Со зголемувањето на популарноста на електричните тротинети, Европа се бори да ја регулира нивната употреба по низа несреќи, пренесува Би-би-си.
Користењето електрични тротинети претставува еден од алтернативните начини на транспорт и тие имаат голем број бенефиции. Тие се еколошки и не го загадуваат воздухот, а придонесуваат и за намалување на сообраќајниот метеж. И сообраќајните експерти се согласуваат со придобивките од овие превозни средства, но исто така напоменуваат дека имаат и одредени маани, пред сѐ од аспект на безбедноста во сообраќајот.
Електричните тротинети, кои можат да се движат со брзина од 50 километри на час, досега беа вклучени во илјадници несреќни случаи, како и во неколку смртни случаи.
Градските власти треба да одлучат дали електричните тротинети треба да се движат по тротоарите, велосипедските патеки или улиците. Бидејќи имаат мали електрични мотори за напојување, незгодно е да се определи најбезбедниот простор за нивно користење.
Но, се поставува прашањето колку се безбедни електричните тротинети за користење. Од компаниите што ги произведуваат електричните тротинети не се бара да обезбедат одредени безбедносни елементи, па така, тие имаат само една сопирачка, која понекогаш не е доволна за да го запре движењето навреме.
Од 2018 година, најмалку 11 смртни случаи се поврзани со електричните тротинети во поголемите европски градови меѓу кои се Лондон, Париз, Брисел, Стокхолм и Барселона. Во Париз, корисникот починал од удар од камион. Несреќниот случај во Барселона се случи овој месец откако возач на електричен тротинет удри во 92-годишна жена, која почина како последица на ударот. Минатиот месец, позната јутуберка беше удрена од камион во Лондон.
Многу европски земји на различни начини се справуваат со електричните тротинети. Во Обединетото Кралство и во Република Ирска, тие се забранети за употреба на улиците и тротоарите и можат да се возат само на приватно земјиште. Казната за нивна употреба на јавно место изнесува 325 евра како и шест казнени поени на возачката дозвола. Во Шведска се забранети моторизирани возила на велосипедските патеки кои имаат поголема брзина на движење од 20 километри на час. Во Париз, казните за возење електрични тротинети изнесуваат 135 евра за движење по тротоарите, како и 35 евра за непрописно паркирање и попречување на движење со истите.