Спасените деца ги очекуваат големи предизвици и по излегувањето од мрачната пештера Там Луанг во Тајланд, за да се вратат во секојдневниот живот, пишува британски „Гардијан“.
Здравствените ризици ја одложија средбата на момчињата со нивните родители, бидејќи лекарските прегледи треба да осигураат оти тие немаат здравствени проблеми опасни по нивната околина.
Претставникот на одделот за здравство на Тајланд, Тонгчаи Лертвилаиратанапонг, им кажа на медиумите оти нема да има прегратки за спасените деца, додека нивната крвна анализа не покаже оти немаат инфекции. Тој ги наведе бактериските инфекции кои се пренесуваат преку водата и почвата како водечки ризици.
Медицинските лица предупредуваат и за можна појава на т.н. „пештерска болест“ односно инфекција на белите дробови, како и на треска што ја пренесуваат крлежи.
Практиката за одделување на децата од родителите претставува промена на првобитниот план, според кој секое спасено дете требаше да биде придружувано од барем еден родител на патот кон болницата.
Докторите наведуваат дека на децата кои излегоа од пештерата им претстојат прегледи во следните неколку месеци. Официјалните лица одлучија и да го заштитат идентитетот на спасените деца, поради големиот интерес од страна на медиумите и на светската јавност.