Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и неговиот руски колега, Сергеј Лавров разговараа телефонски за ситуацијата во Сирија, изјави за „ТАСС“ извор од турското министерство за надворешни работи.
– Нашиот министер имаше телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Разговараа за ситуацијата во Сирија, особено за Идлиб – изјави неименуваниот извор.
Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, на состанок во Сочи на 17 септември се договорија да формираат 15-20 километри широка демилитализирана зона долж линијата за контакт во Идлиб.
Анкара, меѓутоа, бараше дополнително време пред покренување на заедничките патроли, бидејќи не беше во состојба да ја осигура безбедноста.
Турската агенција Анадолија на 8 март извести дека вооружените сили на двете земји почнале да патролираат во Идлиб во согласност со договорот постигнат со Русија.