Економските експерти внимателно ги следат ефектите од воената состојба врз цените на енергентите

  • Домашните експерти укажуваат дека доколку значително пораснат цените на нафтените деривати, тоа ќе се одрази врз секој сегмент од светската економија и врз повеќето цени во малопродажбата, но додаваат дека треба да се види како ќе се одвива ситуацијата во следните денови

Воениот конфликт на Блискиот Исток, кој опфаќа дел од земјите што важат за најголеми производители на нафтени деривати во светот, очекувано ги потресе цените на нафтата на светските берзи, што создава загриженост меѓу економистите дека ќе поттикне и раст на цените на производите во малопродажбата, бидејќи нафтата е главен „сојузник“ во транспортот и испораката на стоките низ светот. Домашните експерти укажуваат дека доколку значително пораснат цените на нафтените деривати, тоа ќе се одрази врз секој сегмент и врз повеќето цени во малопродажбата, но додаваат дека треба да се види како ќе се одвива ситуацијата во следните денови.
– Ако продолжи да се влошува ситуацијата во Иран, ќе има големи последици врз домашната економија и воопшто врз светската економија. Ќе имаме силен удар врз стандардот на граѓаните ако поскапи транспортот. Ова е сосема очекувано ако се има предвид дека секој продукт што е на која било тезга или во продавница ќе поскапи исто колку што ќе поскапи и горивото. Горивото учествува во формирањето на цените на производите што ги купуваме, бидејќи тоа е основната економска логика. Но утехата е јасна, барем немаме војна кај нас – вели професорот од Машинскиот факултет, Константин Димитров.
Тој додава дека причина за зголемувањето на цените на нафтата по нападите е и намаленото производство, кое ќе следува од најголемите нафтени производители во тој регион и делумното или можно целосно затворање на Ормускиот Теснец, низ кој минуваат 20 проценти од светската трговија со нафта и течниот природен гас.
Професорот објаснува дека и со мала намалена испорака на нафта, од само 10-20 отсто пониска испорака на нафта на светскиот пазар, цената ќе расте. Димитров посочува дека прекуноќ не може да се зголеми производството, односно дека е потребно време, што значи дека ситуацијата ќе потрае, а би можела да се влоши ако големите приватни производители на течни горива станат цели на нападите.

Регулаторот носи вонредни одлуки

Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, посочуваат оти во континуитет ја следат состојбата во нафтениот сектор и потсетуваат дека во 2022 година е воведен механизам со кој се прават секојдневно пресметки и се утврдува дали се создадени услови за донесување вонредна одлука за утврдување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати.
– РКЕ носи вонредни одлуки секојпат кога пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку два денари/литар за бензините, дизел-горивата и за екстра лесното гориво. За цената на мазутот вонредни одлуки се носат секојпат кога пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку еден денар/литар. Со ваквиот пристап се обезбедуваат сигурност, стабилност и предвидливост на пазарот со нафтените деривати, а сѐ со единствена цел да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации – посочуваат од РКЕ.
Оттаму потсетуваат дека при утврдувањето на малопродажните цени на нафтените деривати (во согласност со Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт) во пресметката се вклучуваат берзанските цени на нафтените производи во изминатиот петдневен период, објавени на „Платс јуропиан маркетскен“, како и движењето на курсот на доларот во однос на денарот во изминатиот пет дневен период.
– Формирањето на крајната цена зависи од горе споменатите елементи, кои, пак, зависат од дневната понуда и побарувачка, начинот на управување со резервите и нивното пуштање во промет, но и од одлуките на ОПЕК – дали ќе се зголеми производство или можеби ќе се пуштат резерви на нафтени деривати во оптек – додаваат од РКЕ.
Од друга страна, светските аналитичари, пак, укажуваат оти војната меѓу САД и Израел со Иран би можела да ги зголеми цените на нафтата до 100 долари за барел. Консултантската фирма „Вуд Мекензи“ предупредува дека повисоките цени на нафтата и гасот се сигурни и оти цените на нафтата потенцијално би можеле да надминат 100 долари за барел доколку протокот на танкери низ Ормускиот Теснец не се обнови брзо.

Светот будно ги следи случувањата на Блискиот Исток

Тие велат дека сообраќајот на танкери ефикасно е запрен, откако Иран предупреди за превоз од водниот пат, а осигурителните компании го повлекоа осигурувањето.
Шефот на политиката на британската автомобилска организација РАЦ, Сајмон Вилијамс, го анализираше влијанието врз повисоките цени на нафтата на бензинските и дизел-пумпите. Тој смета дека иако конфликтот на Блискиот Исток несомнено има потенцијал да ги зголеми цените на бензинските пумпите во Велика Британија, тоа не е сигурно. Цената на нафтата би морало значително да се зголеми и да остане така некое време за да има драматичен ефект.
– Цените на берзата веќе беа во пораст поради тргувањето со нафта поблиску до 70 долари за барел во последните неколку недели. Ако нафтата се искачи и остане на границата од 80 долари за барел, тогаш возачите би можеле да очекуваат да платат повеќе за бензин – вели Вилијамс.
Добра вест е и најавата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и на нивните сојузници, кои објавија дека ќе го зголемат производството за повеќе од 200.000 барели дневно од април, што сигнализира малку побрзо темпо на нормализација на понудата. Производството треба да се зголеми за 206.000 барели дневно од следниот месец, објавија Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман.
Групата осум одлучи да ја рестартира програмата за нормализација на понудата „со оглед на стабилните изгледи за светската економија и моментално здравиот однос на понудата и побарувачката на пазарот, според ниското ниво на резерви на нафта“, се вели во соопштението објавено вчера. Но во соопштението ОПЕК не го спомена нападот на САД и Израел врз Иран или одговорот на Иран на нападите врз американските бази во регионот на Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Кувајт. Е.Р.


Ристески: Преку различни мерки ќе се регулира цената на енергентите

Нема потреба од паника, ќе следуваат мерки за помал удар од зголемувањето на цената на енергентите врз формулирањето на цените на другите производи, кажа денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески по конфликтот на Блискиот Исток. Тој објасни дека Министерството за економија и труд и Владата будно ја следат состојбата, a доколку не се прошири конфликтот, ќе биде задржан трендот на намалување на инфлацијата.
– Воениот конфликт во Иран навистина прави тектонски потрес во економијата во светски размери, бидејќи Иран е еден од главните играчи во производството и дистрибуција на нафта во светот. Ние сме мала увозно зависна држава, посебно увозно зависна од различни енергенти, нафта. Сметаме дека можеби ќе има некое влијание сето ова, меѓутоа да оставиме како ќе се одвиваат понатаму процесите околу воениот конфликт, сметајќи дека брзо ќе биде завршен. Доколку не, тогаш она што ќе биде како светска политика во надминувањето на таа криза ќе треба и ние да го прифатиме со одредено адаптирање на нашата економија со цел да имаме помал удар врз зголемувањето на енергентите во формулирањето на цените на производите – домашните производи, увозните производи, оние што ги извезуваме од Македонија – вели Ристески.
За идните влијанија од конфликтот врз македонската економија, како што рече, се разговарало и на вчерашната седница на Советот за безбедност, и тој најави дека на јавноста навремено ќе ѝ бидат соопштени идните чекори.
Во вакви ситуации, тој укажува дека поранливи се секако покревките економии како што е нашата и вели дека Министерството за економија и труд, и покрај конфликтот со Иран, прави максимални напори цените во маркетите и на пазарите да останат стабилни, посебно на основните производи за живот на граѓаните.
– Преку редовните контроли на Државниот пазарен инспекторат, преку влијанието на Комисијата за заштита на конкуренција, која исто така ревносно работи околу сузбивањето нефер трговии, кои беа предвидени во Законот за забрана на нефер трговски практики, преку зголемена транспарентност на цените на маркетите и другите владини политики, како што се поголемите инвестиции, подобрување на економската состојба, постепено зголемување на платите на граѓаните, очекуваме да имаме стабилизирачка година – укажа министерот Ристески. Е.Р.