Четири лица, вклучувајќи го и осомничениот напаѓач, се убиени денеска во военопоморската база Пенсакола, во американската сојузна држава Флорида, јавуваат американските медиуми.
Од канцеларијата на шерифот првично беше јавено дека во поморската база се уште се наоѓа „активен стрелец“, додека неколку минути подоцна беше соопштено дека полицијата го ликвидирала напаѓачот.
Покрај напаѓачот, убиени се уште три лица, соопшти морнарицата, без да даде детали за идентитетот на жртвите, пренесе „Ројтерс“.
Како што се наведува, повредени се најмалку единаесет лица.
Ова е втор смртоносен напад со огнено оружје во американските воени бази неделава. Портпаролот на Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп е информиран за инцидентот и дека ја следи ситуацијата.
Во базата Пенсакола се вработени повеќе од 16.000 војници и 7.400 цивилен персонал, а тука се наоѓа и Националниот музеј на морнаричката авијација, која е популарна регионална туристичка атракција.