Анкета

Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје, во рамките на своите анонимни анкетни истражувања, неодамна спроведе анкета на тема „Културата и уметноста во услови на пандемија“. Притоа, онлајн биле анкетирани 1.125 испитаници од Македонија, но и од странство, и тоа од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Бугарија, Албанија, Грција, Турција, Италија, Португалија, Шпанија, Франција, Англија, Германија, Шведска, Австралија, Канада, САД, Кина и од Индија.

– Речиси според сите испитаници периодот на пандемијата бил катастрофален во текот на целата година, а особено во вториот и третиот квартал. Најмногу биле погодени приватните институции и независните културни работници. Но тие, пак, биле пофлексибилни и полесно и побрзо се приспособиле на новите услови за работа. Повеќе од половината од институциите од сферата на културата и уметноста се приспособиле на новонастанатите услови и ситуации, но една третина не се ни обиделе да го направат тоа – велат од Институтот.

Резултатите покажаа дека најбрзо и најлесно биле заменети манифестациите со физичко присуство со онлајн активности и дале задоволителен резултат. Протоколите и мерките за дистанца и претпазливост делумно биле испочитувани. Најдобри практики и иницијативи се остварени со помош и поддршка на државните органи и институции, како во земјата така и во странство, со тоа што балканските држави барале и добивале и странски спонзорства и донации, а економски поразвиените земји исклучиво се потпирале на сопствени извори.

– Сите испитаници како решение и спас ги посочуваат дигитализацијата, интернетот и електронските платформи за култура и уметност. Пандемијата беше и е шок за уметниците, огромна и неочекувана бариера за културата и уметноста, кои во 2020 година мораа да се провираат низ иглени уши, уметниците и културните работници да преживуваат, а институциите најчесто да ги одложуваат манифестациите за наредната година – велат од Институтот.
Светли точки, сепак, се онлајн ликовните изложби, онлајн промоциите на книги, онлајн саемите, конкурсите, наградите и признанијата.