Прашањето дали треба да се затворат или да останат да работат скијачките центри низ Европа во услови на пандемија во пресрет на зимската туристичка сезона е причината поради која деновиве европските држави водат остри полемики. Германија верува дека поради ризиците од ковид-19 ски-центрите треба да бидат затворени оваа зима, а спротивно од неа размислуваат Австрија, Швајцарија и Италија
Додека топовите за снег во регионот на Алпите работат забрзано, а компаниите што управуваат со скијачките лифтови, хотелите и рестораните се подготвуваат за скијачката сезона, се поставува прашањето дали сепак ќе пристигнат гостите оваа зима, во која владее опасниот ковид-19. Имено, оваа дилема стана актуелна деновиве во јавноста особено откако германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела се заложи за затворање на сите скијачки региони во Европа во пресрет на зимската сезона како превентива поради пандемијата и побара во ЕУ заеднички став по оваа иницијатива за што, пак, веднаш наиде на негодување од страна на неколку европски земји. Иако самата Меркел призна дека забраната на ниво на ЕУ ќе биде тешко да се постигне затоа што Австрија, чија индустрија на зимски спортови е еден до столбовите на економијата, е против на овој предлог, сепак таа посочи дека неопходно и полесно ќе биде доколку Европа заеднички и превентивно дејствува против пандемијата.
Австрија и Швајцарија против Германија
Една од најгласните противници на оваа германска иницијатива за затворање на ски-центрите во пресрет на божиќните празници беше токму соседна Австрија. Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека „возењето со ски-лифтови е слично како и возењето во средствата за јавен превоз“. Врз основа на ова ќе се носат и одлуките во неговата земја, кои не мора да бидат во согласност со Унијата. Токму во таа насока премиерот на покраината Салцбург, Вилфрид Хаслауер, изјави дека сепак ќе смета на отворање на скијачките центри околу 19 или 20 декември и таа одлука не треба да се промени.
– Одлуката ја носи Владата во Виена, но подготовките за отворање се во тек. Нема да има забави, а и гастрономијата ќе биде поинаку организирана – рече Хаслауер, кој вели дека нема да има зголемен ризик од инфекции. Отпор против затворање на скијачките региони доаѓа и од Швајцарија. Министерот за здравство Алан Берсе за „Дојче веле“ изјави дека скијачките центри ќе можат да работат додека се придржуваат кон строгите мерки за сузбивање на пандемијата. Како во Австрија, така и во Швајцарија, германските туристи се од огромна важност за скијачката сезона. Со ист став како Швајцарија и Австрија е и Европската комисија. Имено, ЕК порачува дека одлуката за скијањето треба да биде оставена на националните влади, меѓутоа ги поттикна земјите-членки на ЕУ да соработуваат и предупреди дека предвременото кревање на мерките за дистанцирање „ќе го зголеми ризикот за воскреснување на вирусот.“
Скијање не, свеж воздух да
Во меѓувреме судирот за скијањето е пример зошто ЕУ имаше засрамувачки килава реакција на пандемијата, бидејќи секоја членка главно ги гледаше своите интереси, пишува Јуроњуз. Според медиумот, многу тешко дека во наредниот период Европа ќе може брзо да се усогласи по ова прашање како што одминуваат деновите до зимските празници. Во тој контекст во Франција, на пример, ски-лифтовите нема да проработат за време на божиќните празници, но ски-центрите ќе бидат отворени.
– Се разбира дека за секого ќе биде можно да отпатува во зимувалиштата за да ужива во чистиот воздух во нашите убави планини – рече францускиот премиер Жан Кастекс, додавајќи дека продавниците ќе бидат отворени, но не и баровите и рестораните, како и ски-лифтовите. Францускиот претседател Емануел Макрон претходно нагласи дека отворањето на ски-регионите во текот на празниците му се чини „невозможно“ поради високиот број инфицирани лица со коронавирусот. Во скијачките центри тоа предизвикува збунетост и се вели дека одлуката на Париз е „неразбирлива“.
Од скијачка писта во карантин
Дека е сериозна намерата на Берлин во насока на стопирање на ски-сезоната низ Европа поради пандемијата говори и најавата на баварскиот премиер Маркус Зедер, кој деновиве им го отежнува животот на германските туристи што одат во други земји на скијање.
– Оној што ќе отпатува во ризично подрачје, како што во моментов се Австрија, Швајцарија и Лихтенштајн, по враќањето во Баварија мора да замине во карантин во траење до десет дена. Тоа од декември ќе важи и за „дневните“ туристи – соопшти Зедер. Инаку, компаниите што управуваат со ски-лифтовите во Германија сметаат дека забрана за скијање би значела загрозување на егзистенцијата на погодените региони. Во изјава за германските медиуми, Матијас Штаух, претседател на Сојузот на германските жичници, вели дека мора да се донесе решение на европско ниво, или ќе работат сите или никој.