ЕУ пак го преформатира начинот на проширувањето: Интеграција по фази наместо бесконечната фаза во чекалницата на Унијата
Минатата недела, Европскиот парламент го усвои извештајот за пристапувањето на Андора и Сан Марино во Европската Унија, што би ги довело овие европски микродржави до статусот што моментално го уживаат земјите од европскиот економски простор, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Двете гореспоменати земји, Андора и Сан Марино, веќе се длабоко поврзани со Европската Унија и преку историски врски и преку договори на ЕУ, како што се царинската унија и слободното движење на луѓе, кои треба да бидат заменети со посеопфатен и поширок договор за асоцијација, кој беше со огромно мнозинство поддржан од пратениците на пленарна седница во Стразбур.
За предлог-одлуката, 552 пратеници гласаа „за“, 24 беа против, а 75 воздржани.
Со договорот за кој преговорите започнаа во 2015 година, двете земји ќе ја прошират својата интеграција со Унијата во областите на здравствената и социјалната политика и ќе добијат целосен пристап до единствениот пазар, и ќе ги усогласат своите политики со ЕУ во областите на контрола на миграцијата, заштита на животната средина, енергија и заштита на потрошувачите.
Сепак, Андора и Сан Марино нема да учествуваат во финансирањето на буџетот на Унијата и нема да добијат работни места за своите граѓани во институциите на ЕУ. Нивните граѓани нема да ги уживаат политичките права на граѓаните на ЕУ и нема да гласаат на европските избори, но ќе ја задржат автономијата во своите даночни политики и надворешна политика, како и контролата врз своите граници.
Во надворешната политика, овие микродржави се целосно усогласени со политиките на ЕУ, првенствено преку нивните поголеми соседи Италија, Шпанија и Франција, со кои се историски и длабоко институционално поврзани.
Иако се поврзани со ЕУ, микродржавите не сакаат целосна интеграција што би ги загрозила нивната автономија и историски идентитет.
Новата логика на проширувањето
Повеќе од извесно е дека гласањето на извештајот за пристапување на Андора и Сан Марино во ЕУ е почеток на реализацијата на планот за завршување на процесот на проширување на Унијата со членки што би добиле ограничени права.
Како што неодамна пишуваше и во европското издание на „Политико“, ЕУ разгледува план без преседан што би ѝ овозможил на Украина делумно членство уште следната година како политички сигнал за нејзино врзување за Европа и оддалечување од руското влијание. Но она што им е повеќе од јасно на европските челници, тоа е дека привилегираниот статус на Украина нема да биде прифатен од добар дел од другите земји членки, кои се залагаат процесот на проширување да заврши во пакет. Нивните аргументи се дека ако Украина влегува со ограничени права, тогаш можат и другите земји од Западен Балкан да станат дел од истата формула, со ограничени права за целиот период додека не ги исполнат потребните критериуми да се станат полноправна членка.
Во меѓувреме, почетокот на процедурата за пристапување на Андора и Сан Марино е чекор во таа насока, а последните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон дека Европа нема да биде фактор сè додека целосно не се обедини, покажуваат дека сега е моментот да се исцртаат конечните европски граници, со што по евентуалното склучување мировен договор меѓу Русија и Украина, европскиот континент ќе биде имун на какви било други влијанија.
Во Брисел, оваа идеја се поврзува со концептот на „Европа со повеќе брзини“, кој токму Макрон го промовира со години, особено низ проектот Европска политичка заедница. Според европски функционери, најновата варијанта неформално се нарекува „обратно проширување“, бидејќи земјите би се вклучувале во Унијата на почетокот од процесот, а не на неговиот крај. Целта, како што нагласуваат од ЕУ, не е намалување на критериумите, туку силна политичка порака до земјите чие пристапување е блокирано од војна или од некои несогласувања од страна на земји членки на Унијата што испорачуваат билатерални условувања и така го кочат целиот процес.
Европа без празни простори
Адвокатот и застапник на македонското малцинство во Бугарија, Тони Менкиноски, е убеден дека покрај Украина, многу брзо заедно во ЕУ ќе влезат сите земји од Западен Балкан, вклучително и Македонија.
– Сигурен сум дека идното проширување ќе се случи во пакет, односно со влегувањето на Украина и Молдавија заедно ќе влезат Македонија и сите земји од Западен Балкан. Затоа нема потреба да се носат избрзани и непромислени одлуки – ни изјави Менкиноски, непосредно по неговото службено патување во Брисел, каде што имал размена на мислења со високи челници на Унијата.
Несомнено усвојувањето на извештајот за пристапувањето на Андора и Сан Марино не е само технички чекор во односите со две микродржави туку политичка порака за правецот во кој се движи Европската Унија. Иако формално станува збор за модел блиску до европскиот економски простор, со пристап до единствениот пазар, но без полно политичко учество, нешто што на Македонија веќе ѝ беше понудено, суштината е поинаква: ЕУ испраќа сигнал дека повеќе не сака „сиви зони“ на европската мапа.
Во суштина, овој процес, симболично, означува почеток на едно ново европско обединување. Андора и Сан Марино се географски, економски и политички интегрирани во европскиот простор, но без формално членство. Со нивното институционално приближување, Унијата го затвора и последниот микропростор на континентот што остана надвор од заедничката рамка. Тоа е порака дека Европа се консолидира и нормативно и геополитички.
Во тој контекст треба да се чита и идејата за т.н. обратно проширување, за кое неодамна пишуваше „Политико“, модел во кој земјите најпрво би станале дел од Унијата со ограничени права, а потоа постепено би ги исполнувале сите критериуми за полно членство. Тоа е суштински нов пристап: интеграција пред целосна конвергенција.
Ако Украина влезе „во пакет“, мора и Западен Балкан
Ако овој модел се примени на Украина во 2027 година, што е реална можност со оглед на геополитичката тежина на војната и стратешкиот интерес на ЕУ, тогаш логично се поставува прашањето – може ли Западен Балкан да остане надвор од истиот пакет? Доколку Унијата навистина ја напушта логиката на долготрајно „чекање во ходникот“, тогаш селективното применување на новиот модел би создало нови фрустрации и нестабилности во регионот.
– Примерот со Андора и Сан Марино покажува дека Брисел повеќе не сака да остава незаштитен европски простор – ниту институционално ниту безбедносно. Истата логика важи и за Украина, но и за Западен Балкан. Географски, политички и безбедносно, регионот е внатрешен дел од европската архитектура. Оставањето на Балканот во „привремен статус“ би било спротивно на новата стратегија на консолидирање на континентот.
Оттука, доколку се отвори модел на фазно членство со ограничени права, тој мора да биде применет во пакет – Украина и земјите од Западен Балкан заедно. Во спротивно, Унијата би испратила порака дека геополитиката има предност над кредибилитетот на проширувањето.
Дали ова е Европа во две брзини? Во извесна смисла – да. Но не во класичната смисла на трајна поделба меѓу „јадро“ и „периферија“, туку како структурирана, фазна интеграција. Разликата е суштинска: наместо хиерархиска поделба, станува збор за динамичен процес во кој сите земји се движат кон иста цел, но со различна длабочина на интеграција во одреден момент – истакнуваат некои европски коментатори.
Од друга страна, прашањето за Македонија е јасно: ако ЕУ го менува моделот за да го забрза геополитичкото заокружување на Европа, тогаш тој нов модел мора да биде достапен и за земјите што со години формално се во процес на преговори. Во спротивно, ќе се отвори ризик од нова линија на поделба – не меѓу Исток и Запад, туку меѓу „приоритетни“ и „чекачки“ кандидати.
Европа, очигледно, влегува во фаза на стратешко редефинирање. Дали тоа ќе биде Европа во две брзини или Европа со повеќе концентрични кругови, ќе зависи од тоа дали новите модели на интеграција ќе бидат инклузивни – или селективни. За Западен Балкан, ова можеби е момент кога прашањето повеќе не е „дали“, туку „во кој формат“ ќе се случи интеграцијата.
Датумот за прием на Украина во ЕУ е датум за прием на сите кандидати?!
Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара секој договор за прекин на војната во Украина да вклучува конкретен датум за пристапување на неговата земја во ЕУ и ги поврзува изборите со безбедносните гаранции.
– Важно е Украина да направи сè што е можно за да биде подготвена за пристапување во ЕУ до 2027 година. Доколку договорот, кој треба да го потпишат САД, Русија, Украина и Европа не содржи конкретен датум, Русија ќе стори сè што е во нејзина моќ да го блокира процесот на пристапување – напиша Зеленски на социјалните мрежи.
На крајот на јануари, тој повика неговата земја да се приклучи на ЕУ уште во 2027 година, и покрај раширениот скептицизам во некои европски земји. Зеленски потенцираше дека пристапувањето е една од најважните безбедносни гаранции за цела Европа.
– Пораките што ги упатуваат дел од европските сојузници се дека ова не смее да биде преседан само за една земја, туку ако се оди на варијантата за потврдување на датумот за прием на Украина, тоа треба да важи за сите кандидати за влез во ЕУ – ни ги пренесува ставовите што ги разменил во Брисел, со своите соработници правници и адвокати, нашиот соговорник Менкиноски. С.Т.

































