Авторка: Бригит Шулте

(Гардијан)

Пред извесно време се трудев да најдам време за пишување во напорниот распоред, па затоа еден мој колега ми понуди да прочитам книга за дневните ритуали на големите уметници. Но наместо да ја добијам инспирацијата на којашто се надевав, вниманието не ми го привлекоа распоредот и дневните рутини на овие креативни гении, од кои повеќето беа мажи, туку оние на нивните сопруги.

Нивните сопруги внимавале ништо да не им го нарушува вниманието, а нивните куќни помошнички им носеле појадок и кафе во многу чудни доби од денот, додека дадилките ги чувале децата да не ги вознемируваат.

Марта Фројд не само што секое утро на Зигмунд му ја подготвувала облеката, туку дури и му ставала паста на четката за заби. Помошничката на Марсел Пруст, покрај тоа што му носела кафе, кроасани, весници и пошта на сребрен послужавник, таа секогаш била достапна за разговор, кој некогаш траел со часови. Сопругата на Карл Маркс живеела во беда со преживеаните три деца од вкупно шест, додека тој по цели денови творел во британскиот музеј. Густав Малер се оженил со млада и надежна композиторка на која ѝ забранил да твори затоа што тој морал да биде единствениот во семејството што ќе се занимава со таа работа. Во куќата секогаш морало да биде тивко, а сопругата со свиркање ја повикувал за да му се придружи на долгите прошетки во тишина додека ги смислувал композициите.

За разлика од уметниците, секојдневието на жените-уметници честопати било ограничено од очекувањата, обврските и грижата во домот. Жорж Санд работела доцна навечер, што го практикувала уште од тинејџерските години кога морала да се грижи за бабата. Франсин Проус го приспособувала творечкиот процес со училишните обврски на децата. Алис Манро наоѓала слободно време меѓу одржувањето на домот и воспитувањето на децата. Маја Ангелу дури плаќала хотелска соба за да може на мир да пишува. Мајката на Ентони Тролоп, која почнала да пишува на 53 години за да ги издржува сопругот и шесте деца, станувала во четири часот наутро и навреме завршувала со работа за да направи појадок за семејството.

Диригентот Зубин Мехта дури има изјавено дека „жените не треба да свират во оркестар“ затоа што немале карактер и талент. На Пети Скалфа, сопругата на Брус Спрингстин, ѝ било особено тешко да компонира музика за својот соло-албум, затоа што децата постојано ја прекинувале и го барале нејзиното внимание што не било случај со нивниот татко.

Од ова заклучив дека не е точно дека жените немаат способност да остават печат во светот на уметноста, туку тие едноставно никогаш немале време. Времето на жените отсекогаш било поделено меѓу домашните обврски, воспитувањата на децата и одржувањето на врските со средината. Жените никогаш го немале луксузот да имаат време кое сами ќе го планираат и контролираат затоа што би биле критикувани дека се себични.

Дури и денес во светот жените, и покрај тоа што се вработени, имаат двојно повеќе обврски во домот и околу децата, за разлика од мажите. Во една студија направена во Лос Анџелес, во која биле опфатени 32 семејства, се покажало дека мајките имаат вкупно 10 минути слободно време. Исто така, социологот Џоја Мисра и нејзините колеги откриле дека работните денови на професорките биле многу подолги од оние на нивните колеги, при што бил опфатен и неплатениот труд во домот. Но, од друга страна, мажите и жените имале исти платени работни часови, од кои жените повторно одвојувале време за семејството и децата во воспитување, советување, грижа и подучување. Мажите имале повеќе време да се посветат на размислување, истражување, пишување и творење за да напредуваат и се истакнат во кариерата.

Дури Торстен Веблен, авторот на „Теоријата за слободната класа“ вели дека низ историјата мажите од високата класа имале слобода да го организираат и контролираат нивното време. За жените напишал дека заедно со слугите и робовите, отсекогаш биле одговорни за тешката работа за мажите да можат да се посветат на умствената работа. Еден истражувач дури се шегува на сметка на жените дека за да имаат „целосно“ слободно време треба да станат калуѓерки, затоа што обично и тоа им било исполнето со некакви дополнителни активности.

Феминистички истражувачки откриле дека жените сметале дека „не заслужувале“ многу слободно време како мажите и дека морале да го заслужат. Поетесата Еленор Рос Тејлор цело време живеела во сенка на сопругот Питер Тејлор, кој е добитник на Пулицеровата награда. Таа честопати сама ја саботирала својата инспирација за да може да ги заврши тековните обврски. Писателот В.С. Најпол тврдел дека ниедна жена не може да се мери со него и дека тие биле „сентиментални“, а нивниот светоглед бил „ограничен“, затоа што мажите го поставувале стандардот.

Дали една писателка што напишала роман во шест тома базиран на нејзиниот живот ќе го добие истото внимание и меѓународно признание како норвешкиот писател Карл Ове Кнаусгор за делото „Мојата борба“? Дури и самата Вирџинија Вулф се прашувала што ќе се случело ако Шекспир бил жена или имал еднакво талентирана сестра. Како што таа вели, женската верзија на Шекспир сигурно немала да има време да го развие својот гениј, ќе ѝ било забрането да се образува, ќе се очекувало од неа да се омажи рано, да готви во кујната и дури да трпи физичко насилство ако не ги заврши обврските. Од друга страна, ако Шекспир имал сестра, сигурно ќе била мрзелива, ќе ја затвореле во некоја колиба во шумата, ќе ја прогласеле за вештерка или ќе завршела мртва. Вулф исто така тврдела дека еден ден во светот ќе се појави жена што ќе може да го негува својот талент, што целосно ќе зависи од светот кој самите ќе го создадеме.

Што ќе се случи ако се потрудиме да создадеме свет во кој сестрите на Шекспир и Моцарт или која било жена навистина ќе можат да го развиваат својот талент? Што ќе се случи ако жените го добијат заслуженото време да се посветат на творечката кариера? Што ќе се случи ако одлучиме да посветиме повеќе време за себе, да испиеме сами кафе и да слушаме разни животни приказни?

Многу би сакала да знам што ќе се случи.

Превод: Билјана Здравковска