Силен тајфун, најсилен во последните 25 години, денеска ја погоди Јапонија, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот на островот Шикоку.
Тајфунот 21 во сезоната во Азија, ја погоди префектурата Токушима, на југозападот на земјата, на островот Шикоку, објави метеоролошката агенција.
Невремето е проследено со силен ветер кој на моменти достига брзина од речиси 220 километри на час.
Тајфунот патува многу брзо, продолжувајќи го патот во правец север-североисток 45 километри на час. Би требало да мине низ западниот дел на главниот остров Хоншу.
Се очекуваат поројни дождови, а населението во одредени зони ќе мора да се евакуира.
Премиерот Шинзо Абе го откажа патувањето на запад и свика кризен состанок на кој побара од населението „да преземе мерки за безбедност“.
Аеродромите откажаа 650 летови, а бројни железнички линии се во прекин.
Големите трговски центри на подрачјето на Осака одлучија денеска да останат затворени.