Идентитет, меморија, заборав (6)
Договорите со Грција и со Бугарија во голема мера го поделија јавното мислење. Историчарите, политичките партии, интелектуалците, никој не остана рамнодушен за тоа што го прифати Владата и кое беше проследено во парламентот со промена на Уставот и стапи во сила
Дали е дефинитивно затворено македонското прашање? Историски и идентитетски аспект на спогодбата со Грција: се брише историјата, историјата на историчарите, но дали и меморијата? Секако дека расправата за идентитетот не би имала смисла ако не се одговори на неколку суштински прашања што произлегуваат од спогодбата со Република Грција (2018), за кои во Република Северна Македонија постојат многу различни ставови, не само оние што произлегуваат од актуелните политички случувања туку и во сериозни стручни и непристрасни и ослободени од дневнополитички партиски расправи. Дали „македонското прашање“ е дефинитивно затворено или дали идентитетот на Македонците во иднина нема да биде предмет на оспорување? Ставот од кој се поаѓа во анализата е познат и е содржан во следново: идентитетот никој не може да го даде, а со тоа ни да го одземе, но може да го проблематизира, да го негира, да ги извртува историските факти, но кога еднаш тој ќе се зацврсти и ќе биде препознатлив низ елементите што го формирале и го формираат, тешко, ако не и невозможно е да се земе. Се чини дека со тој факт најпосле се соочија нашите соседи и го побараа „својот“ дел, сега од позиција кога нешто навистина може да се добие, меѓу другото и од климата што владее внатре, во сопствените земји, нешто што со децении било предмет на перманентна расправа во историската наука, а политиката на моќните групи, кои во остварување на сопствените цели, најчесто на военото поле на национализмот, го користеле македонското прашање да дојдат до целта и да владеат.
Името и идентитетот
Договорите со Грција и со Бугарија во голема мера го поделија јавното мислење. Историчарите, политичките партии, интелектуалците, никој не остана рамнодушен за тоа што го прифати Владата и кое беше проследено во парламентот со промена на Уставот и стапи во сила. Поделеноста на ставовите се движи во насока на прифаќање, со јасна напомена дека подобар договор не е можен, не бил можен и дека во иднина тешко дека ќе се создаде поволна атмосфера од двете страни за договор што би бил прифатлив за двете страни; и неприфаќање, противење за договорот, со јасна напомена дека е тој капитулантски, дека е на штета само на нашата страна и дека се доведува во прашање идентитетот со промената на името, поконкретно со додавањето на географската одредница „северна“ пред името Македонија. Неоспорно и нормално е да се брани идентитетот кога тој се проблематизира, особено кога тоа некои го доживуваат како геополитичко преиспитување на историјата, на јазикот, симболите, културата. Дали документот, кој се применува, навистина значи тоа, сè уште нема дециден одговор.
Од средината на 19 век мегали-идејата станува дел од колективната меморија на Грците, според која Грк е и оној што живее во Јанина, Солун, Едрене, Константинопол, а не само оној што живее во границите на тогашното кралство, и таа до денес го храни грчкиот национализам, кој многупати својата кулминација ја доживувал и ја манифестирал, пред сè на сметка на интересите на Македонците.
Соседите на почетокот на 21 век опасно влегоа со „товарот од минатото и анахроните великодржавни амбиции, предрасудите и националистичките аспирации кон македонската нација, нејзиниот јазик, историја, култура и територија“, користејќи ја геополитичката ситуација дека од нив зависи дали Македонија ќе фати чекор во интеграциите во ЕУ и НАТО. Тоа што треба да се „реконструира“, се бара да се направи и се прави „однатре“, се разбира со силен притисок од надворешни позиции. На сцената е повторно, како и многупати во минатото, нешто што доаѓа однадвор, се разбира со мек и на моменти „неизбежен“ притисок врз владејачката политичка елита, која е принудена да ги прифати условите на договорот.
Договорот ја запечатува, ја верифицира состојбата, која е резултат на долгиот процес на балканската националистичка арена, во која Македонците, за разлика од другите, почесто ја чувствувале горчината на поразот, подоцна кај нив започнува, во модерната смисла на зборот, да се буди доволно националистичка енергија, која доведува, по правило, до формирање нација, а со тоа и држава
Во кој степен некои поставки во договорот се очигледно логички неодржливи, ниту историски оправдани, не говориме за правните аспекти, кршење на меѓународното право и слично, говори барањето на Грција за ексклузивно право да го употребува името Македонија, кое се поврзува со античкиот период. Или „македонизацијата“ на цела северна Грција, процес што трае речиси три децении. Што покажува анализата на спогодбата во однос на идентитетот и дали тоа доведува до трауматизирање на колективната меморија со откажување од наследството на античкиот период на просторот на кој денес се простира Република Северна Македонија?
Спорот беше апсурден
Во право се оние што сметаат дека спорот е апсурден и без преседан во меѓународните односи. Но историјата најчесто ги миксира фактите, менува и дотерува во интерес и под влијание на политиката – тоа се случувало во минатото, тоа се случува и денес. Ако навистина Грција употребата на името „Македонија“ и „македонски“ ги доживува како иредентизам, како „кражба на минатото“, на културното наследство на грчкиот народ и, како што сметаат Грците, само мал дел е ослободен од целокупната територија, што понекогаш е излив на националистичката реторика од македонска страна, на која егзистира државата Република Македонија, како и името Македонија, тоа за Грција е индиректно посегање по суверенитетот на Грција, но и претензии на полето на културата. Несомнено се работи за национализам што е свртен кон минатото, но со јасна, конкретна цел, да се избрише дел од историјата, која го формирала колективното сеќавање и еден народ ја смета за своја.
Договорот со Грција е политички, не идентитетски
Од средината на 19 век мегали-идејата станува дел од колективната меморија на Грците, според која Грк е и оној што живее во Јанина, Солун, Едрене, Константинопол, а не само оној што живее во границите на тогашното кралство, и таа до денес го храни грчкиот национализам, кој многупати својата кулминација ја доживувал и ја манифестирал, пред сè на сметка на интересите на Македонците. Настаните во минатото во овој случај само укажуваат на тоа дека не станува збор за нешто што има врска со идентитетот, а тоа може да биде еден од аргументите дека спогодбата не е фокусирана за решавање некакви „идентитетски прашања“ што ги оставило историското наследство. Разбирањето на историјата на Македонија не е можно без да се разбере историјата на соседите и обратно.
Без намера да се навлегува во деталите на спогодбата со Грција, а во интерес на главното прашање дали спогодбата навлегува во сферата на идентитетските прашања или, поконкретно, дали го доведува во прашање идентитетот на Македонците, ќе истакнеме неколку дела што ќе нè приближат до одговорот. Целосен и недвосмислен одговор нема, него ќе го сретнете кај претставниците на актуелната власт во позитивна смисла, кај другите, од опозицијата, или еден дел од интелектуалците во крајно негативна и песимистичка смисла за погубноста на спогодбата. Политичките интереси го бараат данокот, без разлика за што станува збор. Во борбата за власт нема виши или нижи интереси. Народот е тој што пресудува на избори и тоа е целта во краен случаj. Дали е мудро да се мисли дека е вистината некаде на средина или дека двете спротивставени мислења се по нешто во право, кога станува збор за овие многу чувствителни и сложени феномени, сложени состојби, не е тешко да се претпостави. Компромисот има цена, но иднината ќе покаже колку тој бил на висината на интересите на еден народ.
Договорот е политички компромис
Не навлегувајќи во деталите на спогодбата од Преспа, да го нагласиме уште еднаш делот каде што се говори за употребата на терминот „македонски“ поврзан со јазикот и државата. Се прави јасна дистинкција на употребата: „Термините Македонија и македонски се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство“; во однос на Република Македонија, „ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство“, и кои се различни од грчкото разбирање на овие термини, кои ги означуваат не само областа и народот на северниот регион, се мисли на Грција, „туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден“ (членот 7 од спогодбата). Едноставно, во духот на грчкиот „ретроспективен национализам“, Грција го присвојува исклучителното право на наследник на античката култура, се ограничува употребата на античките симболи од историското наследство на Античка Македонија, и кое мора да биде употребено на начин што укажува дека тоа припаѓа на античката елинска цивилизација и култура. Но тоа е спротивно на модерното поимање на нацијата, која е продукт на поновата историја, од пред нешто повеќе од двесте години. Договорот, во суштина, не решава идентитетски спорови меѓу страните што реално не постојат, туку станува збор за „политички компромис за да се надмине конфликтот“, кој постои со децении. Договорот само ја бетонира состојбата што се формира низа децении, дека Македонија го изгубила правото на дел од својата историја, а со тоа и во сферата на „колективната меморија“. Сферата на „колективната меморија“, поконкретно на еден нејзин дел од далечното минато, се засили последната деценија, низ т.н. процес на антиквизација, кој ќе ја направи/ја направи лузната на потрагата на идентитетот во време кога се распламти повикот на историјата на овие простори пред повеќе од две илјади години, на славната историја на Александар Македонски.
Македонците жртвувани заради виши интереси
Постепено ќе се убедуваме дека историјата на Античка Македонија не е дел од историјата на македонскиот народ и дека Античките Македонци немаат никаква врска со нас Македонците денес на овие простори. Тоа е политички компромис, тоа не е историски или идентитетски компромис. Би било добро да поверуваме во тоа и тоа да стане дел од заборавот, затоа што силата не е на наша страна, а не знам кога била. Не станува збор за меѓународното право, правото на самоопределување. Секако дека толкувањето на историјата треба да биде ослободено од националистичките и шовинистички предрасуди, времето на глобализацијата и отвореноста, интензивната комуникација, разбирање и толеранција имаат сè помалку потреба од национализам, неправдите од минатото, секако дека не треба лесно да бидат заборавени, тие ќе останат уште долго во сеќавањето на луѓето, но не треба да бидат пречка да се гледа со оптимизам кон иднината, да не создаваат фрустрации, омраза и да се живее со убедувањето дека Македонците секогаш се жртвувани за „виши интереси“, дека се жртви на „заговор на големите сили“. Дали е подобро да се живее без тоа убедување?
(крај)