Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата. Промоцијата на книгата, заедно со другите девет тома на избраните дела на Андов, во издание на „Матица македонска“, ќе се случи на 30 ноември, во 18 часот, во Кинотеката.
СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (2)
Денот во август сѐ уште е долг. Откако минаа сите точки на прославата, се поздравивме со домаќините и отидовме на аеродромот. Нашиот мал авион подготвен нѐ дочека и набргу полетавме за Скопје. Кога полетавме од Словачка, сонцето беше на заоѓање, а кога слетавме во Скопје веќе беше падната ноќта. Кога слетавме на аеродромот во Скопје, отидовме во ВИП-салонот и му ги предадовме пасошите на протоколот. Пак настана некое исчекување. Очигледно, целото патување поради некои безбедносни околности ми изгледаше несекојдневно. Во „мерцедесот“, покрај возачот, беше и еден од обезбедувањето. Тој седеше до возачот. На задните седишта седевме јас и Ѓорѓи Мисајловски. Кога со извесно задоцнување тргнавме од аеродромот, сообраќајот беше некако проретчен и не чувствувавме каква било компликација. Но кога влеговме во делот каде што е клучката кај Хиподромот (она место каде што 20 години подоцна животот го загуби бардот на македонското новинарство, Никола Младенов), и ние свртивме накај Скопје, таму има удолница и кога влеговме во неа пак возевме околу 100 км на час и фаровите осветлија пред нас еден шлепер. За момент си помислив дека е неизбежно сега да удриме во шлеперот и којзнае како ќе заврши целата работа. За среќа, шлеперот малку се тргна десно точно кога дојдовме ние близу до него и нашиот шофер успеа некако одвај да го протне „мерцедесот“ покрај шлеперот. Кога од клучката минавме на патот, на човекот од обезбедувањето во колата му реков да причекаме малку, бидејќи едно стотина метри зад нас возеше колата што требаше да ме обезбедува.
Имено, од искуството што го стекнав на автопатот Скопје – Тетово кога обезбедувањето што возеше пред нас нагло ни избега, а штом тој „мерцедес“ мина од паркингот излезе еден шлепер со кој одвај се разминавме, колата мораше да се сврти и за малку ќе изгиневме, шефот на моето лично обезбедување ми кажа дека смета оти е подобро колата што ме обезбедува да не оди пред колата во која јас се возам туку да оди одзади.
Откако минавме на патот, му реков на човекот од обезбедувањето: „Нели е добро ние малку да се паркираме и да причекаме, бидејќи зад нас вози, и тоа сам во колата, човекот што е доделен од обезбедувањето“. Тоа беше едно многу способно, мирно и снаодливо момче, се викаше Предраг, да го причекаме да дојде. Човекот од обезбедувањето што беше со нас во колата брзо рече: „Никакви паркирања, одиме право дома да ве оставиме“. Излегувајќи од колата пред нашата куќата, на возачот му реков да види што е со Предраг. Тој ми рече дека Предраг зад нас удрил во оградата и во шлеперот, а потоа веднаш го однеле во болница и оти доста тешко бил повреден и има скршеници. Цела ноќ потоа не заспав. Размислував како можеше да се случи ова и ми падна на ум дека се работи за местенка, ама таа местенка била со грешка. Тоа што шлеперот малку се мрдна надесно и нѐ пропушти нас, изгледа се должи на забуна на „мајсторите“. Имено, претпоставував дека шлеперот се тргна и не пропушти бидејќи мислел оти јас не сум во таа кола туку е само обезбедувањето, а потоа го препречил патот и во него удрил „мерцедесот“ со Предраг, бидејќи сметале дека јас сум во таа кола. Секој ден се распрашував како е Предраг и ги убедував луѓето од обезбедувањето да ми уредат да го посетам момчето во болница. Секогаш ми зборуваа дека Предраг е добро, ама ми советуваа да не одам да го видам. И не го видов. Всушност Предраг бил тешко повреден и речиси 4 месеци минал во болница, кога врз него биле извршени повеќе операции. Така бев информиран.
Предраг остана жив. Тоа беше во 1994 година на 29 август, а во 2000 година, на 30 ноември, кога по третпат бев избран за претседател на Собранието на Република Македонија за мој возач го зедов токму Предраг. Две години заедно минавме, а многу ми е драго што Предраг и ден-денес е жив и здрав. Кога се среќаваме со амбасадорот Мисајловски, ако останеме во разговор подолго од 15 минути, и на двајцата на ум ни доаѓа таа тема што ја преживеавме заедно. И неговата и мојата оцена остануваат исти, секогаш повторуваме дека сме убедени дека на 29 август, со многу случајна среќа, преживеавме опасна местенка. Интересно, по овој настан не беше изготвена белешка од полицијата од која ќе се види што се случувало, како дошло до тоа ние да поминеме, а Предраг со возилото да удри во шлеперот и во оградата. На крајот на краиштата, очекував некој да се заинтересира за имотот што е државен, како и за човекот што беше на службена должност, а доби тешки повреди. Но ништо не разбравме, дали постои некоја, каква било белешка за тој настан.
Бидејќи однапред било познато дека Глигоров во Словачка ќе се сретне со Медлин Олбрајт, тој сигурно се замислил, а евентуално и се уплашил од последиците што би можеле да му се случат. Веројатно во тој момент некој што оддалеку и одблизу го демнел, се раководел од желбата да се спречи тоа патување на Глигоров, па овој дошол до идеја како, сепак, да бидеме присутни во Словачка и се определил наместо него да појдам јас
И овој пат министер за внатрешни работи беше Данилов Фрчкоски. Моите искуства од случајот во 1993 година, кога преживеавме опасна сообраќајна несреќа, а немаше никакви истраги, а и тогаш министер за внатрешни работи беше Данаилов Фрчкоски, ми укажуваа дека и оваа местенка исто така ќе биде заборавена како да не се случила, ќе биде блокирана секаква истрага. За разлика од случајот на 19 август 1993 година, кога, сепак, телевизијата А1 објави информација за несреќата, а два дена потоа и весникот „Нова Македонија“ објави куса белешка дека имало сообраќајка и немало последици и дека причината била во неодговорното возење на возачот на некоја „лада“, за оваа несреќа во која настрада Предраг никаде не видов некоја вест. Во разни околности кога ми се наметнуваше мислата во врска со ова мое патување во Словачка, ми доаѓаа многу прашања за кои немав одговор. Откако во 2003 година разбрав на какви опасности и какви маки бил изложен Киро Глигоров, кога министерот Данилов Фрчкоски се обидувал во повеќе наврати со грчки пари да го подмити и на тој начин веројатно да го направи виновник за кривично дело, ми се наметнуваше мислата дека целиот случај на патувањето и враќањето од Словачка имаше некоја врска и со Глигоров. Бидејќи однапред било познато дека Глигоров во Словачка ќе се сретне со Медлин Олбрајт, тој сигурно се замислил, а евентуално и се уплашил од последиците што би можеле да му се случат. Веројатно во тој момент некој што оддалеку и одблизу го демнел, се раководел од желбата да се спречи тоа патување на Глигоров, па овој дошол до идеја како, сепак, да бидеме присутни во Словачка и се определил наместо него да појдам јас. Оние натегања од 3 до 4 часа кога необјасниво долго седев во ВИП-салонот на аеродромот сигурно биле време на некои натегања околу тоа како да се спречи моето патување.
Тоа очигледно беше време кога министерот Данаилов Фрчкоски имаше став на надмоќен фактор и кон Глигоров и кон мене. Но сам Данаилов Фрчкоски не би можел да одлучува за такви работи. Затоа си претпоставував дека сепак тој е под некоја контрола од грчките служби и оние на Милошевиќ од Белград и дека е само извршител на задачите. Ако е тоа веројатно, тогаш може и да се објасни обидот со местенката на клучката на автопатот кај Хиподром, кога ете пак имав среќа, но настрада возачот од втората кола за обезбедување што нѐ следеше. Кога во повеќе наврати во изминатите 10-15 години ќе ми паднеа тие мисли на ум, просто ми изгледа неверојатно колку и Глигоров и јас сме им биле во раката на очигледни заговорници да нѐ уништат, поради тоа што сме им биле некоја главна пречка во остварувањето на нивните намери. Тоа што двата обида со шлепер да бидам убиен не успеаја, заслуга е на погодни случајности и на вештината на мојот возач. А тоа што Глигоров по атентатот сепак преживеа, исто така беше резултат од случајности, од тоа каде и како тој седел (а седел многу исправено), па делови од мината него само го поткачиле и му го избиле окото, но го убија неговиот возач. Исто така, здравиот организам на Глигоров му овозможи да ги преживее и инаку тешките повреди и да поживее уште 17 години.
Кога се сеќавам на овие настани што се случија во 1993 и во 1994 година, речиси секогаш ми паѓа на ум и оној разговор во Швајцарија што случајно го имав со Владо Ралев, а кој во оваа книга веќе претходно го опишав.
Многу подоцна ми беше пренесена една верзија за Владо Ралев и за неговата биографија. Ми беше кажано дека навистина семејството на Владо Ралев на извесен начин било репресирано и поради таа репресија се преселило од Гевгелија во Велес. Во Велес, како ученик на завршните години од гимназијата, Владо бил врбуван од тогашната југословенска тајна служба. Како студент бил забележан како собира информации во одредени средини, на пример во Учителско-домаќинското училиште и во други средни училишта и меѓу студентите, за кои луѓето што ми го кажаа тоа тврдеа дека ѝ ги пренесувал на УДБ-а. Изгледа неговата работа била оценета како успешна и затоа УДБ-а, инсценирала негово божемно бегство во Швајцарија, што во тоа време била проверена постапка за да се претстави конкретното лице како политички бегалец и така да биде полесно прифатено од Македонците во дијаспората. Во Швајцарија тој на чудесен начин наскоро станал успешен бизнисмен.
(Продолжува)