Националната установа центар за култура „Марко Цепенков“ ги започна активностите за одбележување 45 години од формирањето. Во наредните 30 дена ќе се реализираат голем број културни настани, изложби, концерти и промоции, со кои ќе се одбележи годишнината. Институцијата како дом на културата ја започнува дејноста на 14 ноември 1979 г. со отворање изложба од прилепски автори и со специјално подготвената театарска претстава „Факел“ од Коце Солунски. И годинава годишнината ќе биде одбележана на 14 ноември со изложба на дела од меѓународната ликовна колонија „Дрен 2024“ и концерт на „Фиа трио“.
Во почетоците домот на културата ги поттикнувал аматерските дејности: фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фотоклубови. Во 1990-тите години во рамките на домот влегуваат Културно-просветната заедница (КПЗ) на Град Прилеп, списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и Центарот за современа ликовна уметност, па домот „Марко Цепенков“ прераснува во центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп со значајна издавачка, ликовно-галериска и сценско-музичка дејност. Во 2004 г. со законските измени го добива статусот: Национална установа – центар за култура „Марко Цепенков“ и во нејзини рамки влегува театарот „Војдан Чернодрински“.
– Цели 45 години да се создава, чува и да се негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот што неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија, е значајно. Годинава кога одбележуваме 45 години, а цел месец имаме многубројни активности, необично е тешко и речиси невозможно да се систематизираат, па дури и само да се набројат сите културни настани што се создале, се промовирале, се зародиле и се одиграле во НУЦК „Марко Цепенков“. Институцијата е голем репрезент на високопрофесионални театарски, литературни и ликовни дела, но и дава значајна поддршка за сите аматери – велат од центарот.
За исклучително значајната културна дејност, како и за извонредните пред сѐ театарски и музичко-сценски изведби и за ликовната активност, во 2009 г. НУЦК „Марко Цепенков“ ја доби најпрестижната награда на Град Прилеп, плакетата „3 Ноември“. И повторно, во годината кога одбележува значајна годишнина, ликовната колонија во Дрен е наградена со плакета по повод Трети ноември од Општина Прилеп. Тоа е потврда за професионалниот ангажман на институцијата на полето на уметноста, односно културата во градот.
– Сѐ што е сработено во центарот низ годините е видливо. Останува аманетот за овие сегашни генерации да придонесат да се подигне уште повисоко рејтингот на институцијата, да се изнајдат начини за поддршка од државата за реконструкција на објектот, но и за изградба на нов театар. А понудата на квалитетни настани секако ќе ни бидe во прв план, бидејќи опстојуваме и работиме за публиката и за граѓаните на Прилеп – додаваат од ЦК „Марко Цепенков“. Ка.М.