Преродбенските пројави на македонството (7)
Стојан Шангов во опширната статија „Македонска народност, македонска граматика, руски пронајдок“ се обиде „да го оцрни“ Мисиркова – „новиот апостол“, но „апостол“ „не на обединувањето, туку на разединувањето“, којшто „не е ни Русин ни Бугарин, ни Јудеј ни Елин“, туку – „Македонец, проповедник на една нова народност, без свои национални особености, без јазик, без граматика, без етнографски рамки. Името му е малку прозаично, се вика Мисирков“
Пишува д-р Блаже Ристовски
Бугарската влада не била готова за каква и да е толеранција на новото македонско национално движење, па затоа опасноста од создавањето на Македонското научно-литературно другарство во Софија ја решува најрадикално. За тоа сведочи членот-основач на ова другарство, илинденскиот револуционер и публицист Јордан Ангелов, во своите спомени: Димитар Мирасчиев војводата беше се зближил со Мисирков и беа се согласиле кон политичкиот автономен принцип за слободата на Македонија да се додадат и националната и јазичната автономија, почнувајќи да се издаваат книги и весници на чист македонски јазик. Кон оваа идеја се присоединив и јас, со длабоко убедување дека таму е јадецот за слободата на Македонија… Но не поминаа еден-два дена, книгата на Мисирков уште в печат, во една прекрасна зимна ноќ, јас и Мирасчиев по бели гаќи се најдовме во софиската полициска станица, а кутриот Мисирков беше летнал по неволја преку границата, та дури во Русија – екстерниран….
Чернодрински и Мисирков во Белград
Иако еден дел од лидерите на Организацијата се приклони кон идеите и концепциите на Новото движење, благодарение на суровите мерки на бугарските власти, тие не најдоа јавен израз во дискусиите на востаничките раководители. За сите беше јасно дека балканските монархии забрзано готват почва за поделба и заграбување на европска Турција. Во Софија и во Белград се искористија студентските организации за создавање движење за српско-бугарско зближување за сметка на Македонија. Започнаа размени на студентски делегации и објавување декларации во тој дух. Беа организирани и гостувања на македонските театарски трупи „Слобода“ на Димитар Хаџиев и „Скрб и утеха“ на Војдан Чернодрински со претстави на македонски јазик во Белград и во други места во Србија.
И додека се печатеше книгата во Софија, со театралната трупа на Чернодрински замина за Белград и Крсте Мисирков. Тој имаше можност не само да посети некои белградски редакции и да разговара со истакнати личности од српските научни, општествено-политички и државни средини, туку на 11 декември 1903 година во салата на Великата школа одржал предавање за македонското прашање во светлината на српско-бугарското зближување. Според парафразата на весникот „Штампа“, Мисирков опширно го разложил движењето во студентските кругови и ја осудил струјата што одела по секоја цена да дојде до заедничка акција во Македонија, уверен дека не е можно да биде трајно таквото зближување, зашто сите постапки се раководени од „себичните намери и на едната и на другата страна“.
Само по една недела истиов весник веќе го нарече Мисиркова „човек што тргува со народноста“, а студентскиот орган „Словенски југ“ на 18 декември истури отровна жолч против предавањето на Мисирков: „Ние не веруваме во искрените побуди на овој предавач. Ние гледаме задни намери во ова предавање. Г. Мисирков, кога е зборот за македонското прашање, не е совесен…“ и го смести со „некои мошне сомнителни личности што под маската на,комити‘ или,Македонци‘ го шпионираат нашиот општествен живот и гледаат нема ли нешто да уќарат. Почитувајќи ги вистинските комити од Македонија, ние им го обрнуваме вниманието на граѓаните за овие неранимајковци“.
Повторно повик за руско замешателство
Одеднаш и во Белград и во Софија се вклучи аларм и беа преземени секакви мерки. Два дена пред предавањето на Мисирков редакторот на софискиот дневник „Вечерна пошта“, Стојан Шангов, во опширната статија „Македонска народност, македонска граматика, руски пронајдок“ се обиде „да го оцрни“ Мисиркова – „новиот апостол“, но „апостол“ „не на обединувањето, туку на разединувањето“, кој „не е ни Русин ни Бугарин, ни Јудеј ни Елин“, туку – „Македонец, проповедник на една нова народност, без свои национални особености, без јазик, без граматика, без етнографски рамки. Името му е малку прозаично, се вика Мисирков“. И за да го исмее што повулгарно и побезобѕирно и со тоа да го омаловажи пред јавноста, авторот го споредува со јунакот од „побугарената комедија од Попов“, во која тој се викал Михо Мисирков. Напаѓајќи го како руско орудие, Шангов прашува: „Што има привлечно тука за Русите?“, па коментира: „Македонски јазик и македонска народност нема, има само еден прилепско-охридски бугарски дијалект, но тој има толку разлика од бугарскиот јазик, колку малорускиот од белорускиот или русинскиот од великорускиот. Составува ли Русија одделна граматика за Малорусија?“
Всушност, со своите споредби Шангов точно го определи односот на македонскиот спрема бугарскиот јазик, а блиската историја му даде полн одговор.
Во истото време, кога Мисирковата книга беше уште в печат, се појави со опширно реагирање во истиот дух и младиот прилепчанец Милан Грашев, уредник на софиското списание „Македонија“. Очевидно по официјален државен брифинг, и тој ги користи истите реквизити и истата методологија за дискредитација на личноста на Мисирков и за омаловажување на неговото дело. Само што овде не е именуван Михо Мисирков, туку му е залепено „прозаичното име… К.П. Мисир“, кој, откако оставил да го убијат рускиот конзул, избегал со неговото тело дури во Русија, а сега дошол во Софија да ја печати книгата „За македонцките работи“, за која, вели, „како бенгалски огнови“ ги растурил поканите за претплата и тие „се покриле со потписи како што се покриваат пчелните пити со мед“. Макар и без увид во интегралниот текст на книгата, Грашев ги цитира петте наслови од рекламната најава: „Овие лудории од немакедонски фрази, овие бркотници од немакедонска фонетика, оваа дилогика од искривоколчена синтакса ќе роди од пепелта феникс, од мозокот на К.П. Мисирков – дело, том од 10 печатарски табаци…“
Со молчење или со камшици
И Милан Грашев потсетува за улогата на Русите: „Ова не е првиот потрес во нашата литература:,Младата македонска книжовна дружина‘ од 1892 год. не отскокнува многу пред рабушот на К.П. Мисирков.,Лоза‘ со непромисленост, но со многу поголем ум, застапуваше нешто што се изроди во илјадници глави и даде друго за кое, толмачите‘ не помислија. Оваа идеја се,пропиштела‘ во 1887 година – само во рускиот реакционерен печат. Иван Аксаков ги советувал своите воспитаници Македонци во 1886 год. да го изделат македонскиот литературен жаргон и да го зачудат светот со својата независност… Досега никој не ги разбрал. Неодамна чувме дека во Петроград се образувало Студентско македонско друштво што ќе работи врз,македонскиот јазик‘…
Нема сомнение дека над овие идеи и потфати работат многу поумни глави од оние што ги гледаме со просто око. Во 1892 год. овој израз доби увлечение што ја издигнуваше Македонија во,отделно (тие не пишуваа,оддел’но) словенско господарство‘?!“
И Шангов и Грашев се заканија: „Ние бездруго ќе се навратиме и поспокојно врз трудот на г. Мисирков штом ќе се појави“. Но кога книгата излезе и беше прочитана – настана тешкиот заговор на молчење… Малку потоа, Грашев само препорача: „Бугарската влада треба да се изјасни спрема движењето, течењето и дејците. Ако е потребно сево ова за делото и за идеалот – да се трпи; не е ли – Кнежеството има четири краишта. Оди ли движењето по патот на некоја можна благопријатност – да се гали; оди ли по патот на вратоломноста – да се окове; море со камшици не се тепа…“
(продолжува)