Пред почетокот на денешниот климатски самит на Обединетите нации, на улиците на Њујорк излегоа млади активисти кои на политичарите им порачаа дека климатската криза е веќе започната.
Целта на самитот е зајакнување на кампањата против климатските промени низ целиот свет, а делегации од 60 нации ќе ги претстават мерките на нивните земји против глобалното затоплување.
Говорници ќе бидат францускиот премиер Емануел Макрон и индискиот премиер Нарендра Моди.
Како што пренесе „Дојче веле“, само претставници на државите кои се обврзале на конкретни чекори за постигнување на климатските цели поставени во Париз ќе можат да се најдат зад говорницата.
-Не доаѓајте на самитот само со убави говори. Дојдете со конкретни планови, порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пред самитот.
„Дојче веле“ потсетува дека за само две и пол години американскиот претседател Доналд Трамп укина десетици регулативи од областа на животната средина и го повлече потписот на Вашингтон од Парискиот договор за климата, кој постави цел глобалното затоплување да се задржи под два Целзиусови степена во однос на прединдустриската ера.
Ваквиот потег на Трамп, се додава, не е баш најдобра препорака за Соединетите Држави да бидат домаќин на Светски самит за климата.
Иако Трамп ќе отсуствува од конференцијата во родниот град, тој нема да може да ја игнорира, бидејќи денови пред самитот, активистите јасно и гласно кажаа за што се залагаат.
Минатиот викенд 1.000 млади луѓе од 140 земји се собраа на Климатскиот самит за млади во просториите на седиштето на ОН.