Трајна, разумна и праведна спогодба

Во настанатиот спор и во преговорите секоја од страните сака да верува во исправноста на своето размислување и расудување. Состојбата на различното верување и не е друго туку е одраз на различните перцепции што страните ги имаат во однос на проблемот што постои помеѓу нив. Токму поради ова се наложува потребата за него да се преговара Овие преговори, колку и да изгледаат тешки, можеби и забавени, понекогаш разочарувачки, проследени со стравови, тензии, емоции, фрустрации и сл., сепак, ако се погледнат од друг агол и ако се знае целта заради која тие се водат и ако се има доволно политичка храброст и волја, знаење и доверба, тогаш крајниот резултат од нив и не би можел да биде друг освен: постигнување трајна, разумна (праведна) и ефективна (применлива) спогодба. Ваквата спогодба, пак, гледана од аспект на интересите на двете страни: би овозможила, до изводливо прифатлива мера, задоволување на нивните поединечни интереси, праведно решавање на нивните спротивставени интереси и, секако, таа би создала услови и за унапредување на заедничките (нивни) интереси. Спогодбата поставена на овие основи, всушност, се сведува на решение, кое ниту едната ниту другата страна би ја направило губитник, туку, напротив, и двете страни, истовремено, би ги направило добитници.

Решение за мир и стабилност

Ако преговарачкиот процес резултира со ваков вид решение, тогаш е повеќе од сигурно дека, тоа на долг рок, не само што зад себе би ги оставило сите дотогашни проблеми што ги оптоваруваа меѓусебните односи, туку што е, уште позначајно, тоа ќе ја унапреди довербата и, истовремено, ќе ја продлабочи соработката во сите домени од интерес за двата соседа. Покрај ова, ваквата спогодба Република Македонија високо би ја етаблирала на сите нивоа во меѓународните односи (членство во Европската Унија, НАТО и во сите други релевантни меѓународни организации и други асоцијации). Истото би се случило и на ниво на билатералните односи со трети држави. Таа уште би придонела и за мирот и стабилноста во регионот и пошироко. Посебно за нас, таа дефинитивно би попречила какво било загрозување во иднина на нашата граница со соседна Грција, но, би рекол, и на границата со преостанатите наши соседи. Само спогодба со ваков квалитет би била реален супститут на, веќе, постојната Привремена спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција (Њујорк, 13 септември 1995).
Ако се тргне од она што досега го имаме како сознание за тоа како досега се разговарало и преговарало за решавање на посочената „разлика“ (во цитираните резолуции на Советот на безбедност и Генералното собрание на ОН), околу употребата на зборот (именката) „Македонија“ во името на државата, далеку сме од тоа да заклучиме дека страните имале избрано пристап што би резултирал со постигнување спогодба. За да се дојде до таква спогодба не е доволно само да се има желба за неа, туку многу повеќе од тоа. Имено, кога велам „многу повеќе“, всушност, мислам на избор на сосема нов (различен) пристап од досегашниот во водењето на преговорите. Со еден збор кажано, потребна е нова парадигма.

Во продолжение ќе се обидам да ги исцртам основните линии по кои би требало да се движат постојните преговори, ако навистина намерата (целта) на страните (Република Македонија и Република Грција) е преку нив да се дојде до посакуваниот резултат, а тој е: трајно да се реши постојниот проблем меѓу нив, дефиниран од органите на ОН, како „разлика“ што треба да се направи околу употребата на зборот (терминот) „Македонија“ во името во однос на употребата на истиот овој збор и во името на северната грчка провинција насловена како „Македонија.“ Но, не само трајно да се реши посочениот проблем, туку и да се отвори перспектива за унапредување и продлабочување на вкупните нивни заемни односи.
Првиот основен чекор за постигнување ваков вид спогодба е: обете страни, без какво било условување, да прифатат статус на партнерски однос во водење на преговорите. Односот, во случајот, за кој се залагам би значел дека тие, од начело во справувањето со „разликата“ околу употребата на името „Македонија“ треба да се најдат на иста страна. Ова, секако, разбрано во смисла дека двете држави во овој однос, при решавањето на апострофираниот проблем, треба да бидат поставени во состојба, како што обично се вели „рамо до рамо“, а не „очи во очи“. Спогодбата втемелена на ваквиот партнерски однос помеѓу страните, не треба да биде спорно, дека по многу нешта би била различна од класичните спогодби, кои во основа се резултат на позициското преговарање (кое, инаку, и денес некои го поддржуваат) или на компромисот постигнат помеѓу страните. Ако тој чекор не биде направен страните и натаму проблемот ќе го гледаат само од аголот на нивните цврсто заземени позиции, а не и од аголот на нивните индивидуални и, истовремено, нивните заеднички интереси, (и секако, од интересите пошироки од нивните). Без да се има разбирање за ова тешко може да се очекува дека решението до кое би се дошло трајно и квалитетно би го решило дваесет и петгодишниот проблем, а уште помалку може да се очекува да доведе и до унапредување на нивните меѓусебни односи. Уште помалку, пак, тоа би било можно да се постигне ако едната или истовремено и двете страни бидат принудени до решението да дојдат под, условно речено, некаков „внатрешен или надворешен притисок“. При ваква состојба прашање е на време кога проблемот повторно ќе „исплива на површина“, со сите емотивни, историски, културолошки, етнички и слични на нив други компоненти.

Улогата на Метју Нимиц

Токму поради тоа и двете страни на самиот почеток потребно е да покажат исклучителна политичка храброст за преземање на горепосочениот „основен чекор“. Кај мене не постои каква било дилема дека само овој е пристапот што би овозможил и двете страни од преговарачкиот процес да излезат со достоинство и со еднаква бенефиција, како во однос на своите индивидуални така и на нивните заеднички интереси, но и пошироко од тоа. Кога сме кон ова, за очекување е страните да бидат охрабрени и силно поддржани и од институциите на Европската Унија и на оние од Обединетите нации. Во секој случај, доколку дојде во промена на насоката за која се залагам, посебно, непроценлива и значајна би била и улогата на Метју Нимиц, како ополномоштен пратеник на генералниот секретар на ОН. Со ова не сакам да бидам разбран дека тој во досегашниот тек на преговорите не го дал потребниот свој придонес, а уште помалку пак дека во овие преговори тој избрал и страна. Силно верувам дека тој од почеток искрено ги вложил целокупното свое знаење и умење и кредибилитет да им помогне на двете страни да дојдат до посакуваното решение на постојниот проблем. Но, доколку успее страните да ги доведе до нивото во овие односи за кое се залагам, во тој случај навистина вербата моја кон него би била немерлива. Ова затоа што браздата што со негова помош би била заорана би овозможила родот, не само денешен, туку и многу десетлетија нанапред, да биде богат. Во сево ова искрено верувам затоа што влогот што денес со посредникот Нимиц самите страни во овој „спор“ би го направиле е влог не за минатото, туку за сегашноста, а уште, повеќе би рекол, за иднината на двата народи и држави.

Да заклучам. Ако во овој момент (без да влегувам во шпекулации), страните сѐ уште не се подготвени врз овде понудената основа да бараат решавање на постојниот проблем, тогаш, според мое длабоко убедување, подобро е за одредено време да застанат со процесот на преговарање. Во таков случај, ако тие во досегашниот процес на преговарање, сепак, успеале (а верувам дека успеале) некои прашања да ги затворат, препорачливо е за нив да постигнат своевиден меѓудоговор. Во рамките на него можат да се сместат и сите досега апсолвирани прашања со Привремената спогодба од 1995 година. Заслужува, до постигнувањето на конечниот договор, во овој меѓудоговор страните, посебно, да вложат напор да дојде до реафирмирање на круцијалното решение (поради кое можеби Република Македонија и прифатила да се склучи оваа спогодба), а тоа е решението од членот 11 од спогодбата. Според него, цитирам: „По влегувањето на оваа привремена согласност, првата страна (а тоа значи Република Грција) се согласува да не приговара на пријавата за членство на втората страна (а тоа значи на Република Македонија), во меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации, во кои првата страна е членка. Но, првата страна го задржува правото да приговара на секое генерално членство, ако и доколку во таквите организации и институции на втората страна ѝ се обраќа поинаку од она во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Потоа: „Страните се согласуваат дека постојниот економски развој на втората страна треба да се поддржува преку меѓународна соработка и, колку што е тоа можно, преку поблиски односи со втората страна со Европската економска зона и Европската Унија“. Афирмирањето на оваа одредба дотолку е потребно што до ден-денес цитираната спогодба сѐ уште е во сила, иако секоја од страните под условот утврден во неа можеше и може да ја откаже (в. член 23 став 2 од неа). Во секој случај, доколку до постигнувањето на конечниот договор нејзината прва страна (Република Грција) побара одредени аргументирани дополнителни гаранции од втората страна (Република Македонија) за откочувањето на примената на цитираната одредба од членот 11, а сето тоа во духот на општите определби во неа, втората страна (Република Македонија) може, дури би рекол, и треба (без, притоа, да овозможи одредени штетни последици за себе) во знак на добра волја да ги обезбеди (даде) бараните гаранции на првата страна (Грција).

Вредностите на партнерските односи

Една од посебно значајните вредности на партнерскиот однос е вредноста што индивидуалните преговарачки моќи на секоја од страните учеснички во него се преобразуваат во заемно споделена преговарачка моќ на двата партнера. Во секој случај, до такво ниво на преговарачка моќ е можно да се дојде само доколку помеѓу учесниците во преговарачкиот процес се изградат здрави релациски односи на доверба и почит. Тоа практично значи дека во случајот станува збор за односи во кои постои: еднакво уважување помеѓу страните; нивна подготвеност заемно да се сослушаат и да бидат во перманентна комуникација, притоа независно дали во сѐ се согласуваат или не. Натаму, подготвеност кај секоја од нив, по барање на другата страна, да го доразјасни или дообразложи својот предлог упатен до неа; имање, кај секоја од нив, разбирање за емоциите, сомнежите и стравовите на другата страна од односот. Посебно е значајно постоењето еднаква грижа кај секој од нив, за тоа како постигнатото решение би било примено од политичката и општа јавност, и тоа како кај својата така и кај јавноста на другиот партнер. Конечно, и постоење заемна согласност за тоа дека постигнатото и регистрирано (нотирано) во процесот на преговарањето не создава конечна обврска за кој било од партнерите, сѐ додека тоа не стане дел од конечната спогодба, заради која и се водат преговорите или евентуално како дел од времено постигнатиот меѓудоговор на партнерите.
Кај ваквите односи многу е значајна и подготвеноста на секоја од страните проблемот за кој расправаат да не го проценуваат само од свој агол, туку „одејќи“ секоја од нив кај другата да се обиде да го согледа и со очите на таа друга страна, па дури потоа да процени како таа би се однесувала кон проблемот, при претпоставка, ако би се нашла на нејзино место. Ова е лесно да се каже, но и при сите тешкотии вреди да се проба, затоа што може да помогне во расветлувањето на многу неодговорени прашања, кај секоја од партнерските страни.

Односот на минатото и иднината

Битно за партнерските односи е и тоа што кај нив е исклучена можноста на проблемот за кој се расправа да се гледа дека тој е поврзан само со едната од страните на тие односи. Ова во нашиот случај би значело дека проблемот за кој обично велиме дека „Република Грција го има со нашето уставно име“ не може кај ваквиот вид спогодби да постои само на едната од страните, туку тоа е проблем што еднакво ги засега и двете страни. Само заедничката согласност на двете страни може да го реши тој проблем. Тоа значи дека друг начин за негово решавање не постои, па како и да бил нарекуван од едниот или од другиот партнер.

Покрај многу други белези на овие односи е и оној што се однесува на сместувањето на проблемот за кој се преговара во точно определена временска рамка. Ако тргнеме од фактот дека целта на водењето на преговорите е со намера да се постигне спогодба за уредување на односите во сегашноста и, истовремено, со тоа се отвори перспектива за нивно продлабочување во иднина, тогаш многу е јасно дека во нив нема место за минатото. Во секој случај, изборот е на страните. Во нашиот случај, не треба да биде спорно дека изборот за двете страни треба да бидат сегашноста и иднината, а не минатото. Тоа би значело дека, наместо да се занимаваме со причините од минатото, наша заедничка цел би требало да биде намерата да ги подобриме денешните, а преку нив да отвориме перспектива и за продлабочување на утрешните заемни односи. Со еден збор, погледот, наместо кон назад, треба да ни биде свртен кон напред. Ваквиот пристап не треба да се сфати дека го игнорира минатото. На него страните можат, или би рекол треба да се навратат, но не во моментот на градењето и уредувањето на заемните односи, туку на самиот крај од нивното завршување.

(продолжува)