Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, и британската премиерка, Тереза Меј, ќе остварат телефонски разговор во текот на неделата за Брегзит, информираа портпаролските служби на ЕК.
Јункер и Меј имаа веќе еден разговор на втори јануари, но остануваат во постојан контакт, посебно пред клучното гласање на британскиот парламент за Договорот за повлекување на Обединетото Кралство од ЕУ. Гласањето е закажано за следната недела, но неговиот исход е целосно неизвесен откако Меј го откажа веќе еднаш во декември, јави дописничката на МИА од Брисел.
Премиерката Меј, тогаш, свесна дека ризикот Договорот да не помине во парламентот, го одложи гласањето, со надеж дека Европската Унија ќе прифати да даде дополнителни гаранции, меѓу другото за ирската граница. Но, тоа не се случи и ЕУ повтори дека договорот кој е на маса е единствен можен.
-Договорот кој е на маса е најдобар и единствен можен, тој е потврден од 27-те земји членки на ЕУ на Самитот во декември и за него нема повторно да се преговара, предупреди портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас денеска.
Тој додаде дека процесот на ратификација на постигнатиот договор за повлекување ќе започне во земјите на ЕУ и дека тие од блиску ќе го набљудуваат процесот во Обединетото Кралство.
-Подготвени сме да започнеме преговори за идното партнерство по потпишувањето на договорот за повлекување, додаде портпаролот.
Договорот за идното партнерство помеѓу ЕУ и Британија не може да започне додека не се постигне договор за повлекувањето на Обединетото Кралство. Доколку британскиот парламент го отфрли договорот следната недела, две опции се можни.
Едната е Брегзит без договор, што би создал голем неред и хаос во трговијата и економијата, како и на границите. Друга опција е нов референдум или пак предвремени избори во Велика Британија.