Делчев: Борбата за ослободување ја водиме сами

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (6)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

Околу актуелното македонско прашање се изјаснувале редица поединци, македонски дејци и револуционери. Така, на пример, Петар Бошњаков, со прекар Македонец, во 1902 година напишал: Организацијата, имајќи своја револуционерна програма, е неумоливо непријателска и жестока пакосница на стремежите на Егзархијата, затоа што таа нема за задача да создава „Велика Бугарија“, за која војуваат сите пратени од Бугарија просветители на чело со егзархот, туку на рајата да ѝ даде политичка слобода, да создаде почва за културен и економски напредок, прогласувајќи македонска државичка на Балканскиот Полуостров. Од последново се плашат и Егзархијата и официјална Бугарија. Сите чиновници на Егзархијата се доведени од Бугарија, со панбугарски идеи…. Просто и чисто севернобугарски језуитски ред, со задача да создава Бугари во Македонија. Бугарија! О, не, не прашувајте за неа! По крвопролевањата и плачот на несреќните робје, таа остри заби, посега со рака не за да ги оттргне од страдањата, туку за да се докопа до беломорскиот брег… Секој треба да знае дека досега Македонија и Одринско ќе беа слободни ако не постоеше слободна Бугарија.

Делчев, Гоце (1894) „Дали има народ кој толку многу трпел од своите синови, како македонскиот! Во 1895-та, обраќајќи се до Ефрем Каранов, вели: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите“.

Во 1898, до пловдивскиот надбискуп Менини: „Нашата борба е свртена кон придобивање полна политичка автономија на оваа земја за сите луѓе што ја населуваат, без разлика на националност и верска припадност“. Во 1898 пак до Менини: „Ние револуционерната борба за слобода ја водиме сами“.

Петров, Никола Русински, 1901 год.: „Гоце Делчев беше божествено олицетворение на учесниците во ВМРО“. „Него (Гоцета Делчев) природата го беше создала само за водач на едно револуционерно движење како што беше македонското во неговото време“. Нашиот велик апостол Гоце рече: „Слободата на Македонија ќе изгрее од самостојната борба на Македонците“.

Хаџи Димов, Димо, 1901 год.: „Не би постоело никакво источно прашање ако не беше таа фатална тактика на големите држави да прават најчудовишни злосторства за задоволување на својата незаситна дрчност. Одамна ќе изгрееше во Македонија, како и насекаде каде што има потреба, сонцето на слободата ако само човечноста ја движеше дипломатијата!“

Петров, Ѓорче: „Ние не можеме да примиме востание прогласено од Софија. Му изјавив дека со своите сили решително ќе му се опреме на секој обид оттука да ни се наложи нам востание. Политичките сообразби што ми ги наведуваше дека Русија божем била готова да нѐ поткрепи, јас ги отфрлив. Бидејќи во програмот наш за востание не се предвидуваа никакви политички сообразби. Ние си го претставувавме востанието за избувнување на чисто народно движење. Ние треба да се чуваме од секакво директно или индиректно мешање во нашите работи на која било држава, колку поради опасноста за лоши толкувања надвор, толку и од гледиштето на нашата идеологија. Особено треба да бидеме претпазливи и внимателни во односите кон официјална Бугарија… Пред сите други држави може да стане волк кој влегол во нашата кошара“. „Многу грешат и владата (бугарска) и Егзархијата со упорноста да ја чуваат нивната стара (санстефанска) идеологија, наместо да го признаат ослободителното дело во неговата нова пројава, како кауза самостојна“.

„Бугарската државна идеја со своите клонови; дипломатијата и војската и егзархиската кауза, и онаа на робот и неговиот сочвствувачки брат во слободното кнежевство, виреат секоја во својата атмосфера, живеат секоја свој посебен и независен живот во различни услови, имаат различни типични тенденции и одат по различни патишта“.
Ние сме убедени дека востанието ќе постигне извесни резултати, дури и во случај на катастрофален исход за нашите сили. Самиот факт востание значи чекор напред за нашиот народ, а народите никогаш не се враќаат, ниту некој може да ги врати назад. Но востанието ќе ја одигра својата улога ако од двобојот излезе успешно, да ѝ се наметне на Европа.

Тоа ќе се постигне кога нашиот народ внатре ќе се слее во едно добро организирано и енергично боречко тело, откако ќе ги отстрани од себеси сите гнили елементи и ќе ги уништи оние што сакаат да го заразуваат, слабеат и парализираат и на тој начин ќе го очисти патот за да ги обедини сите единечно одделни волји и стремежи во еден сенароден напон, правилно насочен и умешно употребен. Во 1903 година победата беше наша затоа што бројот на загинатите Турци е поголем од нашите. Ако истото тоа не може да се каже за силата, вината за тоа не е во борбата, ниту кај населението, туку кај водачите, кои во најрешителниот момент започнаа да итруваат и да дипломатствуваат и со тоа го запревме борбениот рушителен порив на големата маса борци“.

„За националистите во Бугарија и кај нас востаната Македонија е гробница за бугарскиот национален идеал“.
„За дејците на ослободителното дело ќе биде непростлива грешка ако поверуваат дека турските ужаси за време на едно наше движење (востание), ќе повлијаат просветеното европско општество, ќе се крене против турското варварство и ќе ги натера своите влади да му стават крај. Ако тоа не е можно за европското општество, стократно е поневозможно за европскиот политички свет, кој одамна тргува со човечкото месо и им принесува на своите идоли жртви во човечка крв…. При сегашниот див материјализам во светот, при потполно назадување на хуманоста, такви надежи (за застапување од чисто хумани побуди) се тотална бесмислица земени сами за себе, а кога од нив се очекуваат практични резултати за нашето ослободување и, особено, кога се работи за тоа тие надежи да се основа за една револуционерна борба, тие сигурно се престапни заблуди, ризикуваат да упропастат еден народ. Грубите материјални интереси се единствениот идеал што го интересира и движи оној дел од европското општество што го претставува јавното мислење во однос на надворешниот свет… Јавното мислење е речиси целосно потчинето на грижите на своите влади во надворешната политика“.
„Малата Македонија стана голем внатрешен фактор во Империјата… Уставниот преврат во 1908 година, со сите негови фатални последици за неа, беше рожба и дело речиси исцело на Македонија – тука беше изворот на светлината што ја осветли Турција, макар и привремено, со зраци на надеж за преродување“.

Карев, Никола (до Гоце Делчев), 1902 год.: „Време е веќе да стануваме и да се биеме, сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија… Што се однесува до мене, никој не ќе може да ми ги одземе мојата храброст и мојот патриотизам“.
(продолжува)