Еден пожарникар загина денеска при гаснење на големите шумски пожари во северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија.
Како што соопшти Одделот за противпожарна заштита на Калифорнија, пожарникарот од градот Рединг загинал при акцијата за гаснење на пожар во округот Шаста.
Тој е втора жртва на пожарите во северна Калифорнија, откако вчера загина и еден возач на булдожер кој учествувал во справувањето со огнената стихија.
Според податоците на Одделот за противпожарна заштита, пожарите досега уништиле 65 објекти, а околу 500 други се во опасност да бидат зафатени од огнот.
Најголем е пожарот во реонот на Рединг, кој се шири брзо поради сувото време и силните ветрови. Пожарот избувна во понеделникот и до денеска зафати површина од 70 квадратни милји (180 километри квадратни).