Шест земји од Северна и Јужна Америка побараа од Меѓународниот кривичен суд да почне истрага за злосторства против човештвото во Венецуела.
Барањето го поднесоа Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Парагвај и Перу. Ова е првпат земји да поднесуваат жалба против друга земја во судот во Хаг.
Во барањето, кое беше претставено на сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, се вели дека се извршени злосторства против човештвото по 12 февруари 2014 година, кога избувнаа протести против претседателот Николас Мадуро.
Во барањето се наведени извештаи на високиот комесар на ОН за човекови права, Американската комисија за човекови права и на меѓународни адвокати кои пријавувале тортура и вонсудски егзекуции.
Барањето нема автоматски да доведе до истрага, но може да ја забрза доколку МКС смета дека тоа е потребно, откако во февруари Судот веќе почна прелиминарна проверка, изјавија извори од Судот.
Петте латиноамерикански земји, кои се меѓу потписничките на барањето, примија голем број Венецуелци кои бегаат од економската и политичката криза во нивната земја. Само Колумбија прифати речиси еден милион бегалци од Венецуела.