Страхил М. Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски со својата различност и визуелен пристап во творештвото решија да се обединат и заеднички да дејствуваат на македонската ликовна сцена како група автори. Новоформираната група на овие тројца македонски визуелни и мултимедијални уметници носи многу симболичен назив – „Три“. Нивната прва заедничка изложба „Зошто не сега“ се отвора в понеделник во МКЦ.
Порано го имавме „Зеро“, сега – „Три“… Дали групата повторно е вид парадигма за (вон)институционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена?
Страхил Петровски: Апсолутно, да! Видете вака… Не била само групата „Зеро“ ако го земеме предвид историскиот аспект. Во Македонија и порано постоеле уметнички групи што дејствувале вонинституционално. Морам да ја спомнам една од првите групи, групата „Денес“, со која на некој начин се воведува повоениот модернизам кај нас, потоа групата „Мугри“ во 1960-тите години, чии членови биле социјалистички ориентирани со изложби што ги реализирале во напуштени алтернативни простори, фабрики итн. Групата „ВДИСТ“ со иницијалите на авторите што ја формирале. Тоа се историски групи што навистина придонеле за развојот на македонската современа уметност низ годините. Во поново време по долги години, секако неоспорно ќе ја споменам и групата „Зеро“, можеби една од најекспонираните групи на овие простори и пошироко. Тука е и групата „Моми“, која по долги години пауза повторно е актуелна со изложби, повеќе низ призмата на феминизмот. Сите групи на некој начин имале свој манифест и програма за дејствување, како визуелно, ликовно, па и активистички ако сакате. Освежување на ликовната сцена кај нас е, секако, и нашата новоформирана „Група три“. Дејствувајќи интердисциплинарно и вонинституционално, па и активистички би придонеле со своите дела секој на свој начин, стил и став, во развојот на македонската културна и ликовна сцена (и надвор од границите на државата…), која, за жал, во последните години навистина е во огромна криза, според мене, од безброј многу познати и „непознати“ причини?!
И „зошто токму сега…“ (алузија на насловот на претстојната изложбата во МКЦ) потребата од ваков вид уметничко здружување?
Лазе Трипков: Во свет што постојано се менува, потребата за уметничко здружување станува сè поизразена. Динамичните промени што ги носи дигиталната ера и процесите на културна демократизација ја отвораат уметноста кон нови простори, правејќи ја подостапна, но и поставувајќи нови предизвици за нејзиното создавање, презентација и вреднување. Денес, уметничкото здружување не е само форма на организирање, туку опфаќа повеќе вредносни системи. Во овој контекст се појавува и нашата „Група три“ со изложбата „Зошто не сега“, која претставува визуелна рефлексија за контрастите, медиумите и уметничкиот потенцијал. Преку нашите дела се отвора прашањето за значењето на перцепцијата на реалноста. Секој со својот уникатен пристап, создава визуелен простор во кој се преиспитува тензијата помеѓу присуството и отсутноста, формата и формалното, материјалното и нематеријалното. Но зошто токму сега? Во време на дигитална трансформација, кога границите помеѓу физичката и виртуелната уметност сѐ повеќе се бришат, оваа изложба не е само збирка на дела, таа е пресек на медиуми, простори и концепти. Како и многу од актуелните предизвици со кои се соочуваат уметниците, од глобализацијата до дигитализацијата, моно(поли)хромната уметност овде служи како средство за соочување со суштинските прашања: Што ни открива отсуството? Како сенките и рефлексиите создаваат нови реалности? Изложбата „Зошто не сега?“ е повик за дејствување, преиспитување на уметничките изрази и активен ангажман во културните и општествените процеси. Преку истражување на контрастот како филозофска и визуелна категорија се нагласува неговата моќ да создава нови слоеви на значење. Визуелните површини во нашите дела не се празнина, туку носители на содржина, исто како што уметноста не е само одраз на реалноста, туку акт на интеракција, создавање и преиспитување. Изложбата поставува едно клучно прашање: „Зошто да чекаме?“ – зошто да не ги искористиме можностите на уметноста сега, кога можеме да создадеме нешто што ќе има долгорочно влијание врз иднината? Во свет на постојана промена, „Зошто не сега“ е одговор на потребата за нови форми на соработка и изразување.
Дали групата во иднина ќе истапи и со некаков поангажиран пристап на дејствување, покрај изложбите во галерија?
Ангел Коруновски: Дејствувањето во група има прагматичен пристап при анализирање и сублимирање на визуелните провокации. Кредото на „Група три“ е глорификација на естетиката преку дејствување во интердисциплинарни, но и класични форми на презентација на ликовното дејствување. Примарна цел ни се искреното естетско согледување, интервенирање во просторот и околината во кое дејствува со цел будење на јавната свест и упатување кон вистинските вредности. Уметноста сама по себе претставува провокација во јавното и општествено дејствување, како таква праќа порака кон, како што еднаш укажав – будење на поединците, двоење од унифицираната маса, која е глобално водена и диктирана од нумеричкиот збир, пласирани информации, ангажирана и наметната провокација кај маса луѓе, која води кон губењето на единственото нешто што не двои, а тоa е слободната мисла. Се будиме само кога сме свесни за околината, но и кога ќе се самоспознаеме. Нема повредно од човекот и природата, но и неговата вредност како оригинална и единствена мисла, дејствување и постоење. Ги согледуваме и респектираме маргинизираните објекти, предмети и простори, во иднина ќе го користиме и отворениот простор како дел на уметничко дејствување. Постојат нешта што не ги забележуваме, кои сами по себе имаат една временска, па ако сакате и историска вредност. „Три“ ќе се обиде тие предмети, простори и објекти да ги воскресне и да ги воздигне во една глорифицирана, но неангажирана естетска форма. Разбудете се!