Според сведочењето на шефот на полицијата во Минеаполис
Шефот на полицијата во Минеаполис, Медарија Арадондо, сведочеше на судењето на поранешниот полицаец Дерек Шовен, кој е обвинет за убиството на Џорџ Флојд. Според Арадондо, Шовен го нарушил протоколот за употреба на сила при апсењето на Флојд, пренесуваат светските медиуми.
– Начинот на кој Шовен постапувал со Флојд не е во согласност со обуката на полицијата и не е дел од нашите етика и вредности – изјави Арадондо.
Судењето на Шовен се очекува да трае најмалку еден месец. Шовен, кому му се суди за убиство, ги негираше обвиненијата. Пресудата во ова судење се смета за индикација за тоа како американскиот правен систем ќе ги третира ваквите случаи во иднина. Досега полициските службеници во САД ретко беа обвинувани за убиства настанати за време на апсење.
Арадондо пред судот изјави дека Флојд не требало да биде третиран на начинот на кој тоа го сторил Шовен, откако уапсениот престанал да пружа отпор. Арадондо, исто така, истакна дека ретко кога полицајците приведуваат осомничен кој е обвинет за плаќање со фалсификувани пари, како што тоа било во случајот со Флојд.
Ова не е првпат Арадондо да сведочи против поранешен полицаец. Како помошник-началник, тој сведочеше против Мохамед Нор за убиството на Австралијката Џастин Дамонд во 2017 година. Арадондо исто така успешно го тужеше полицискиот оддел во Минеаполис и четворица полицајци, обвинувајќи ги за толерирање на дискриминаторски практики.
На судењето сведочеше и Брадфорд Лангенфелд, докторот кој го прогласил Флојд за мртов поради недостаток на кислород 30 минути откако пристигнал во медицинскиот центар во округот Хенепин.
Обвинителите сугерираат дека задушување е причината за смртта на Флојд, а не откажувањето на срцето и белите дробови, како што се неведува во пресудата на лекарскиот извештај. Одбраната на Шовен, пак, тврди дека за смртта на Флојд придонеле наводната употреба на дрога и неговата лоша срцева состојба.