Американски војник води правна битка со сојузната држава Аризона за старателство над бебето што неговата отуѓена сопруга тврдеше дека починало, за да го продаде на друга двојка, пренесува „Њујорк пост“. Згора, наредникот Стивен Гарсија (24) не е ниту биолошки татко на момчето.
Тој бил стациониран во Сеул, Јужна Кореја, од мај минатата година, верувајќи оти сопругата е бремена со негово дете. Сестрата на Стивен, во јануари годинава, му јавила дека бебето починало при породувањето на неговата сопруга Марина Гарсија, во местото Сиера Виста. Војникот кој бил длабоко потиштен од жалната вест, набргу дознал дека бебето, сепак, е живо.
Бебето било пронајдено на 5 февруари, кога сообраќаец запрел возило без регистарски таблички во Аризона, поради пречекорување на дозволената брзина, а кое припаѓало на двојка од Тексас. Се испоставило дека тоа било бебето што Марина Гарсија тврдела дека починало, а кое го продала на парот, три дена по неговото раѓање, бидејќи не сакала да го задржи, соопшти обвинителството. Двојката што го купила детето завршила во притвор, а бебето било предадено на одделот за безбедност на децата во Аризона.
Марина Гарсија открила дека ги предала правата за старателство над детето на двојката од Тексас, како и дека не знае кој е таткото на бебето, но оти тоа со сигурност не е сопругот Стивен, кој бил стациониран во странство.
Стивен Гарсија бил запрепастен од новите информации. Тој потоа направил ДНК-анализа што покажала дека не е татко на детето.
– Бев под впечаток дека јас сум татко на бебето додека сопругата беше бремена. Бев прилично вознемирен кога дознав дека не сум. Не можев да поверувам што се случува – објаснува Стивен, кој добил право на посета на бебето, но не и старателство.
Бебето, што го носи името Лео, сега живее во хранителско семејство. Но, Стивен Гарсија се надева дека тоа ќе се смени набргу.
Гарсија сега се бори за да добие старателство над детето, и покрај тоа што не е биолошки татко, а за таа цел покрена и интернет-кампања за финансирање на неговите трошоци. Тој е особено мотивиран за да го задржи детето, бидејќи и самиот бил посвоен.
Стивен Гарсија има намера да се разведе од сопругата, која е обвинета за киднапирање и за измама, заедно со двојката од Тексас.