромна моќ, која не може да биде вистински скротена дури и од демократски организирано политичко општество. Факт е дека членовите на законодавните тела ги избираат политичките партии, кои во голема мера ги финансираат приватни капиталисти, или барем на друг начин вршат влијание на нив, со што практично ги одвојуваат избирачите од законодавната власт. Последица на тоа се народни претставници, кои, фактички, не ги штитат во доволна мера непривелегираните делови на општеството. Освен тоа, во постојните услови, приватните капиталисти директно или индиректно ги контролираат главните извори на информации, печатот, радиото, образованието. Многу тешко, всушност, во најголем број случаи, речиси невозможно е граѓанинот да дојде до објективни заклучоци и разумно да ги користи своите политички права“, пишува Алберт Ајнштајн во триесеттите години од минатиот век во „Нујоркер“

Планирање и планското стопанство

Во авторскиот текст, Ајнштајн пишува дека тоа е „воспоставување социјалистичко стопанство, со истовремено воведување таков систем на воспитување што би бил ориентиран кон општествените цели“.
„Во таквото стопанство средствата за производство би му припаѓале на целото општество и би биле користени плански. Во планското стопанство, кое ги приспособува потребите на заедницата, би се вршела распределба на трудот меѓу сите што можат да работат за да се обезбеди живот на секој човек, жена и дете. Сепак, потребно е да се потсети дека планското стопанство уште не значи социјализам. Планското стопанство може да биде следено со комплетно поробување на поединецот. Затоа изградбата на социјализмот бара решение на некои многу тешки општествено-политички проблеми. Меѓу другото, дали и како е можно, во услови на целосна централизација на политичката и економската моќ, да се спречи бирократијата да не стане семоќна и самобендисана? Како може да бидат заштитени правата на поединецот и, во врска со тоа, како може да биде обезбедена демократска рамнотежа со моќта на бирократијата“, го завршува Ајнштајн својот текст „Зошто сум за социјализам?“, објавен во тиражното американско списание „Њујоркер“. А само дваесетина години пред тоа, во 1915 година, триесет и шестгодишниот научник ја објавил својата теорија за релативноста и направил револуција во физиката со своите откритија за врската помеѓу просторот и времето. Во тој „простор“ Ајнштајн ги сместува и своите размислувања за капитализмот, но и за социјализмот, кој го смета како решение со кое би се вршела распределба на трудот меѓу сите што можат да работат за да се обезбеди пристоен живот на секој човек, жена и дете во светот“.


„Непроменливата теорија“ за просторот и времето!

Нобеловецот Алберт Ајнштајн е роден пред сто и четириесет години во Улм, Германија, а починал во Принстон, САД, во 1955 година. Станува збор за една од најзначајните, ако не е најзначајна научна личност на нашата доба, а неговото дело има влијание безмалку во секоја област на денешната физика. Меѓу другото тој е автор на теоријата на релативноста. Всушност, Ајнштајн создал две теории за релативноста: специјална теорија на релативноста во 1905 година и, десет години подоцна, во 1915 година, генерална теорија на релативноста. Размислувајќи за тоа што ќе се случи ако брзината меѓу двајцата набљудувачи не е константна, стигнал до своето најголемо откритие, генералната теорија на релативноста, објавена пред сто и четири години. Теоријата ја редефинира гравитацијата како закривеност на просторот и времето. Самиот Ајнштајн подоцна се жалел дека својата теорија требало да ја нарече „непроменлива теорија“ наместо „теорија на релативноста“, алудирајќи на непроменливоста на физичките закони при изведување на принципот на релативноста.