АФОРИЗМИ / Македонизми
- Полесно ќе си поминете ако во окото ви влезе грд трн отколку убава женска!
- Тестаментот е средство што го собира најблискиот родот пред неговото читање, а го разделува по тоа!
- Ги положи сите испити, но дури откако ја положија професорите!
- Со помош на најгрдиот трн лесно може да се поништи и најубавиот мирис на розата!
- Најдобро поткованиот со знаење најтешко може да биде насамарен!
- Уште не стигна на својата цел, а од него не остана ниту половина!
- Сѐ му падна од небото, па затоа беше како бог на земјата!
- Најлошо е кога за зеленилото се грижат некои зелени и во своето знаење!
- Тешко си на светецот што навреме не ја платил сметката за струја!
- Најмасовен спорт во секое време е трката по пари!
- Искуството нѐ учи забите да ги покажуваме само кога ќе добиеме нова вештачка вилица!
- Времето е пари, а особено тоа што го покажуваат златните часовници!
- Тивката вода брегот го рони, како и ситните букви во договорот за кредит што го прават задолжувањето колку планина!
- Што ќе посееш, тоа ќе ожнееш, но тоа не значи дека треба да сееш и пари!
- Само ороводецот што не го слуша тоа што другите му го свират е вистинскиот независен водач на орото!
- Кој носи, проси само ако го фатат!
- Само змијата не се жали кога ѝ е тесна кожата!
- Тој што не се лизнал не го знае ниту најмазниот пат на свилата!
- Прејадениот мачор глувците повеќе ги смета за огадени непријатели отколку за вкусна храна!
- Единствено на славејот не му се потребни врски за завршување на својата музичка наобразба!
- Откако дојде на чело, почна да ни оди на врат!
- Противкандидатите лаат, изборниот карван си врви!
- Ние за волкот, а дрогираната Црвенкапа на врата!
- И на оние што цел живот доцнат крајот секогаш им стигнува навреме!
- Редот пред рајот се разликува од оној пред пеколот по тоа што пред првиот чекаат сите, а пред вториот никој!
- Единствено високата цена е правопропорционална со високата мода!
- Како што добриот збор железна врата отвора, така лошиот збор може да го затвори оној што го кажува зад иста таква врата!
- Бескрајното дело нема што да го краси!
Кристина, Андреј и Иван Русјакови