Животот на Пенг Лишенг претрпел голема промена во 2001 година откако тој дознал дека неговиот татко е во затвор поради трговија со дрога. Татко му работел за наркобос и бил уапсен со 200 грама хероин за кои добил казна од 23 години затвор, пренесува „Саут Чајна морнинг пост“.
Пенг Лишенг не се сеќава добро на неговиот татко, но помни оти тој постојано бил претпазлив на гласните звуци и честопати бегал низ задната врата од нивниот дом во Тунсин, мала област во северозападна Кина. Наводно, според неговата мајка, тој работел во далечни градови.
Од тој миг, Пенг станал „сирак на трговијата со дрога“. Ова оставило голема траума и лузни врз младиот Пенг, кој решил да промени нешто и да основа непрофитабилна организација која ќе помага на оние кои имаат иста судбина како неговата.
Местото каде што живее Пенг е сушна и сиромашна земја. Во 80-тите години на минатиот век, сиромашните почнале да се занимаваат со трговија на дрога, иако повеќето од нив дотогаш не виделе дрога во нивниот живот.
Откако хероинот стасал во Тунсин, се проширил како чума, влегувајќи во речиси секое семејство. Сите се обидуваа да ги регрутираат пријателите и блиските во бизнисот, а некои дури стануваа и зависници, се сеќава Пенг.
– Некои домаќинства немаа ниту завеси во нивните куќи, продаваа сѐ за да дојдат до повеќе хероин – вели Пенг.
Немаштијата била причина Пенг да не заврши училиште и во 2004 година да замине во Монголија, со цел да работи за да го издржува семејството. Работел сѐ што можел, од градежништво па до работа во ресторани во текот на шест години. Подоцна, во 2015 година тој се враќа во родното место и го основа „Тунсин помош и поддршка“, непрофитна организација која помага на децата кои се жртви на трговијата со дрога.
Примерите за тажните судбини предизвикани од трговијата со хероинот се многубројни. Една жена од вработени во организацијата била мажена двапати, а нејзините сопрузи се во затвор поради трговијата со дрога. Еден сосед на Пенг, пак, работи шест години во циркус поради тоа што неговите родители се исто така во затвор.
Многу семејства полека пропаднале и згаснале поради тоа што локалната самоуправа сериозно се справуваше со трговците на дрога. Според полициските информации, во 2004 година во Тунсин имало 1.721 трговци на хероин. Во 2013 година, по успешната кампања против употребата на дрога, Пенг вели дека животот се има подобрено.
– Штетата предизвикана од хероинот не не може да биде поправена дури ни за 20 до 30 години. Поради дрогата, многу семејства згаснаа, а децата станаа „сираци“. Некои од нив не можеа да се школуваат, а други дури и самите се вклучија во трговијата со дрога или пак, станаа зависници – објаснува Пенг.
Денес, неговата организација се грижи за околу 50-тина деца, им обезбедува училишен прибор, облека и храна. Сепак, Пенг е најмногу загрижен за нивното ментално здравје.
– Бидејќи јас сум едно од тие деца, знам што им е потребно. Нивниот најголем проблем е психолошки. Некои од нив се бунтовни, други се целосно повлечени. Се плашат да направат грешка бидејќи немаат никој во животот да ги поддржува или советува – вели Пенг.
Токму поради оваа причина, тој верува дека тие треба да одржуваат контакт со нивните затворени родители. Затоа, и покрај лимитираните ресурси, Пенг огранизира патувања со децата да ги посетат нивните родители во затвор.
– Кога сме таму, на сите лица има солзи. Плачат родителите, плачат децата, волонтерите, па дури и чуварите во затворот – вели Пенг.
Но, неговата организација полека ги губи членовите. Од 20 волонтери на почетокот, бројката опадна на пет. Сепак, тој не губи надеж, а исто така планира покрај помошта на децата, да им помага на оние жени чии сопрузи се во затвор, да најдат работа или да отворат сопствен бизнис, со цел да имаат како да ги издржуваат нивните семејства.
– Мојот сон не е да ја променам ситуацијата целосно. Но, ние го правиме тоа за да влијаеме врз децата, а потоа тие можат да помагаат и да влијаат на другите деца – изјави Пенг.