Од иницијативниот одбор за решавање на проблемот со дивата депонија им нагласија на одговорните дека ќе почекаат 14 дена да видат дали нешто ќе почне да се решава или протестите повторно ќе продолжат со уште поголем интензитет. Во таков случај, тие најавуваат протести за притисок и кон пошироката јавност и кон локалните институции, но и за да испратат порака до централната власт за да се дојде до трајно решавање на овој проблем во Кичево, од кој последиците ги трпат граѓаните бидејќи сѐ поголем број се со регистрирани белодробни опструкции и заболувања, кои се директно поврзани со емисијата на штетни материи од дивата градска депонија
Проблемот со комуналниот отпад во Кичево продолжува со несмален интензитет
Проблемот со комуналниот отпад, кој во општината Кичево се провлекува со децении, никако да се реши, па граѓаните со право реагираат веќе подолг период. Како некаква кулминација на досегашната етапа на граѓанско незадоволство беше саботниот протест на кој граѓаните масовно го искажаа својот револт поради немањето соодветна депонија за фрлање комунален отпад.
Куса генеза на проблемот
Кога се зборува за овој сериозен комунален проблем, треба да се истакне дека тој не е од вчера. Најпрво отпадот се фрлаше во близината на градскиот стадион во Кичево, на дива депонија што безброј пати се самозапалуваше или беше потпалувана, по што со часови и денови од неа излегуваше чад и надалеку се ширеше непријатна миризба.
Сето ова, пред неколку години иницираше први граѓански протести, по што беше одлучено комуналниот отпад да се фрла на локација помеѓу селата Осломеј и Црвивци. Но ваквата одлука и нејзиното спроведување предизвикаа протест на тамошните жители, кои поради истите причини како и кичевчани побараа веќе да не се трупа комунален отпад на таа локација.
Немајќи трајно решение, комуналците повторно почнаа да го фрлаат отпадот крај реката Темница во близината на градскиот стадион и овој локалитет служеше за фрлање на комуналниот отпад сѐ до отворањето на пречистителната станица за отпадни води во 2018 година. Потоа комуналците соочени со нерешавањето на овој проблем во еден краток период го транспортираа сметот во други општини. Сепак, откако беше констатирано дека ваквата постапка скапо ги чини и нема да го реши трајно овој проблем, тие почнаа да го фрлаат комуналниот отпад во поранешниот керамички комбинат „Вранештица“ каде што и денес се фрла овој смет.
Налето граѓаните не смеат да излезат од дома од реата на депонијата
Видно револтирани и разочарани, граѓаните со саботниот протестен собир го искажаа своето несогласување со одлуката комуналниот отпад да се фрла во средиштето на градот.
– Треба одговорните еднаш засекогаш да разберат дека фрлањето на комуналниот отпад во кругот на керамичкиот комбинат не го решава проблемот, напротив, тој се усложнува, бидејќи локацијата и самата депонија со ниту еден параметар не ги задоволуваат неопходните стандарди. Состојбата уште повеќе се влошува во летниот период кога депонијата се пали или самозапалува и жителите на околните згради и куќи живеат во доброволен притвор, бидејќи чадот и смрдеата што излегуваат од оваа депонија ги оневозможуваат да ги отворат прозорите и да дишат чист воздух – истакна Петар Тренески, пензионер.
Пред неколку години комуналното претпријатие, по примерот на Кавадарци, планираше да го балира и да го складира комуналниот отпад, но од оваа проекција засега нема ништо.
Разочараноста на граѓаните не престанува бидејќи се крајно револтирани од немањето интерес на властите, како на локално така и на државно ниво, пред сѐ на надлежното министерство.
– Не знаеме што треба да се случи за државата конечно да почне да размислува трајно да се реши проблемот со депонија за комунален отпад. Се менувале влади и голем број ресорни министри, но ниту еден од нив не посегна трајно и засекогаш да го реши овој проблем на Кичево, напротив, секогаш кога проблемот го достигнуваше својот врв нив никаде ги немаше. Надежите дека проблемот ќе се реши со регионална депонија кај селото Новаци сѐ уште не се исцрпени и се актуелни, ние се надеваме дека ќе се најде конечно решение што ќе биде задоволително за сите. Сите ние сме во очекување и уверување дека би било најдобро во што поскоро време овој проблем квалитетно да се реши по примерот на Запад. Барем сега се достапни сите релевантни информации и не мора да се оправдуваме дека не знаеме како се решава тоа во други земји, примери и можности има на претек, потребни се само поголемо разбирање и усогласување на ставовите – вели помлад жител на Кичево, кој живее недалеку од дивата депонија.
Рок од 14 дена за решавање на проблемот
Од иницијативниот одбор за решавање на овој проблем им нагласија на одговорните дека ќе почекаат 14 дена да видат дали нешто ќе почне да се решава или повторно ќе продолжат протестите со уште поголем интензитет. Во таков случај, тие најавуваат протести сѐ до трајно решавање на овој проблем во Кичево, од кој последиците ги трпат граѓаните бидејќи сѐ поголем број од нив имаат проблем со белодробни заболувања, кои се директно поврзани со емисијата на штетни материи од дивата градска депонија.
И кога веќе зборуваме за наоѓање решение за овој повеќегодишен проблем, треба да се истакне дека градоначалниците на Кичево од претходниот период прошетаа многу земји и градови на Запад за да ги видат искуствата како таму го решаваат овој проблем. За жал, од овие искуства до денес ништо не е имплементирано и сето тоа остана празно слово на хартија.
Зоран Антоски, дописник на „Нова Македонија“ од Кичево