На околу 40 милиони луѓе во светот им е потребен инсулин за да се справат со дијабетесот тип 2, пренесува британски „Гардијан“. Според проценките, за 12 години се очекува оваа бројка да се искачи на 79 милиони поради проблемите со прекумерната тежина на светското население.
Доколку не се направи добра стратегија за подобар пристап до инсулинот, половина од дијабетичарите нема да можат да добијат инсулин, што за нив значи живот.
Се зголемува бројот на дијагнозите за дијабетес тип 2 во целиот свет. Сепак, на сите дијагностицирани нема да им биде потребен инсулин, кој пак, е премногу значаен за луѓето со дијабетес тип 1, вклучувајчи ја и британската премиерка Тереза Меј. Истражувањето кое на списанието „Лансет дијабетес и ендокринологија“ покажува дека до 2030 година бројот на заболени со дијабетес тип 2 ќе се искачи на 79 милиони, а половина од нив нема да можат да ја добијат потребната терапија. Околу 33 милиони луѓе кои имаат потреба од инсулин во моментов немаат пристап до лекот.
– Овие проценки укажуваат на тоа дека сегашната пристапност до инсулин е многу несоодветна со проектираните потреби, особено во Африка и Азија, а повеќе напори треба да се направат за да се надмине овој здравствен проблем – вели доктор Санџај Басу од Универзитетот Стенфорд во САД, кој го водел истражувањето.
И покрај посветеноста на ОН за лекување на оваа незаразна болест и овозможување на полесен пристап до лекови за дијабетес, сепак, низ поголемиот дел од светот има недостиг на инсулин и тежок е патот пациентите да стигнат до него.
Бројот на возрасни со дијабетес тип 2 се очекува да се зголеми во текот на следните 12 години поради стареењето, урбанизацијата и промените поврзани со исхраната и со физичката активност, освен ако владите не започнат иницијативи за да го направат инсулинот полесно достапен.
Научниците предвидуваат дека потребата за инсулин ќе се зголеми за 20 отсто во наредните 13 години. Благодарение на овој лек се намалува ризикот од компликации по здравјето на луѓето, како што се слепило, ампутација, откажување на бубрезите и мозочен удар.
Проблемите со пристапот до инсулин се присутни и во богатите земји.
На пример, во САД, цените на инсулинот значително се зголемени, па сенаторот Берни Сандерс побарал федерална истрага. Три големи производители доминираат во производството на инсулин.
Студијата користи податоци од Меѓународната федерација за дијабетес, за да се процени зголемувањето на бројот на лицата со дијабетес тип 2. Тие предвидуваат дека помеѓу 2018 и 2030 година, бројот на корисници на инсулин ќе се зголеми од 406 милиони на 511 милиони. Повеќе од половина ќе живеат во Кина (130 милиони), Индија (98 милиони) и САД (32 милиони). На 79 милиони ќе им биде неопходен инсулин, но лекот веројатно ќе биде достапен само за 38 милиони луѓе.
Докторот Тим Рид, извршен директор на ХАИ (Health Action International), кој ја финансираше студијата, вели дека добиените податоци од истражувањето се дополнителен доказ за потребата од подобрување на пристапот и достапноста на инсулинот за сите оние на кои им е потребен.