Џејкоб Ченсли, познат како шаманот на „КуАнон“, тврди дека поранешниот американски претседател ги користел социјалните мрежи и јавната пропаганда за ефективно да ги наведе неговите следбеници да поверуваат во теории на заговор, пишува „Њузвик“.
Ченсли кој го користи псевдонимот Џејк Ангели, во барањето за негово пуштање на слобода во пресрет на судењето, вели дека тој е еден од милионите луѓе кои биле измамени од поранешниот претседател. Обвинетиот во неговото јавно извинување соопштено на 8 февруари истакна и дека е длабоко разочаран од Трамп.
Шаманот на „КуАнон“ привлече големо внимание по упадот во Конгресот поради необичниот изглед. Тој имаше бојадисано лице, а носеше крзнена капа и рогови, како и копје. „КуАнон“ претставува теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп и чии убедувања се шират во изминатите три години.
Ченсли се соочува со потенцијално долга затворска казна поради наводната улога во упадот во американскиот Конгрес на 6 јануари. Тој инсистира оти верувал дека „законски одговара на повикот на претседателот“, при упадот.
– Со години за време на администрацијата на Трамп, претседателот рутински ги користеше средствата за масовна комуникација за да наведе милиони Американци кои ги почитуваат неговите политики, протоколи и верувања, на конспиративни теми – стои во барањето кое го напиша адвокатот на Ченсли.
Во барањето до судот се бара и пуштање на Ченсли врз медицинска основа, како и поради неговите религиски убедувањa.