Бугарија ги создаде врховизмот и врховистите

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (8)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

По поразот на Илинденското востание не запреа активностите на македонските револуционерни организации во битката за ослободување на Македонија и за создавање посебна држава на Македонците, барем за автономија, во најмала рака. Тоа се согледува од програмите, прогласите и директивите што тие ги издаваа. Една од познатите е директивата за идната дејност на организацијата (1904, почеток), во која се налага „агитацијата да не испушта од предвид да ги запознава борците со меѓународната положба на македонското прашање и да ги научи да не се надеваат на Русија, Австрија, Бугарија, Србија или на Грција, туку да се потпираат на своите сили. Борците треба да знаат дека слободата не се дава како милост, туку се изборува со оружје в рака, и дека таа е дотолку поблиску, колку што поголема сила претставуваат тие. Слободен е само оној народ што сам си ја извојувал слободата и кај кого таа станува традиција што се предава од едно на друго поколение“.

Солунскиот револуционерен округ на Вториот окружен конгрес усвои протокол (1905, август) во кој пишува: „Идејата за автономија на Македонија нема успех кај балканските државички…. Сите балкански државички, меѓу нив и Бугарија, Внатрешната македонска организација ја сметаат како свој опасен непријател. Нашата независност побудува омраза како кај официјална, така и кај неофицијална Бугарија. Организацијата треба да си постави две задачи. Едната е да го подготви народот за револуцијата со која ќе го собори тиранското владеење, а другата е, подготвувајќи го за револуцијата, да го подготви (и) за неговиот слободен живот. Едната и другата активност треба да одат паралелно и никогаш да не биде едната на штета на другата. Организацијата треба да се погрижи и за националното самосознание на Македонецот. Врховниот комитет, српскиот комитет и грчкиот комитет, сите тие се орудија на денешните балкански државички, преку кои ги постигнуваат своите завојувачки цели. (170). Бараме задграничното претставништво на организацијата да се пресели од Софија и да се премести некаде на Запад, на пр. во Женева (172).

И Серскиот револуционерен округ на Третиот редовен кружен конгрес (1907) донесе ставови со кои организацијата ја осудува политиката на сите соседни држави заинтересирани за македонското прашање, чии пропаганди се инспирираат од чисто завојувачки стремежи. „Бугарија како силно заинтересирана со свои длабоки економски и политички цели при решавањето на македонското прашање, прва почнала со искористувањето на ослободителното дело за своите државни и династички интереси… Бугарија ги употреби сите средства (за) раздор меѓу дејците на внатрешноста, стремејќи се со тоа да ја претвори организацијата во свое орудие. Ценејќи ја високо својата независност (организацијата) застана најкатегорично против таа политика, третирајќи ги нејзините орудија исто како тие на другите пропаганди.
Интересен во овој контекст е заклучокот на Окружниот комитет од 1907-та (декември), во кој се истакнува: „Бугарија прва започна да го користи (македонското) ослободително дело за своите државни и династички цели. На тој начин таа уште од самиот почеток ја компромитира независноста на организацијата и предизвика вооружен курс на туѓите национални пропаганди „Политиката на освојување, од нејзина страна, еднаква како и онаа на Србија и Грција, безусловно ни наложува да заземеме ставови кон неа како спрема туѓа непријателска сила“. „Ние не ја мразиме Бугарија, туку ѝ се спротивставуваме на нејзината политика, која стои во судир со нашите идеали и интереси“. „За да може да врви наспроти организацијата, Бугарија ги создаде врховизмот и врховистите, кои имаа за задача да ги уриваат и уништуваат секој потфат и секое нејзино дело“.

Заклучоци

Фактите од претставници на европските големи сили посведочуваат дека во Македонија (во предметниот период) мнозинско население беше македонското христијанско население, именувано и како македонски народ, со свој посебен јазик, различен од бугарскиот и од српскиот. Тој народ предводен од својата народна Македонска револуционерна организација се крена на масовно востание, се бореше со сопствени сили за ослободување и создавање автономна држава Македонија. Тоа го докажа со воспоставувањето на ослободената територија востаничка народна власт со „привремени влади“, како што известија самите тие.

Дипломатиите на европските големи сили и (европската) јавност беа преокупирани со македонското прашање. Многумина од дипломатите предлагаа решавање на прашањето со формирање автономна област, автономна држава Македонија, па и македонско кнежевство. Претензиите на Грција, Бугарија и на Србија во Македонија беа оспорувани и оспорени. Но тоа не влијаеше на позицијата и политиката на нивните влади. Тие беа против востанието, против македонското револуционерно ослободителното движење, за одржување на власта на османлиската држава во Македонија, а со тоа и договореното статус кво на Балканскиот Полуостров. Од османлиската држава очекуваа со својата огромна армија и другите безбедносни сили концентрирани спрема востаничката територија брзо справување со востаничките сили и воспоставување на поредокот.

Кога се покажа немоќни и по цели два месеца да ги уништат востаничките чети, трпеа големи загуби, па применија и жесток терор, уништување на селата, насилства и масакрирање на цивилното население, европските големи сили одлучија да интервенираат да ги поддржат воспоставувањето и одржувањето на поредокот во Македонија. Не за да го решат македонското прашање туку да го одложат неговото решавање. „За смирување на Македонија“ (именувана со трите вилаети, поретко трите македонски вилаети: Солунски, Битолски и Косовски) на османлиската држава ѝ наметнаа програма (позната како Мирцштегска програма) за реформи. Четири години во Македонија престојуваа цивилни и воени претставници на европските големи сили да ги реформираат административните власти, судството, финансиите и посебно безбедносните служби за одржување на јавниот ред и мир. За сето време соработуваа со османлиските власти. Го толерираа поредокот на хаосот, предизвикан со отворената агресија на вооружените пропагандни грчки андартски, српски и бугарски врховистички чети. Сите тие четнички формации на владите на Грција, Бугарија и на Србија пред нивни очи жестоко го тероризираа цивилното македонското население. Нивната реформска мисија не успеа, беше прекината со Младотурската воена револуција во 1908 година.

Македонското население го користеше присуство на нивните цивилни и воени претставници, им се обраќаше со колективни и со индивидуални барања за заштита од теророт на властите, од редовната војска и башибозукот и од пропагандните чети. Притоа ја искажуваше својата народност како Македонци и бараше автономија за Македонија. Кога се увиде дека не треба да верува и да очекува заштита, уште помалку поддршка за ослободување, обраќањата запреа.
По Илинденското востание, кај македонскиот народ уште повеќе се зацврсти убеденоста да не смета на сочувство за својата положба, да не очекува поддршка и помош во борбата за ослободување. За време на востанието народот се убеди на дело дека може со своите сили да се бори и да се избори за слобода и самостојна држава Македонија.
За крај, извесно е дека македонизмот е дело на македонските револуционери идеолози на Македонската револуционерна организација и народни апостоли, дело на револуционерните групи, интелектуални друштва и поединци надвор од земјата (во балканските земји, Русија и Европа), под девизата „Македонија на Македонците“ и борбата за самостојна држава Македонија. Следствено дело на македонскиот колективен ум.

(крај)