Нова бугарска политичка линија за македонското прашање (4)
„Нова Македонија“ во неколку продолженија донесува извадоци од книгата „Македонското прашање од 1994 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ од Чавдар Маринов. Маринов е доктор по историја и цивилизации, Бугарин, научен соработник на француската школа во Атина. Книгата на македонски јазик е издадена од фондацијата „Отворено општество“. Во неа бугарскиот историчар ја опишува бугарската политика по македонското прашање во комунистичкиот период и неколку години потоа. Весникот во четири продолженија ќе го презентира делот во кој Маринов посебно пишува за прашањата за јазикот, за децениската борба на бугарската лингвистика и политика во неуспешното докажување дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Неговите вистини наидуваат на отпор во бугарската политика и публицистика, а од многумина е прогласен за бугарски предавник
(Насловите и меѓунасловите се редакциски)
Зборувајќи за меѓународните димензии на бугарско-македонскиот лингвистички спор, треба да се земе предвид еден друг важен аспект. Тој особено се гледал во борбата на лингвистите од Софија за припадноста на старословенскиот: всушност, тезата за неговиот бугарски карактер била малку насочена и против советските научници
За да се излезе од „гетоизација“, раководителите на државата и на партијата, како и на Бугарската академија, презеле одредени мерки што требало, на географски план, да го прошират фронтот на „војната“ на јазици. Во 1969 г., една од главните цели на резолуцијата што се однесувала на „бугаристиката“ била да ја рашири во целиот свет „историската вистина“ што се однесувала на бугарскиот јазик, а истовремено и да се спротивставува на нејзиното „фалсификување“ од страна на Југославија. Во 1977 г. следувала нова резолуција на Политбирото на ЦК на БКП за развојот на „бугаристиката“, која особено требало да ѝ се спротистави на „македонистиката“, која, и покрај сѐ, имала успех во рамките на универзитетите од целиот свет.
Овој факт не е изненадувачки: всушност, бугарската лингвистика немала навистина разработена позиција што ја докажувала невозможноста на стандарден македонски во моментот. Референциите за дијалектите и за историјата нужно не носеле концептуални аргументи против она што го признал, во 1952г., Кирил Мирчев: паралелен литературен јазик, дури и заснован врз „бугарски“ дијалект. Една работа останува, речиси, очигледна: современиот македонски не бил „дијалект“. И покрај мислењето на Живков, изразено во 1963 г., македонскиот имал своја граматика, свој речник и свој јавен живот. Социјалингвистичките критериуми, кои ја издвојуваат стандардизираната јазична варијанта од дијалектот, веројатно, биле непознати за бугарските лингвисти. На теориски план тие се судриле со невозможноста да помират еден стандарден јазик и неговиот „дијалектен“ карактер. Институтот за бугарски јазик во рамките на Академијата на науките во Софија, сепак, нашол решение.
Банатски – бугарски јазик
Во 1978 г., Институтот го задал својот одличен удар против стандардниот македонски, публикувајќи еден вид манифест насловен „Единственоста на бугарскиот јазик во минатото и денес“. Првично публикуван во форма на брошура, текстот повторно бил испечатен во списанието на Институтот за бугарски јазик. Носејќи го обележјето на Институтот, тој бил анонимен: неговата разработка ангажирала една група филолози, иако голем број аналитичари му го припишуваат авторството на Владимир Георгиев. Документот за кој станува збор заслужува посебно внимание, со оглед на тоа што неговите постулати изгледаат, сѐ уште, непоколебливо во рамките на академската наука во Бугарија.
Манифестот ја црпи својата концептуална инспирација во советската „наука“. Неговата појдовна точка е „откритието“ на еден истражувач од СССР, специјалист за романски јазици, кое претендира дека дијалектите нужно не претставуваат усна лингвистичка разновидност.
Повикувајќи се на оваа „теорија“, бугарските научници ја разгледуваат можноста на „литературни дијалекти“ на „регионални литературни јазици“ или на „варијанти на националниот јазик“. Така, од страна на единственоста, македонскиот јазик бил дефиниран како „писмена регионална норма на бугарскиот јазик“, користен во Социјалистичка Република Македонија и заснован на југозападниот бугарски А-дијалект.
Оваа тема била поддржана од одреден лингвистички преседан – една словенска верзија различна од бугарскиот стандарден јазик, но која го добила означувањето како бугарска. Се работи за palcensci или banatsci – бугарски јазик од банатскиот регион, лоциран главно во Романија. Првиот чекор кон идентификацијата на случајот на банатскиот бугарски со македонскиот јазик бил извршен преку признавање на банатскиот јазик како „втор литературен бугарски јазик“ во 1967 г., од дијалектологот Стојко Стојков. Постоењето на оваа паралелна лингвистичка норма било инструментализирано од неговите колеги за класифицирање на македонскиот во истата група „регионални пишани норми“ што постојат надвор од политичките граници на Бугарија, но обединети преку нивната суштинска „бугарска“ припадност.
Институтот очигледно не се чувствувал засегнато од фактот дека случајот на банатскиот бугарски јасно се разликувал од македонскиот. Последниов воопшто не се повикувал на етничката или на националната припадност на бугарскиот. Во случајот со Бугарите од југозападна Романија, истражувачите од БАН го зеле предвид нивното етничко самоопределување (колку и да е проблематично). Од друга страна, македонскиот бил вклучен под рубриката „регионална пишана норма“, едноставно со помош на една есенцијалистичка традиционална дефиниција. Така, јазик употребуван од максимум 15.000 лица, исклучен од доменот на администрацијата и користен особено во црковни книги, се ставал на исто ниво како официјален јазик на една југословенска република што претставува „матична држава“ на околу два милиони луѓе.
Спорови за старословенскиот црковен јазик
Но афирмацијата на „бугарскиот“ карактер на македонскиот јазик упатувала на еден друг важен проблем: „вистинска“ етничка припадност на старословенскиот, т.е. на лингвистичките варијанти некогаш користени од Кирил и Методиј. Докажувањето на „бугарската природа“ на идиомот на првите текстови на кодифициран словенски, кој ја сочинува „единствено стана бугарскиот јазик во минатото“, истовремено ја гарантирал „единственоста на бугарскиот јазик денес“. Причината: се претпоставувало дека старословенскиот јазик се формирал врз говорите од 9 век од родното место на создавачите на словенската азбука – регионот на Солун, сметан за составен дел на Македонија.
Традиционално, во Бугарија старословенскиот е дефиниран како „старобугарски“ – именување користено и од одредени германофонски автори, кои сѐ уште зборуваат за Altbugarisch како еднаков термин на Altkirschenslawich. Обидувајќи се да го докажат историскиот континуитет на својот јазик, македонските научници, за возврат, тврдат дека старословенскиот бил првата верзија на денешниот македонски. Во својот „Manuel du vieux slave“, францускиот славист Андре Вајан, меѓу другото, го именува овој јазик како „старомакедонски“. Тоа било, без сомнение, име што на ретроактивен начин ги истакнувало моменталните лингвистички реалности. Но на истиот ретроактивен начин, лингвистите од Софија инсистираат врз јасна етнизација на истата лингвистичка разновидност како „бугарска“.
Во единственоста, оваа теза требало да ги урне, особено, повикувањата за еден посебен современ македонски јазик, во мера каде што историскиот континуитет, претендиран од последниот, се покажал како „невистинит“. Според логиката на Институтот во рамките на БАН, ако јазикот на Кирил и Методиј бил „бугарски“, тогаш тоа е случај и со дијалектите во денешна „географска Македонија“ и, следствено, на лингвистичката норма од Скопје.
Реакцијата на промоторите на таа норма не доцнела. Во 1978 г., македонските лингвисти одговориле на брошурата на Бугарската академија, објавувајќи едно дело што ги „докажува“ легитимноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик. Американецот Хорас Лант, автор на првата академска граматика на македонскиот јазик, малку подоцна изјавил дека споредбата меѓу „краткотрајниот“ јазик од „неколку села“ од Банат со тој од Македонија е „во најдобар случај лекомислена“. Лант нагласува дека бугарската аргументација е „некомпетентна во однос на лингвистичката теорија и заснована врз низа лошо организирани предлози и побарувања, од кои еден голем број се сомнителни, претерани или искривени. На тој начин расправијата се префрлила на поширок меѓународен план.
Зборувајќи за меѓународните димензии на бугарско-македонскиот лингвистички спор, треба да се земе предвид еден друг важен аспект. Тој особено се гледал во борбата на лингвистите од Софија за припадноста на старословенскиот: всушност, тезата за неговиот бугарски карактер била малку насочена и против советските научници. Во принцип, последниве претпочитале да го именуваат јазикот на првите глаголски и кирилски текстови како старословенски, но не и како старобугарски. На овој начин, тие ја избегнуваат анахроничната етнизација: покрај сѐ, се зборува за една лингвистичка карактеристика повеќе или помалку заедничка за сите Словени од 9 век.
Бугарската јазична русофобија
Но може да се претпостави дека преку овој терминолошки избор советските научници премолчно се обидуваат да заштитат еден дел од руското национално достоинство: признавањето на стариот словенски јазик како „старобугарски“ можел да ја сведе, на симболичен план, „големата“ култура на рускиот народ на „наследство“ на една мала балканска култура. Во оваа смисла, преку тезата на „единственоста на бугарскиот јазик во минатото и денес“, бугарските специјалисти не се двоумеле истовремено да им се спротивстават на нивните „другари“ од Универзитетот во Москва, на Советската академија на науките, а особено на нејзиниот Институт за славистика и балканистика. Лингвистите од Софија од својата држава си обезбедиле одврзани раце: да го афирмираат „националниот интерес“, дури и покрај рускиот „голем брат“. „Меката русофобија“ во лингвистичкиот камп особено била засилена со македонското прашање, бидејќи советските лингвисти истовремено го негирале терминот „старобугарски“ и отворено признавале посебен македонски јазик.
На овој начин, антископските акции се испреплетуваат со антимосковските. Во текот на летото 1979 г., секретарката на Одделот за словенска лингвистика во рамките на Институтот за бугарски јазик, Дина Станишева, била отстранета од нејзиното место, а премолченото оправдување за ова било нејзиното руско потекло и нејзиното образовање кај Самуил Бернштајн, што ја дискредитирало во доменот на македонското прашање. Во 1983 г., во текот на Конгресот за славистика во Киев, бугарскиот дијалектолог Максим Младенов бил задолжен од раководството на БАН да направи една презентација против Бернштајн – промоторот на македонскиот јазик во Москва. Во 80-тите години во 20 век, списанието на Институтот за бугарски јазик не се колебало сурово да ги нападне руските научници што го негирале постоењето на еден „старобугарски јазик“ и/или кои имале „македонистички“ позиции. Така, и во лингвистичкиот камп марксистичко-ленинистичките табуа отстапуваат пред императивите на „националната кауза“.
(крај)