Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи засновани на отворен дијалог, меѓусебна доверба и партнерство, а меѓу двете земји нема отворени прашања, порачаа претседателката Гордана Силјановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај на заедничката прес-конференција во рамки на неговата официјална посета на земјава.

Двајцата претседатели оценија дека членството во Европската Унија претставува заедничка цел и најголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан.

-Кога немате отворени прашања, имате основ за соработка во сите области. И покрај напредокот, постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите. Постојат неискористени потенцијали меѓу бизнис-заедниците кои треба да се валоризираат, како и потреба од поголема инфраструктурна поврзаност – изјави Силјановска-Давкова.

Таа нагласи дека европската перспектива била една од клучните теми на разговорите, истакнувајќи дека напредокот на Албанија и Црна Гора на европскиот пат претставува позитивен сигнал за целиот регион.

До членството во ЕУ се стигнува преку реформи, особено преку владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции – рече претседателката.

Силјановска-Давкова посочи и дека Македонија и Албанија имаат силна соработка во рамки на НАТО, нагласувајќи дека партнерството во Алијансата е особено важно во услови на глобални безбедносни предизвици.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај оцени дека односите меѓу двете земји се пример за регионална соработка и доверба меѓу соседни држави и НАТО-сојузници.

-Нашите односи се многу добри и пријателски, а заедничката посветеност е насочена кон унапредување на билатералната, регионалната и меѓународната соработка. Постојат значајни можности за дополнително продлабочување на економската соработка, особено во туризмот, транспортот и трговијата – изјави Бегај.

Тој додаде дека Албанците во Македонија и Македонците во Албанија претставуваат силен мост на пријателство меѓу двете земји, нагласувајќи ја важноста од почитување на мултиетничноста, рамноправноста и целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор.

Според двајцата претседатели, европската интеграција не е само национална цел на поединечни држави, туку заеднички проект и стратешки стремеж на целиот регион на Западен Балкан.