Браќата Менендез кои се осудени за убиството на нивните родители во семејниот дом во Беверли Хилс, САД, се соединија во затвор во јужна Калифорнија, речиси 30 години по злосторството, пренесува „Гардијан“.
Ерик Менендез (47) е сместен во ист оддел со неговиот брат Лајл (50), соопшти гласноговорничка на затворот во Сан Диего. Тие се во истиот затвор уште од февруари, по преместувањето на Лајл од затворот Мјул Крик, но немаа контакт, бидејќи беа сместени во различни оддели.
Браќата отслужуваат доживотни затворски казни за убиството на нивните родители Хозе и Луиз Менендез, кои беа застрелани со пушка во 1989 година.
Ерик и Лајл бараа да бидат сместени во ист затвор уште по пресудата, но властите тогаш не дозволуваа соучесници во злосторство да ја служат казната во иста установа. Згора, детективот кој го истражуваше случајот, посочи дека браќата во тој случај би можеле да се обидат да избегаат заедно.
Браќата признаа дека ги застрелале родителите, но тврдеа дека тие стравувале оти ќе бидат убиени, за да не откријат дека тогаш 18-годишниот Ерик бил злоставуван од нивниот татко.
Обвинителството истакна дека немало докази за злоставување, туку дека синовите сакале да го присвојат имотот вреден повеќе милиони долари на нивните родители.
Поротата го одби барањето за смртна казна на обвинетите, осудувајќи ги на доживотен затвор.