Вашингтон пост
Автор: Џон Вудро Кокс
Рано наутро на Божиќ, луѓето што го бараа Роберт Фокс почнаа да се собираат на плоштадот „Франклин“ во центарот на Вашингтон. Тие ја прочитаа приказната објавена во „Вашингтон пост“ за неговата божиќна желба, да го помине празникот со неговата ќерка која живее во Вирџинија, и затоа се собраа таму за да му помогнат да ја оствари.
Седумдесетгодишниот Фокс речиси една година живее на улица, но верува дека неговата ќерка, која живее во предградие на Фредериксбург во Вирџинија, ќе го прими и ќе му понуди топол оброк и кревет. Но Фокс воопшто нема пари, а инаку живее само од месечната социјална помош од 531 долар. Имал мобилен телефон, но не можел да го плаќа, а за помалку од 48 часа пред Божиќ ги потрошил последните 62 центи на цигара. Бил убеден дека му се потребни само 27 долари за автобуска карта, а другото ќе се решело само по себе.
Најмалку 20 лица го бараа во паркот, како што изјави Патрик Хил кој со години живее на улиците во главниот град на државата. Тој исто така се обидел да помогне претходните неколку дена, со тоа што наведувал локации и луѓе кои би можеле да ги спојат таткото и ќерката.
– Тој беше навистина искрен во својата желба и не бараше ништо од мене, ни пијалак, ни цигара – вели Хил.
Во градот со 6.500 бездомници, ваквата искреност погоди илјадници читатели на „Вашингтон пост“. Но кога алтруистите не успеаја да го најдат Фокс, како што вели Хил, тие почнале да им даваат пари и картички за подароци на бездомниците на плоштадот Франклин, кој неофицијално важи за нивно прибежиште на Божиќ. Еден од нив дури му дал мобилен телефон на Хил, а друг му дал 50 долари.
Скот Талан, професор на Американскиот универзитет, беше меѓу стоте луѓе кои го контактираа новинарот на „Вашингтон пост“ за да му помогнат на Фокс да ја најде својата ќерка. Талан вели дека „се работи за обична автобуска карта до Вирџинија, а не за лет во друга држава“.
Потребата на Фокс го натерала Талан да реагира и воедно многу други биле поттикнати од истата причина да помогнат. На Фокс никогаш не му било лесно да купи автобуска карта. Тој бил свесен дека неговата визија за идеален Божиќ е фантазија. Тој се сеќава дека не разговарал со ќерка си четири години, а ја нема видено пет или шест години. Така, претпоставил дека ќе му биде лута ако ѝ се јави, затоа што долго време не разговарале, но исто така бил убеден дека ќе му прости.
Сепак, тој го немал нејзиниот телефонски број или бројот на сестрата, која сметал дека го има. На Бадник сакал да отиде на главната автобуска станица за да продаде капут или ќебе, или ако не му успее таа намера, да проси. Тогаш му се родила идеја, затоа што не успеал да стапи во контакт со неговата сестра и ќерка, Божиќ да го помине во Вашингтон со еден од неговите синови, кој е од друга жена.
„Вашингтон пост“ се обиде да стапи во контакт со ќерката, но немаше никакви јавни податоци со нејзиното име. Фокс претпоставува дека го користи презимето на сопругот, но не знае кој е тој. Не се сеќава на нејзината адреса, но можел да ја препознае куќата. Вчера новинарот се обиде да ги контактира неговата сестра и синот, но безуспешно.
На почетокот од оваа недела, Фокс отворено зборуваше за употребата на наркотици и проблемите со законот. Повеќепати бил апсен низ годините, а одлежал една година в затвор поради обвинение за поседување на кокаин. Не бил секогаш присутен за петте деца, но вели дека ги сака. По тинејџерските години, Фокс почнал да работи во градежништво, односно да се занимава со молерисување и реконструкција на домови, но го изгубил контактот со реалноста кога бил принудно иселен од домот. Потоа престојувал кратко кај пријатели или други членови на семејството, но никој од нив не можел да си дозволи да живее кај нив и затоа тој завршил на улица.
Како што наближувал празникот, така Фокс почнал да замислува дека може да почне нов живот кај ќерка си. Нејзиниот дом бил во близина на неговото родно место, каде што имал пријатели од детството, на кои можел да се потпре. Дури и на негова возраст сè уште можел да поправа автомобили или да реновира домови, односно да најде работа и да заработува за живот.
Огромен број на читатели се заинтересираа за приказната. Многумина беа лути затоа што новинарот од весникот не му купил автобуска карта на Фокс, чин што се коси со етичките правила кои им забрануваат на новинарите да им даваат пари на соговорниците, или да бидат дел од нивната приказна. Останатите читатели само сакаа да му помогнат на човекот. Тие ги оставија нивните телефонски броеви и електронски адреси за контакт. Се понудија да донираат пари, да му купат нова облека, па дури и да го одвезат до Вирџинија.
Ист став имаше и Талан, кој отвори сметка за донации во име на Фокс. За него не беше важно дали парите ќе му помогнат на Фокс да биде повторно со ќерка си или на некаков друг начин. Можеби ако не успее да стигне до Вирџинија, со собраните пари ќе си купи нова облека или мобилен телефон. Можеби ќе се соберат доволно средства што ќе му помогнат на Фокс да си најде конечно свој топол дом.
Превод: Билјана Здравковска