Војната меѓу платформата за прикачување на видео-содржини Јутјуб и креаторите на политиките на Европската унија во однос на авторските права продолжува. За возврат, во медиумите се појавија разни шпекулации, грешни толкувања и претпоставки за тоа што ќе значат промените на законите кои се во постапка во Европскиот парламент.
Летово, Европскиот парламент изгласа амандмани за ажурирање на Европската директива за авторски права. Еден од поконтроверзните делови од оваа промена е членот 13, кој ќе ги принуди платформите на кои се споделуваат авторски содржини (Јутјуб, Твич, Спотифај) да се соочат со правна одговорност за сите содржини кои ги прекршуваат правилата за авторските права на овие платформи.
До крајот на декември ќе се спроведуваат преговори меѓу Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на Европската унија, кои имаат време до април 2019 година да го финализираат текстот за новите директиви, пред да го прифатат или одбијат.
Музичката индустрија, независните создавачи на содржини на Јутјуб и најразлични лобисти го дадоа своето мислење за оваа тема, но главното мислење е дека имлеметирањето и изгласувањето на овие промени би било непрактично и тешко да се спроведе, а паралелно би влијаело негативно врз сите вклучени во овој процес.
Проблем за авторските права се појавува и кај копаниите како „Фејсбук“ и „Гугл“, кои директно се засегнати од овие законски промени. Од компанијата „Гугл“, за европското издание на магазинот „Политико“ изјавија дека нема да склучува договори со сите издавачи на содржини кои ќе го побараат тоа. Дури и од „Гугл“ сметаат дека доколку се одобрат овие измени на законите за авторските права, целосно се менуваат условите во новата интернет-доба.
Останува отворено прашањето дали овие промени ќе поминат во Европскиот парламент и дали евентуалното спроведување на овие закони суштински ќе ги промени условите за компаниите, но и за креаторите на содржини кои би биле ограничени и приморани да се самоцензурираат.