Сондажата на аналитичкото тело на Европската комисија, „Евробарометар“, неодамна покажала дека постојат четири најголеми проблеми за кои се грижат граѓаните на државите од ЕУ. Според истражувањето, Брисел во периодот што следува ќе треба да ги реши успешно проблемите со справувањето со пандемијата, заздравувањето на економијата, климатските промени, како и подобрувањето на чувството за унитарност во Унијата
Истражување на „Евробарометар“ за идните предизвици на Брисел
Најважните теми за кои треба да се грижи Унијата во периодот што доаѓа се справувањето со пандемијата, заштитата на климата, подобрувањето на чувството за унитарност на членките во еврозоната, како и решавањето на економските проблеми предизвикани од корона-кризата во евросојузот. Овие заклучоци се посочени во последното истражување на „Евробарометар“ за јавното мислење во ЕУ, на темата кои се идните предизвици на Унијата.
Справувањето со пандемијата на прво место
Според студијата, проблемот што е на прво место меѓу оние што го загрижуваат Брисел, во моментот е справувањето со пандемијата. Истражувањето наведува дека иако Европа сега има доволно вакцини против ковид-19, сепак бројот на вакцинирани луѓе пред почетокот на есента сѐ уште е мал.
– Целта пропагирана од Урсула фон дер Лејен за 70 проценти вакцинирани од возрасната популација во ЕУ е достигната, но тоа сепак не е доволно со оглед на многу позаразниот делта-сој на коронавирусот. Освен тоа, бројот на вакцинирани значително варира од земја до земја, од речиси 90 проценти во Малта до 20 проценти во Бугарија. Тоа претставува сериозен проблем во справувањето со корона-кризата – стои во документот.
Фондот за обнова на ЕУ како спас од нова економска криза
Во исто време, студијата потенцира дека директна последица на пандемијата е досега невидениот економски пад на земјите во Унијата, на кој Урсула фон дер Лејен сака да се спротивстави со исто така досега невидена програма за закрепнување и обнова. Фокусот на економската политика на ЕУ во наредните години ќе биде фондот за обнова, тежок 750 милијарди евра, кој првпат беше финансиран со заедничко задолжување на членките на Унијата. Со оглед на тоа што мнозинството граѓани на ЕУ велат дека поради коронавирусот претрпеле економска штета, очекувањата од економската програма се големи. Но планот крие и ризици, бидејќи води кон поголема задолженост на земјите-членки и зголемена инфлација, наведува истражувањето на „Евробарометар“.
Заедништвото на Унијата еден од главните проблеми
Еден од поинтересните проблеми со кој се соочува ЕУ во истражувањето е и оној околу поделеноста во креирањето на политиките на Брисел.
Имено, документот посочува дека Европа во годините што следуваат ќе има сериозни проблеми во спроведувањето на своите политики токму поради поделеноста внатре во еврозоната. Тоа најчесто се воочува кај Полска и кај Унгарија, кои сѐ повеќе се спротивставуваат на обидите на Европската комисија и Европскиот суд за запирање на нагризувањето на владеењето на правото во тие земји.
Климатските промени еднакво важни како и економијата
Климатските промени се исто така еден од главните проблеми за Унијата. Европската комисија во тој контекст сака поголем дел од парите од фондот за обнова да ги употреби за зелени инвестиции. „Зелениот договор“ на ЕУ има цел до 2050 година да ја направи Европа прв климатски неутрален континент без значителни емисии на јаглерод диоксид. Тоа, според истражувањето, е исто така од приоритетите на амбициозната Урсула фон дер Лејен.
Сега, со пакет-закони и мерки треба да се организира премин кон обновливи извори на енергија, електромобилност и модерни дигитални работни места. Тоа во исто време, според истражувањето, наметнува дилеми и нејаснотии која земја-членка колку штетни гасови мора да намали, но и како да се постигнат поставените цели.