ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (4)
За браќата Гојко Делчев Рафкин (Јаковлески) и за Манојил Јаковлески-Мане напишав две монографии, „Македонија мојот живот“ и „Копнеж за Македонија“, со над 1.000 страници. За нивните активности напишав многу текстови и аудиоразговори, објавени во печатени и електронски медиуми во Македонија и во Германија. Но останаа уште многу ненапишани текстови од нивниот неколкудецениски печалбарски живот во Берлин, исполнет со политичка активност за обединета и самостојна Македонија.
Домашната архива на Гојко ја сочинуваат над 10.000 страници документи, писма и други материјали, илјадници фотографии од раѓањето до денес, а полициското досие има 1.200 страници. Гојко десет години имаше забрана да дојде во Македонија, во родното гостиварско село Зубовце да ги посети родителите, причина беше неговата македонска националистичка политика што ја водеше во Западна Германија. Има многу материјал, политички и историски, актуелен и денес, кој тешко можам да го сместам во десет тома. Но во фељтонот „Забележано, ненапишано“ на „Нова Македонија“ ексклузивно ги обелоденувам тајните чувани половина век од случувањата.
На кодошките невистини што биле доставувани до тајните служби на повеќе држави (СФРЈ, З. Германија, И. Германија, Бугарија и други), со измислени и фалсификувани докази, целта им била Гојко Јаковлески да се притвори, да се осуди со затворска казна, да се ослободат од неговите македонски националистички идеи, оти им беше трн во окото на антимакедонистите во Македонија и во соседните држави и поради тоа што е успешен бизнисмен во Западен Берлин. Многумина му завидуваа, а тој со широка душа им помагаше на сите што ќе побараа помош од него.
Неколку дена пред прославата на 31-та годишнина од Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ, со Гојко Делчев Рафкин, во неговото родно село Зубовце, направивме ретроспектива и потсетување на позначајните случувања што оставиле неизбришливи траги во неговиот живот и на семејството.
Многупати јавно, на трибини, во интервјуја или написи, Јаковлески ја изнесуваше вистината за основањето на партијата: „Темелите на ВМРО-ДПМНЕ ги удривме во Минхен, на 31 мај и на 1 и 2 јуни 1990 година, а присуствувавме: Драган Богдановски, јас (Гојко Јаковлески), Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и Владо Транталовски, а ги осветивме на 17 јуни 1990 година (недела), на Основачкото собрание што го одржавме во тогашниот дом на младите ‘25 Мај’ во Скопје, кога на демократски пат ги избравме органите и телата на партијата“. Таа е вистината, категоричен е Јаковлески и додава: „Тие што имаат друга вистина, зошто не реагираа веднаш по основањето на партијата“.
Во далечната 1984 година, во кабинетот на неговата куќа во Берлин, Гојко ми говореше за два несекојдневни настани, кои ако се оствареле, во целост ќе му го променеле животот, можеби ќе бил ликвидиран, или осуден на долги години робија. Првиот немил настан му се случил во далечната 1971 година. Иако ја троши 86-та година од животот, меморијата го нема напуштено, идентично како и тогаш ми го раскажа настанот: „Да, се сеќавам“, потврдно одговори Јаковлески, „како да се случи вчера. На почетокот на новата 1971 година, ресторанот ‘Ново Скопје’, кој се наоѓаше на главната улица на Западен Берлин, беше единствен по архитектурата – ниска зграда покриена со ќерамиди, ресторанската сала декорирана во стилот на стара македонска куќа, на централниот ѕид се наоѓаше картата на етничка Македонија, а до неа цртеж со ликот на Гоце Делчев, во физичка големина. Муралите на ѕидовите, слики со Александар Македонски и Гоце Делчев, ги насликаа италијанскиот сликар Енцо Курчети и шпанскиот сликар Антонио.
Осумчлена делегација од Бугарија се смести во сепарето, а по неколку минути, келнерот ме извести дека гостите ме канат да им се придружам и сакаат да разговараат. Откако се поздравив и им се претставив, шефот на делегацијата, така ми се претстави, ги претстави и другите членови со име и презиме и функции, дека шестмина се туристички работници, од кои двајца директори на хотел, двајца високи функционери во бугарската влада, а не ми кажаа дека имаат и агенти на тајната бугарска служба. Целта на посетата ја дознав во текот на разговорот, кој траеше околу два часа. Шефот на групата ми рече дека Бугарија сака да го купи или, пак, да има влијание врз работењето на ресторанот ‘Ново Скопје’.
‘Господин Јаковлески, ние сме заинтересирани да го купиме вашиот ресторан, или, пак, да бидеме косопственици. Вие и понатаму останувате сопственик и ќе раководите со ресторанот. Бугарија ви нуди да ги обезбеди персоналот, музиката, снабдувањето со прехранбени артикли и пијалаци, а сето тоа по многу поволни услови, за 50 проценти пониски, во споредба со актуелните цени во Западен Берлин, ќе води грижа и за персоналот, половина ќе го плаќаме ние, а половина Вие. Единствен услов што треба да го исполните е да го замените името на ресторанот ‘Ново Скопје’ со името ‘Балкантурист’ и да ги тргнете белезите што го отсликуваат карактерот на етничка Македонија. Овие услови треба да ги исполните по склучувањето на договорот и ние веднаш ќе постапиме под договорот’. Таа беше целта на посетата“, се потсетува Гојко: „Внимателно ги слушав предлозите, вриев, некако издржав да не експлодирам, се воздржав, го дочекав крајот на образложувањето на понудата на Бугарите. Без размислување, без двоумење, ја одбив понудата. Настојуваа по секоја цена да ме убедат да ја прифатам понудата, но изгледа немаа информации за мојот карактер и определба, дека сум цврст карактер и непоправлив македонски националист и патриот. На разделбата им реков дека секогаш ќе бидат драги гости во ‘Ново Скопје’, ги предупредив повеќе да не доаѓаат ако имаат задача да ме убедат да се премислам и да го сменам името на ресторанот. ‘Да ми понудите и кола злато, нема да ме премислите, ресторанот ‘Ново Скопје’ останува неформална македонска амбасада“.
Гојко живо се потсети на овој разговор, како и на оној што му се случил во 1974 година, но и на нашиот разговор десет години потоа, кога темата ја сподели со мене, а ми рече дека е само за моја информација, да не ја ширам, ниту пак да ја објавам во весник, бидејќи „сега не е време“.
„Откако се запознав со Драган Богдановски, Мирко Илиевски, Томе Јаневски и други членови на ДООМ, во 1974 година бев повикан на разговор во германската полиција (БНД), за да го разгледам анонимното писмо што го добиле, испратено од градот Ирви, во близината на Париз. Во него пишуваше дека сум соработувал со тајните служби на Југославија и на Бугарија. Клеветите ги отфрлив како неосновани, дека се измислици само да ги нарушат мојот углед и достоинство и додека се расчистат лагите, ќе ми биде нанесена голема материјална штета. Не постои никаков доказ за тоа, јас сум успешен бизнисмен, ниту на памет не ми доаѓа да се занимавам со шпионажа. Но не знам зошто, сомневањата останаа кај германската полиција, причините не ми беа познати, а ме третираа како македонски националист!“
Повод за втората средба на Гојко со германските полицајци била што во ресторанот „Ново Скопје“ поставил македонска националистичка иконографија, етничка карта на Македонија со трите дела. За ова има неколку папки со документи, преписка водена со МНР на Западна Германија и со другите локални републички и сојузни органи. Според сеќавањата на Јаковлески, за иконографијата остро реагирале Грците. „Германскиот амбасадор во Атина трипати бил повикан во Министерството за надворешни работи на Грција, а грчкиот амбасадор во Бон двапати протестирал, поради тоа што ми дозволиле на географска карта да присвојувам дел од грчката територија.
Исто така, претставникот на Воената мисија на Грција во З. Берлин протестирал во Сенатот на З. Берлин. Кога барав германско државјанство, мојот адвокат ми рече привремено да ги тргнам македонските белези од ресторанот и ќе добијам германско државјанство. Но не сакав да ги тргнам македонските белези, бидејќи претходно, спротивно на законот, германските власти ми ја одзедоа гаранцијата. Во тој период за поставената иконографија имав притисоци од претставници на НР Бугарија и на југословенската Воена мисија во З. Берлин. Поради ова, бев принуден привремено да ја сменам иконографијата. Кога го добив државјанството, повторно ја вратив спорната иконографија, бидејќи идејата за обединета и самостојна Македонија не можев да ја напуштам“, ни рече Јаковлески пред 47 години, а тоа го потврди и пред некој ден.