Ден на пијаното е настан кој се одржува еднаш годишно, 88-от ден во годината, затоа што тоа е бројот на дирките на пијаното
Денеска ќе се одбележи Светскиот ден на пијаното во Културно-информативниот центар во Салон „19:19“ во 18 часот, со промоција на нови звуци, композиции од светски познати композитори, кои за првпат ќе бидат изведени во земјава.
Настанот се одбележува по шести пат кај нас, се одржува во организација на м-р Светлана Димитриевска, професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Според програмата, на сцената ќе зазвучат дела од Виталиј Неугасимов, Тимоти Браун, Брајан Филд, Мехрож Мухторов, Ратко Делорко, Алексеј Шор, Оскар Гигеле. Ќе биде одбележана годишнина, 150 години од раѓањето на Александар Скрјабин, а ќе зазвучат и бисери на класиката.
Специјален гостин ќе биде современиот австриски композитор Оскар Гигеле, чие гостување е под покровителство на Австриската амбасада Скопје.
– Ден на пијаното е настан кој се одржува еднаш годишно, 88-от ден во годината, затоа што тоа е бројот на дирките на пијаното. „Зошто е потребен Ден на пијаното? Од повеќе причини. Но, најмногу поради радоста што ја носи прославата за пијаното како еден најпопуларните и најомилените инструменти, вклучувајќи ги изведувачите, композиторите и како најбитни,слушателите. Нилс Фрам е еден од основачите на идејата. Тој е германски пијанист и композитор, иновативен, кој експериментира и открива нови звуци на пијаното. Целта на овој ден е да се споделува вековната радост од свирење на пијано, откривањето на новите звуци и трендови, како и да се создава платформа за настани кои можат да се поврзат со пијаното, со цел славењето на пијаното да биде еден од најрадосните празници, сплотен со радоста и убавината која ја носат и другите уметности-наведено е во најавата за настанот.
По повод шест години јубилеј на настанот Ден на пијаното Скопје, доделена е награда од публика на Арсениј Ангелески и награда од стручна комисија на Виктор Рафајловски. Наградите ќе бидат врачени на денот на настанот. Комисијата е во состав: м-р Светлана Димитриевска м-р Марија Максимова м-р Даница Стојанова д-р Татјана Божиновска проф. д-р Марија Ѓошевска.