Фото: Пекселс

Напуштањето на старите, препуштајќи ги на живот исполнет со осаменост е непростлива суровост што ниту едно цивилизирано општество не треба да ја дозволи. Во западните земји се проценува дека 20 до 40% од постарите лица се чувствуваат осамено. Во Шпанија, неодамнешното истражување на Националниот институт за статистика (ИНЕ) покажа дека од речиси 5 милиони луѓе кои живеат сами во своите домови, повеќе од 2,54 милиони се на возраст од 60 или постари, а 1,71 милиони се на возраст од 70 или постари, пишува весникот „Ел Паи“.

Но, осаменоста е нешто повеќе од обичен недостаток на друштво. Дури и среде толпа, човек може да се чувствува поосамен од кога било. Чувството на осаменост доаѓа кога потребата на една личност за човечка интимност не е задоволена. Со други зборови, осаменоста може да значи и живеење во друштво на некој кој не ве сака или не се грижи за вас, што ги објаснува чувствата на многу постари луѓе, кои до одреден степен се оставени сами со својата судбина. Меѓутоа, вистина е и дека не сите постари луѓе кои живеат сами се чувствуваат осамено.

Осаменоста може да предизвика многу штета, особено кај повозрасната популација. Откриено е дека перцепцијата за осаменоста е подобар прогнозер за физичкото и менталното здравје на луѓето одошто обемот на нивните социјални контакти – бројот на членови во семејството, пријатели или луѓе со кои се дружат – или дури и нивниот брачен статус. Постојат бројни здравствени и социјални фактори кои придонесуваат за чувството на осаменост. Општо земено, тоа започнува кога постарите ќе почнат да ги губат емотивно блиските односи, како оние што ги имале со нивните починати сакани или пријатели. Оттогаш па натаму, овие луѓе може да имаат тенденција да се фокусираат повеќе на емоционалното сеќавање на загубата отколку на барање нови социјални односи кои би можеле да ја пополнат празнината. Осаменоста на постарите често е поврзана со сиромаштија, а постојат и бројни студии кои укажуваат дека таа не е секогаш поврзана со возраста.

Субјективното чувство на осаменост е постојан извор на стрес, кој негативно влијае на соматското и менталното здравје на луѓето. Невронауката и психобиологијата го поврзуваат со зголемен ризик од когнитивно оштетување и деменција, како и лоша самодоверба, нарушувања на спиењето, губење на меморијата и губење на емоционалната регулација. Овие промени би можеле да произлезат од промените во мозокот, а доказ за тоа се и најновите студии, кои осаменоста ја поврзуваат со намален обем на сива материја во некои негови делови.

Користејќи структурна и функционална невровизуелизација, научниците од престижните универзитети и истражувачки центри во Германија и Обединетото Кралство внимателно ги истражуваа мозочните корелации на осаменоста кај постарите возрасни лица. Идејата зад истражувањето беше дека различните начини на чувство и согледување на осаменоста може да ги одразуваат анатомските разлики во одредени структури на мозокот. За да го потврдат ова, истражувачите – користејќи техники на функционална магнетна резонанца – го истражуваа мозокот кај 319 постари луѓе, на возраст меѓу 61 и 82 години, со речиси рамномерна полова застапеност.

Резултатите, објавени во „Научни извештаи“, покажаа дека кај индивидуите кои постигнале повисоки резултати за воочена осаменост според скалата на осаменост на УКЛА (најчесто користена мерка, развиена на Универзитетот во Калифорнија) постои тенденција за помал волумен на сива материја во амигдалата, хипокампусот и малиот мозок, генерално во левата хемисфера на мозокот – региони кои се поврзани со емоционална и социјална обработка на информации. Обемот на амигдалата, конкретно, исто така се поврзува со големината на физичката и онлајн социјална мрежа на луѓето.

Иако се зборува само за корелации, овие резултати може да се толкуваат како одраз на социјалната интеракција на една личност во текот на животот. Со други зборови, имањето повеќе пријатели, припаѓањето во групи, почестото излегување и слично, може да предизвикаат раст на амигдалата. Додека осаменоста, недостатокот на социјална интеракција, останувањето затворен дома и немањето активности со други луѓе, може да има спротивен ефект: да предизвика намалување на амигдалата. Исто така, постојат докази дека индивидуите кои имаат поголема амигдала – поради генетски или други причини – покажуваат поголема наклонетост кон социјални активности. Во секој случај, истражувачите сметаат дека стресот предизвикан од осаменост го оштетува хипокампусот на постарите лица и го намалува неговиот волумен, зголемувајќи го нивото на хормонот кортизол и крвниот притисок. Ова, од друга страна, би влијаело на влошување на меморијата поради недостаток на социјална интеракција.

Овој заклучок се потврдува и од истражувањето реализирано од страна на иранските универзитети и истражувачки центри, кои тврдат дека осаменоста е имунометаболичен синдром на повеќеслојна патологија, бидејќи ги менува клеточните нивоа на воспалителни клеточни супстанции, го намалува телесниот одговор на антитела кои нè штитат од болести, ги намалува супстанциите кои го поттикнуваат растот на клетките и ги менува кардиоваскуларните и менталните функции.

Сепак, една друга група истражувачи, предводена од психобиологот Алиша Салвадор од Универзитетот во Валенсија во Шпанија – која исто така сериозно се занимава со последиците од осаменоста по здравјето на луѓето – изразува сомнеж во врска со взаемната поврзаност на кортизолот и осаменоста, поврзувајќи го повеќе хормонот на стрес со физичкото и психичкото здравје. Забележано е дека овој „атак“ е поизразен кај мажите, кои затоа се сметаат и за поранливи кога станува збор за осаменост.

Накратко, без оглед на нејзините причински механизми, набљудувањата и експерименталните истражувања се јасни во однос на негативните последици од осаменоста врз физичкото и менталното здравје на постарите лица. Ова не само што треба да ги мотивира семејствата да поминуваат поквалитетно време со постарите членови или роднини, туку и да ги поттикне политичките администрации да воспостават програми и да обезбедат економски ресурси, со цел старите лица да можат да уживаат во активен социјален живот и што помалку да стануваат жртви на осаменост.