Фељтон
КОЈ КРАДЕ ИСТОРИЈА (1)

Во ова зовриено буре барут наречено Балкан секој од секого краде, а сите заедно ја обвинуваат Македонија. Велат историјата ја пишуваат победниците. Точно! Но забораваат дека победниците се менлива категорија, а вистината е една и таа е вечна и непроменлива, и само таа ќе ни покаже кој краде. Неа можеме да ја дознаеме само врз основа на записите од античките и средновековните автори, а не врз база на новокомпонираните истории од германско-нордиската школа од XIX и XX век.
Ќе бидам среќен ако моиве текстови предизвикаат полемичка расправа во која конечно ќе се проговори и за табу-темите како што се: генетиката, етимологијата, за фамозното доселување Словени, антиквизацијата и живите сведоци, а тоа се илјадниците зборови, топоними, хидроними, нисоними, теоними, кои преживеале илјадници години за да ни посведочат кој живеел овде и кој јазик се зборувал. Тие се најсилен доказ кој краде

Од она што го читам, не само ние туку и нашиве соседи, се чини, не знаат ништо или знаат многу малку за своите корени. Се чини дека некој свесно нѐ држи во мрак и незнаење. Некој на тој начин полесно ќе манипулира со нас и полесно ќе ги остварува своите военопрофитерски планови.
Македонија е најголемата светска мистерија. За неа и за Македонците се напишани повеќе тони книги, а ние за нив практично не знаеме ништо. Не знаеме кои биле нивниот јазик, писмо, култура, религија, митологија… Нормално!? Така е затоа што нашата наука цврсто стои на ставот дека немаме никаква врска со Античките Македонци. Според нашата официјална наука, ние сме дојденци, натрапници, узурпатори на овие простори, а на узурпаторите се знае што им следува. Западната наука не сака да чуе за постоење Словени пред VI век, а нашиве учени слепо ги следат. Политичарите не ја следат алтернативната (автохтона) историја. Затоа ни се случуваат оние срамни изјави дека ние сме најмлада нација и дека ние им ја крадеме историјата на соседите.

Но читајќи ги античките автори, доаѓаме до сосема спротивни сознанија. За да не се доведам во состојба некој од „официјалните“ историчари да ме прогласи за новокомпониран турбофолк-историчар, нема да изнесам свое мислење, туку ќе ги изнесам фактите забележани од античките автори. Јавно ги прашувам „официјалните“ од МАНУ, ИНИ и од катедрите по античка историја:

Која е постара нација во Европа? Елементите на народ и нација според политичките теории се:
постоење на една територија како заокружена целина;
еден владетел, кој има суверенитет на целата територија;
еден јазик, култура и обичаи;
една религија (денес религијата не е важна);
свест за заедничка припадност.
Јавно прашувам, кој од овие елементи на народ и нација недостига кај Античките Македонци. Велат нациите настанале во XIX век. Но според ова што го изнесов, не ќе да е така. Некој, се чини, не дозволува да постои нешто постаро од Грција и од Грците. Но затоа во светот има независни научници што не ја премолчуваат вистината. Така, кинескиот научник Седрик Јао, професор од Кентаки, и германскиот професор Фриц Хајклхајм од Универзитетот во Торонто, Канада, во книгата „Историја на римскиот народ“, почитувајќи ги политичките теории тврдат дека првата нација се токму Македонците.
Дали знаете дека прва држава во Европа (IX век пр. н.е.) е Македонија. Затоа е нормално и прва нација да се Македонците.
Дали знаете дека единствен народ спомнат во Библијата, кој денес опстојува со исто име, се Македонците. Во Библијата нема Срби, Бугари, Албанци и Грци.
Зошто ги игнорирате и ги премолчувате генетските истражувања? Општо е познато дека според истражувањата на најпрестижните институти за генетика како што се оние од Мадрид, Лондон и ИГЕНЕА, во крвта на денешните Македонци, но и на нашите соседи течат гени на нивните антички предци. Исклучок од ова се Грците за кои овие институти велат дека воопшто не се европски народ. Ова е непогрешлива наука. Со кој ум денес тврдите дека немаме никаква врска со Античките Македонци и уште посрамно како може да прифатите дека Античките Македонци биле Грци?
Зошто ги премолчувате записите на античките автори за етногенезата и за јазикот на Античките Македонци? Денес е општо познато дека први Словени се Венетите. Венетеи и Словени се синоними. Тоа го запишал уште германскиот научник Јордан во VI век во своето дело „Гетика“, во кое тврди дека Венети, Анти и Словени се повеќе имиња за еден народ. Оваа теза ја застапуваат: Френсис Конт, професор од „Сорбона“ во своето дело „Словени“, Флорим Курта од „Оксфорд“ во своето дело „Измислување Словени“, словенските академици Матеј Бор и Јошко Шавли во книгата „Венети наши древни претки“, Павел Тулаев во книгата „Венети“ и илјадници други низ светот.

Македонскиот народ е збунет. Како е можно ние да сме дојденци, натрапници од VI/VII век кога Венетите како први Словени на овие простори ги спомнуваат сите антички автори: ги спомнува Хомер во својата „Илијада“, Вергилиј во својата „Енеида“, Херодот во својата „Историја“, Јустин во „Филиповата историја“, Тит Ливиј во книгата „Од основањето на градот Рим“, потоа Страбон, Диодор, Полибиј… Најинтересен е сепак римскиот император Гај Јулиј Цезар, кој во своето дело „Белешки за галските војни “ запишал дека Венетите (Словените) во негово време (I век) се најголеми морепловци на Медитеранот и ги држат сите поголеми заливи.

Каков апсурд!? Оние диви Словени, наводно дојдени во VI век, кои со трски во уста го минаа Дунав (затоа што не знаеја да градат бродови) биле најголеми морепловци на Медитеранот. Некој денес брутално лаже. „Официјалниве“ треба да се засрамат за овие премолчувања и манипулации со историската вистина.

Зошто ја игнорирате етимологијата како наука, која нѐ води до коренот на зборовите. Јас можам да ги разберам нашиве соседи затоа што ја исфрлија етимологијата од толковните речници и прогласија 6.000 антички текста за државна тајна, но не можам да ги разберам нашиве „научници“. Просто не ми е јасно за чија кауза работат.
Денес во светот е познат речникот на Константин Циулкас печатен во Атина 1907 г., во кој тој набројува 4.000 славофони зборови од антиката, од кои 1.260 се од Хомеровата „Илијада“. Познат е КОИНЕ-речникот со над 2.000 збора познати како словенски. Професор д-р Ташко Белчев објави 900 збора собрани од антички надгробни плочи, кои и денес ги користиме. Тентов и Бошевски објавија 417 збора од каменот од Розета. Ако кон овие се додадат зборовите што ги открија Љ. Домазетович, М. Орбини, О. Белчевски како и зборовите од речниците на Хесихиј и Суда, доаѓаме до бројка од близу 10.000 збора, кои и денес се користат во словенските јазици.

Нашава наука ќе мора конечно да одговори:
Кој јазик го зборуваа нашите предци, кои уште од времето на Хесиод и Хомер ги забележале островите Крф, Крит, Карпатос, Сам, Род, Дел, Пар, Андро, Лада, Мило…
Кој јазик го зборуваа луѓето што ги именуваа божествата Ѕе (кој гледа сѐ), Посејдон (тој што го поседува морското дно), Атина (татина ќерка), Мир(а) (божица на мирот), Слава (божица на свеченостите и прославите), Берба (божица на жетвата), Јарон, Јара, Перун, Лада, Лето, Нокта (божица на мрак и темнина), Дарон (оној што дарува здравје – Бог на здравјето)…

Или топонимите: Солун, Бер, Изворија, Стена, Достена, Сане, Менде, Петра, Бела, Бела Зора, Бело Море…
Повторно апсурд што го збунува Македонецот. Од една страна, нашава наука вели не знаеме кој бил јазикот на Античките Македонци, а Наде Проева во својата последна книга, „Триптих за македонскиот идентитет“, вели дека „од македонскиот јазик останале само 200 глоси за кои не се знае дали се засебен јазик или дијалект на грчкиот“. Од друга страна, гледаме дека светската наука располага со близу 10.000 збора од антиката, кои денес се користат во македонскиот, но и во јазиците на другите словенски народи. Тие се живите сведоци што ги откриваат лагите.

Јавно ги повикувам МАНУ, ИНИ, катедрите по античка историја и особено Н. Проева како најголем познавач на античката историја да се вклучат во една полемичка расправа на страниците на „Нова Македонија“ за сите табу-теми од македонската историја. Само така ќе ја дознаеме вистината за тоа кои сме, што сме и од каде сме. Само така ќе спречиме да нѐ присвојува кој ќе стигне и само така ќе ги спречиме нашиве политичари да го распродаваат македонското национално достоинство.

Љубе Христовски
(Дардан Венетски)
ПРОДОЛЖУВА…