Фото: Архива/Илустрација

Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против јавен обвинител за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.

– Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување – информираат од ЈОРСМ.

По приемот на известувањето за поведена истрага, се вели во соопштението од ЈОРСМ, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за оддалечување од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него.

Според првичните информации, суспендиран е обвинителот Мустафа Хајрулахи, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. Претходно, Хајрулахи обвини за наводни притисоци во работењето од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за што го информирал и Советот на ЈО. Државниот јавен обвинител, во соопштение од медиумите, ги отфрли наводите, нагласувајќи дека има обврска, првпат после повеќе од четири години, да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство.