Приказната за бездомникот што ги дал своите последни 20 долари на жена која била во неволја, за таа да купи бензин и да се врати дома, е потполна измислица, чија цел била да ги наведе луѓето да донираат пари за иницијаторите на измама, соопшти обвинителството на САД, а пренесува „Чикаго трибјун“.
Обвинителот на округот Бурлингтон, Скот Кофина, покрена обвиненија против пар од градот Флоренс во сојузната држава Њу Џерси, што ја кажал приказната на весниците и на телевизиските станици, како и против бездомникот кој бил здружен со нив во измамата.
Било откриено дека бездомникот, поранешен маринец Џони Бобит, се запознал со парот Кетлин Меклур и Марк Д’Амико во близина на казино во Филаделфија во октомври минатата година. Тие набргу потоа ја прошириле приказната според која Меклур наишла на Бобит покрај автопатот, кога на нејзиниот автомобил му снемало бензин, по што тој и ги дал своите последни 20 долари за да купи гориво и да се врати дома. Парот Меклур-Д’Амико, „трогнат од доброто дело“ покренал онлајн-кампања за собирање на помош за Бобит, во која беа донирани вкупно 367 илјади долари. Интернет-страницата преку која кампањата беше организирана, соопшти дека ќе ги врати парите назад на луѓето што донирале.
Меклур признала на своја пријателка дека приказната е измислена, преку смс-порака.
– Морав да измислам нешто за луѓето да се чувствуваат лошо. Приказната е потполно измислена – се наведува во пораката до која дојде обвинителството.
Парот измамници ги трошеле парите на луксуз, купувајќи БМВ-автомобил, скапа облека, а со нив заминале и на новогодишно патување во Лас Вегас. Тие гостувале во бројни телевизиски емисии, давале интервјуа, а Д’Амико планирал да напише и книга инспирирана од лажната случка.
Бобит (35) бил уапсен и притворен завчера, додека Меклур (28) и Д’Амико (39) истиот ден им се предале на властите. Сите се обвинети за измама и за заговор за измама, со што се соочуваат со затворски казни од пет до 10 години.
Полициската истрага почнала кога Бобит јавно истакнал дека не ги добива донираните пари, а потоа и ги тужел Меклур и Д’Амико.