Фото: З.А.

Осумдесет и двегодишнината од првото училиште на мајчин македонски јазик, отворено во слободна Македонија на 23 септември 1943 година,  ќе биде одбележана со планинарски марш во недела, 21 септември.

ПЕД „Ендорфин“ Кичево е традиционален организатор на овој марш.

-Третиот планинарски марш организиран во чест на првото училиште на македонски јазик ќе стартува во 8 часот наутро на 21 септември. Во 8.30 часот учесниците на маршот ќе пристигнат кај селската црква „Свети Атанасиј“ во старото село Подвис. Во 9.30 часот учесниците ќе пристигнат кај месноста Ледина, каде ќе имаат пауза од 15 минути а во 9.45 часот ќе се упатат кон врвот Планиница, каде учесниците на акцијата ќе пристигнат во 11.30 часот. Инаку врвот Планиница е висок 1.391 метар. По 30-минутна пауза учесниците на маршот ќе се упатат кон месноста Вирче, додека во 13.30 часот ќе пристигнат кај зградата на првото училиште во Подвис, кадешто ќе се заокружи одбележувањето на годишнината, со доделување на благодарници за учество на маршот. Во 15.30 минути учесниците ќе се упатат кон долното село Подвис, со што ќе заврши овој марш – велат од „ПЕД Ендорфин“.

Водичи на маршот се Давор Јанкулоски, Мирослав Секулоски, Елена Ванчоска-Секулоска и Зоран Маџоски. Одзивот за овој марш од година во година е се поголем.

Училиштето, за кое постојат сведоштва дека го носело името на македонскиот поет Коле Неделковски, е првото што започнало со работа на слободната територија на Македонија, и покрај тоа што виорот на војната беснеел и натаму на другите неослободени делови на Македонија, под окупаторот, како и во Балканот и низ Европа и светот. Училиштето во Подвис постоело и пред Втората светска војна, но во него се учело на српски јазик.  З.А.

Деца, отсега ќе си учите на македонски јазик