Од денеска почнува со работа нов специјализиран интернет-портал „Деца.мк” (www.deca.mk) наменет за родителите и децата на кој ќе се објавуваат информации за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат тие, за современите техники на воспитување и учење и се што е потребно за успешно и одговорно родителство и здраво и среќно детство.
Од порталот „Факултети.мк“ информираат дека новиот портал го стартуваат на одбележувањето на седумгодишнината од нивниот почеток.
Новиот портал ќе соработува со лекари, психолози, социолози, педагози, дефектолози, логопеди и други професионалци од државата и странство. На порталот ќе бидат објавувани и животни приказни за талентирани деца, а во фокусот ќе бидат и ранливите групи на кои им е потребна помош.
Заштитен знак на новиот портал е девојчето Биби, кое е создадено со помош на илустраторот Д Мичо, со детската писателка Билјана Црвенковска, режисерот Гоце Цветановски и музичкиот продуцент Бобан Апостолов. Преку овој лик наскоро со краткометражни анимирани филмови и печатени изданија ќе бидат понудени интересни и корисни содржини за родителите и за децата.