Икона на популарната музика на овие простори
Хрватската пејачка Габи Новак, една од најнаградуваните интерпретаторки во регионот, добитничка на наградата „порин“ за животно дело, е дама чиј нежен и топол глас нè фасцинира со децении. Таа изгради богата и успешна кариера во историјата на популарната музика на некогашна Југославија, која трае повеќе од 60 години.
За уште еден голем и важен чекор во кариерата на Габи Новак се погрижи нејзината издавачка куќа „Кроација рекордс“, која го објави долгоочекуваното издание, бокс-сет, „Дискобиографија“ (прв дел), каде што се најдоа 116 оригинални снимки. Со вториот дел од ова исклучително издание ќе има над 200 песни.
Овие 116 оригинални песни се создадени од 1957 година, од кога датираат теми од цртаниот филм „Бенко Кременко“, до „Сањај једини“, нејзината последна студиска песна објавена во 2019-та. Она што го прави ова издание посебно и исклучително вредно, се 23-те песни што се забележани првпат на носач на звук. „Дискобиографијата“, прв дел, вклучува филмска и џез-музика на Габи Новак, но и нејзини песни изведени на забавно-музички фестивали.
Подготвувајќи го првиот од двата сета кутии со прекрасна музика, Синиша Шкарица, повеќедецениски уредник во „Југотон“ и во „Кроација рекордс“, имаше толку многу белешки за Габи што тој нејзината голема музичка кариера ја претвори во „Книга за Габи“.
– Габи Новак е икона што ја симболизира историјата на популарната музика на овие простори, од доцните 1950-ти до нашето време. Пишувајќи за неа, пред сè, изложувајќи ја нејзината дискобиографија, јас всушност ја изложувам во голема мера дискобиографијата на локалната забавна музика на овие простори. Ова е, всушност, скриена биографија на Габи Новак. Преку приказни за песните се открива нејзиниот живот, но и односот кон животот. Токму затоа книгата е со поднаслов „Саундтрак на нашите животи“. Имено, преку приказната за Габи, која првпат се појави на сцената во 1957 година, книгата ја опишува историјата на музичките фестивали и дискографската индустрија во Хрватска и во Југославија од доцните 1950-ти до денес – објаснува Шкарица.
Меѓу многуте презентирани песни е и „A Foggy Day“ на Гершвин, што ја изведува со помош на познатиот Џез-квартет во Загреб. Тука се и филмски композиции, како „Среќен пат“ и „Сина далечина“ направени во 1959 и 1960 година, снимки од 2000 г., потоа оние создадени со нејзиниот син Матија Дедиќ, еден од најдобрите џез-пијанисти во регионот, и нејзините фестивалски мелодии. Поради сето тоа оваа „Дискобиографија“ претставува скапоцен камен во балканската музичка дискографија.