Женева ќе воведе минимална плата од 4.086 швајцарски франци месечно (3,786 евра) што е највисока во светот.
Околу 500.000 гласачи во овој кантон ја одобрија минималната плата предложена од локалните синдикати и левичарските партии, откако двапати ја одбија во 2011 и 2014 година, објави британски „Гардијан“.
Минималната исплата по работен час е 23 швајцарски франци, двојно повеќе отколку во соседна Франција, со загарантирана минимална месечна плата од 4.086 швајцарски франци врз основа на работната недела од 41 час или 49.000 швајцарски франци годишно (53,370 долари) во еден од најскапите градови во светот за живот.
Телевизијата „Франс 3“ објави дека мерката е донесена откако швајцарскиот град, чија економија зависи од туристички и деловни посетители, е особено погоден од епидемијата на ковид 19.
Мишел Шара, претседателот на независната организација „Групмен трнсфронталие еуропен“, која ги поддржува оние кои живеат и работат ширум Француско-швајцарската граница, го опиша резултатот од гласањето како знак на солидарност со сиромашните во градот.
– Ковид-19 покажа дека одреден дел од швајцарското население не може да живее во Женева… 4.000 (швајцарски франци) е минимум да не падне под границата на сиромаштијата и да не се најде во многу тешка ситуација – вели Шара.
Од мерката ќе имаат корист 30.000 работници со ниски плати, од кои две третини се жени.