Судот му додели отштета од 10 милиони долари на маж од Сан Франциско кој помина шест години во затвор, пред да биде отфрлена неговата пресуда за убиство, пренесува „Ес-еф гејт“.
Џамал Трулав (33) обвини четворица полицајци од Сан Франциско дека го „наместиле“ за убиство од 2007 година. Поротата во Оукленд одлучи оти двајцата водечки детективи на случајот ги нарушиле правата на Трулав фабрикувајќи докази против него, односно сокривајќи ги доказите кои се во негова корист, по тринеделното судење кое заврши вчера.
Трулав ја дочека пресудата во солзи, откако судот одлучи дека градот Сан Франциско треба да му исплати 10 милиони долари. Тој првобитно беше осуден на 50 години затвор, за убиството на неговиот пријател Сеу Кука, кој беше застрелан во 2007 година. Но, второто судење во 2015 година резултираше со ослободителна пресуда за Трулав.
Четворицата полицајци кои беа обвинети за влијаење врз истрагата, веќе се пензионирани. Трулав ја обвини полицијата за наведување на сведоци за негова идентификација. Згора, постоеле докази за втор осомничен за убиството, кои полицијата никогаш не ги истражила, според судот.
Неправедно обвинетиот првично поднел тужба против 14 полицајци, барајќи отштета од 26 милиони долари. Трулав сега работи во организација која им помага на загрозени деца во Сан Франциско.