Oваа недела по 55 години постоење започнаа обидите за затворање на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола останува на барањето за трајно решение и продолжување на поддршката од страна на Министерство за образование и наука на Македонија како и изминатите 30 години.
Прифатено е временото решение понудено од страна на општина Битола со кое се дава финансиска поддршка на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола до крајот на календарската 2022 година.
-Државата мора да ни помогне. Формата ако станала незаконска со измени на закон нека се корегира. Ние не сме Законодавец а ако Законот е прекршен нека има одговорност кај органот кој финансирал, истакна на прес конференцијата претседателот на УО на Детското ликовно студио „Кирил Методиј“ Битола, Славчо Неделковски, кој истакна дека пред одржувањето на прес конференцијата имал телефонски разговор со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој истакнал дека иако бил во тек со сите активности не е подготвен да потпише, ни негативно ни позитивно решение за состојбата во која моментно е студиото.
Според него, министерот им рекол дека изјавите со кои ни беше соопштено дека поддршката прекинува се точни, но дека без Решение тие не се ефективни и појасни дека активирал комисија за трето мислење кое ќе биде испратено до нас во текот на следната недела.
-Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола не ја прифаќа понудата на Министерката за култура затоа што беше во најмала рака трагична и водеше кон уништување на работата на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола, откако суптилно ќе се открадне брендот. Ние имаме колонии од Хонг Конг (Кина ), па се до Португалија. Ние имаме пет колонии кои се наши чеда низ светот, а од оваа година започнавме и со детска ликовна колонија во Бугарија со „Малиот Монмартр во Пловдив”. Денес со нас тука се и Генералниот Конзул на Република Бугарија. И тие се наши партнери со три проекти. Наши партнери се и над 500 школи и центри за ликовна едукација од цел свет кои веќе и писмено реагираат кај Министерството за образование и наука на Македонија. И УНЕСКО подготвува малку поголем документ со реакција. Следен чекор се странските амбасади и претседателот на Владата. Нас не ни е јасно како едно министерство смета дека сме незаконско финансирани, а друго веднаш се нуди за помош. Нема логика. Имаме и активности и ги отворивме сметките за донации. Ние ќе го преживееме периодот додека државата се свести, а решение ќе мора да има. Она што следи е исто така и реализацијата на Проектите кои ги планиравме. “Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола ќе ја започне школската 2022 – 2023 година не со 2 класа, по 2О ученици како што имавме обврска кон Министерството за образование и наука ами со 80 ученици. Утре, 27 август, 2022 година ,сабота од 10 до 12 часот отвораме и Кутија за донации која ќе биде поставена на платото пред “Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола и нашите ученици ќе творат. Управниот Одбор на „Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола останува на ставот дека ако Министерството за образование и наука на Македонија смета дека незаконски не финансирало некој таму треба да понесе одговорност за изминатите 29 години а ако Законите се менувале некој требало да мисли на трајни решенија – истакна Славчо Неделковски во име на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола.
М.М.